У.бр.34/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.34/2025
Скопје, 24.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 599 став 1 точка 6 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр. 28/2004, 84/2005, 71/2006, 25/2007, 87/2008, 17/2009, 23/2009, 42/2010, 48/2010, 8/2011, 21/2011, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 217/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018, 120/2018, 195/2018 и 239/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.79/2020, 123/2020, 290/2020, 215/2021, 99/2022 и 272/2024) и член 44 став 2, член 45 став 1 и членовите 46 и 47 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019 и 252/2023).

Образложение

I

Влатко Атанасоски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од законите означени во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби се спротивни на член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот со кои се уредува слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок и се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Подносителот наведува дека оспорените одредби од Законот за трговските друштва и Законот за прекршоците ја ограничуваат слободата на пазарот и претприемништвото од причини што наметнуваат парични казни и забрана за дејност поради неподнесување годишна сметка без притоа да се земат предвид потенцијалните оправдувања или моменталниот статус на трговското друштво и претставуваат непропорционално ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото.

Во наводите во иницијативата подносителот смета дека член 55 од Уставот е во насока дека Уставот дозволува ограничување на слободата на пазарот само до степен што е неопходен за заштита на областите од јавен интерес како што се националната безбедност, јавното здравје или животната средина. Казнените мерки наведени во оспорените членови, вклучително и потенцијалните забрани за дејност не служат на ниту еден уставно признат јавен интерес.

Имајќи ги предвид аргументите дека овие одредби наметнуваат прекумерни ограничувања на економската слобода и непропорционални казни кои не се усогласени со Уставот, подносителот бара од Уставниот суд да ги оцени одредбите од Законот за трговските друштва и Законот за прекршоците како неуставни.

II

На седницата Судот утврди дека член 599 став 1 точка 6 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр. 28/2004, 84/2005, 71/2006, 25/2007, 87/2008, 17/2009, 23/2009, 42/2010, 48/2010, 8/2011, 21/2011, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014, 138/2014, 88/2015, 192/2015, 217/2015, 6/2016, 30/2016, 61/2016, 64/2018, 120/2018, 195/2018 и 239/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.79/2020, 123/2020, 290/2020, 215/2021, 99/2022 и 272/2024) определува дека глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на трговското друштво, ако: не составува, не објавува и не доставува годишни сметки, односно и консолидирани годишни сметки, финансиски извештаи и консолидирани финансиски извештаи, кога имаат обврска за тоа со овој закон (член 476 став (1), член 477 ставови (1), (4), (5), (8) и (12), член 482 ставови (1) и (2), член 504 и член 506 ставови (4) и (5))

Во член 44 став 2 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019 и 252/2023) е регулирано дека надлежните органи овластени за поведување прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот постапка за порамнување или спогодување пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, доколку тоа е определено со закон.

Според член 45 став 1 од истиот закон е регулирано дека постапката на порамнување се води како постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Член 46 став 1 од Законот определува дека кога овластеното службено лице ќе констатира прекршок составува записник во кој ги забележува битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, времето, местото и начинот на сторувањето на прекршокот, описот на дејствието, правната квалификација на прекршокот и лицата затекнати на самото место, како и дава предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог. Записникот го потпишува овластено службено лице и сторителот.

Според став 2 од истиот член, по исклучок од ставот (1) на овој член, ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, односно со податоци од службена евиденција записникот го потпишува само овластеното службено лице.

Во став 3 од истиот член е определено дека доколку во постапката на сторителот му бил издаден прекршочен платен налог, тоа ќе се забележи во записникот за констатиран прекршок, а според став 4, доколку сторителот не се согласи да му биде издаден прекршочен платен налог или со закон не е пропишано издавање на прекршочен платен налог, истото ќе се забележи во записникот за констатиран прекршок, a овластеното службено лице поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд односно прекршочен орган.

Според член 47 став 1 од истиот закон, кога овластеното службено лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на прекршочен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му го врачи прекршочниот платен налог.

Во став 2 е определено дека во прекршочниот платен налог се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука како и други податоци во согласност со закон.

Видно од став 3 од истиот член, во постапката за порамнување глобата во прекршочниот платен налог се изрекува во фиксен износ пропишан со закон, а ако глобата е пропишана во распон се изрекува минималниот пропишан износ за прекршокот.

Со став 4 е определено дека по приемот на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно со ставовите (2) и (3) на овој член во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во прекршочниот платен налог а според став 5 сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.

Според оспорените ставови 6 и 7 од истиот член, е определено дека во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката. Сторителот којшто со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со прекршочниот платен налог.

Во став 8 е регулирано дека ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставовите (4) и (7) на овој член, овластеното службено лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд односно прекршочен орган.

Согласно став 9 од истиот член, органот надлежен за покренување на прекршочна постапка може привремено да ги одземе патната исправа или личната карта на странец и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но најдолго осум дена од денот на одземањето на патната исправа или личната карта на странец и возачката исправа.

III

Во член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија се утврдени темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу кои и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со член 33 е определено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Во став 2 на овој член е предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според став 3 од овој член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според Законот за трговските друштва во член 469 е регулирана обврската за водење на сметководство на начин определен според овој закон и прописите од сметководството за сите трговци без разлика дали станува збор за големи, средни, мали или микро трговци.

Според член 471 од овој Закон, секој трговец, согласно принципите на правилно водење на сметководство, води трговски книги, на начин што ги прави видливи сите преземени трговски правни работи, состојбата на средствата, обврските, главнината, приходите и расходите. Трговските книги се водат на таков начин, што секое трето лице – експерт, при прегледувањето на книгите може да стекне општ преглед и увид во врска со работењето на трговецот и во врска со финансиската состојба и финансискиот резултат на неговото друштво.

Во член 472 од овој закон, е определено дека трговските книги се водат врз основа на веродостојни сметководствени документи.

Од член 476 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот, произлегува обврска по истекот на деловната година, секој трговец и секоја подружница на странско друштво да состават годишна сметка и финансиски извештаи. Притоа под деловна година се подразбира календарска година. Годишната сметка ги вклучува билансот на состојба и билансот на успех и објаснувачки белешки. Финансиските извештаи вклучуваат биланс на состојба и биланс на успех, извештај за промените во главнината, извештај за паричните текови, применетите сметководствени политики и други објаснувачки белешки изготвени согласно со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

Во став 5 од истиот член од Законот е предвидено трговецот да состави годишна сметка и финансиски извештаи и во покус период од календарската година во случај на статусни промени во трговското друштво (присоединување, спојување, поделба), ликвидација, стечај и во други случаи определени со закон.

Член 467 во ставови 6, 7 и 8 од истиот закон определува дека годишната сметка и финансиските извештаи ги потпишува сметководителот, односно овластениот сметководител кој ги составил, при што се наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран сметководителот во Институтот на сметководители. Годишната сметка и финансиските извештаи пред поднесување во Централниот регистар се потпишуваат и од законскиот застапник на трговското друштво.

Според член 477 став 1, рокот за изготвување на годишна сметка и на финансиските извештаи не може да биде подолг од два месеци по истекот на деловната година, освен ако надлежен државен орган не го продолжи на три месеци. По исклучок, во став 2 од овој член, законодавецот предвидел, за трговци со сезонски карактер на дејност можат годишната сметка и финансиските извештаи да ги изготват за деловната година, која во ваквите случаи е различна од календарската година, врз основа на посебно барање на трговецот и одобрено решение од министерот за финансии.

Според ставовите 4 и 5 од истиот член, годишните сметки се доставуваат до Централниот регистар до крајот на месец февруари наредната година, односно во рок од 60 дена од денот на отворањето на постапката за ликвидација или стечајна постапка или настанување на статусна промена, а сметките изготвени за покуси периоди се доставуваат до крајот на наредниот месец по истекот на последниот месец од пресметковниот период. Централниот регистар има обврска да ги обработува годишните сметки за потребите на Министерството за финансии. По исклучок, во електронска форма, годишната сметка може да се достави и до 15 март наредната година.

Во ставовите 10, 11 и 12 од член 477 е пропишано дека трговци поединци и трговски друштва кои не вршеле никаква трговска дејност, односно дејност која според природата и обемот на дејствување може да се смета за трговска во претходната година се должни до Централниот регистар покрај писменото известување дека не биле активни да достават и годишна сметка, за кои субјекти потоа се спроведува постапка на утврдување на неактивен субјект, а трговци кои не доставиле годишна сметка и известување дека не биле активни во последната деловна година се бришат од регистарот на начин и постапка согласно овој закон.

Понатаму, според член 504 консолидирана годишна сметка и консолидирани финансиски извештаи изготвуваат трговските друштва кои имаат преовладувачко влијание во едно или повеќе друштва а според член 506 овие годишни сметки односно финансиски извештаи не можат да бидат одобрени од друштвото без да биде извршена ревизија на истите од страна на овластен ревизор.

Несоставувањето, необјавувањето и недоставувањето на годишните сметки, односно консолидираните годишни сметки, финансиски извештаи и консолидирани финансиски извештаи од страна на трговските друштва се причина за изрекување на глоба за прекршок на трговското друштво.

Согласно со класификацијата на трговците, пропорционално, во член 599 е определена висината на глобите. Така, предвидена е глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 3.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Дадените наводи и аргументи на подносителот на иницијативата, според Судот, се неиздржани од следниве причини:

Одредбите од Законот за трговските друштва коишто ги уредуваат трговските книги, годишните сметки, финансиските извештаи ги содржат правилата што го сочинуваат т.н. кодекс на европско билансно право. Овие одредби ја определуваат обврската за водење сметководство за сите трговци без разлика дали станува збор за големи, средни, мали или микро трговци како и обврска за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи за секоја деловна година. Главен корисник на годишните сметки е државата која даночните извештаи односно годишните сметки ги користи како основа за подготвување на даночниот биланс и исполнување на даночните цели. Од друга страна пак, корисник на финансиските извештаи се трговските друштва, односно јавноста, инвеститорите, доверителите (домашни или странски) кои сакаат да бидат известени за работењето на друштвата и врз основа на овие финансиски извештаи да донесат определена деловна одлука.

Поднесувањето на годишните сметки и финансиските извештаи како и консолидирани годишни сметки и консолидирани финансиски извештаи се првите и најважни податоци согласно закон од кој зависи целокупната пресметка на даноците и другите давачки во државата а воедно ја покажуваат транспарентноста и законитоста во деловното финансиско работење на трговските друштва.

Овие обврски се во функција на операционализација на член 33 од Уставот на Републиката со кој се определува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Оттука, погрешно е толкувањето на подносителот дека овие обврски се во спротивност со член 55 од Уставот на Република Северна Македонија, од причини што обврската за водење на сметководство, составување, објавување и доставување на годишни сметки се однесува на сите трговски друштва како правни субјекти основани во согласност со Закон за вршење на трговска дејност и истите имаат еднаква правна положба на пазарот, а во тие рамки е и оваа обврска.

Од друга страна, пропишаните глоби за непочитување на овие законски одредби од страна на трговското друштво и одговорното лице во трговското друштво во поглед на несоставувањето, необјавувањето и недоставувањето на годишните сметки го операционализираат владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и начелото на законитост во Републиката кое е подигнато на ранг на уставно начело.

Принципот на законска определеност на прекршоците и на санкциите односно изречените глоби служат како гарант за почитување на законите од една стана и како гарант за остварување на казнената политика на државата вградена преку нејзините казнени закони од друга страна.

Во поглед на непочитување на одредбите од Законот за трговските друштва, законодавецот ги определил санкциите односно висината на глобите притоа водејќи сметка за критериумите утврдени со Законот за прекршоци, и тоа: вкупниот приход остварен во претходната фискална година, просечниот број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец односно месецот во кој е сторен прекршокот и врз основа на претходното поведение на сторителот на прекршокот. На тој начин правните лица со помал вкупен приход и помал број вработени ќе плаќаат пониски казни за исти прекршоци во однос на казните кои ќе ги плаќаат правните лица со поголем вкупен приход и поголем број вработени.

Понатаму, член 605-г од Законот за трговските друштва упатува на Законот за прекршоците односно дека одмерувањето на висината на глобата на правното лице, односно на трговецот поединец, се врши согласно со Законот за прекршоците.

Со точка 1 став 1 на Амандманот XX од Уставот е прецизно предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Во одредбите од Законот за прекршоците кои подносителот ги оспорува е регулирана постапката за порамнување и спогодување. Целта на овие постапки за порамнување и спогодување е токму во насока на постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување прекршочна постапка за отстранување на штетните последици од сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа и избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежен суд.

На овој начин надлежните органи овластени за поведување прекршочна постапка се должни на сторителот да му предложат постапка за порамнување (тука глобата се изрекува во фиксен износ пропишан со закон, а ако глобата е пропишана во распон се изрекува минималниот износ пропишан за прекршокот) или постапка за спогодување (оваа постапка се води за прекршоци од областа на даноци, царини, јавен долг, јавни финансии и сл). Во постапката за спогодување сторителот на прекршокот е должен да ја плати договорената глоба (која не може да биде помала од половината од пропишаната фиксна глоба или половина од пропишаниот минимум кога глобата е пропишана во распон) и да ги отстрани последиците од прекршокот или да исполни некоја обврска предвидена со закон.

Преку ваквите законски решенија, законодавецот му дава можност на сторителот на прекршокот без дополнителни судски трошоци и водење судски постапки пред надлежен суд со помала глоба да ја отстрани последицата од прекршокот или да ја исполни пропишаната законска обврска која пропуштил да ја стори.

Ако постапката за спогодување не успее, надлежниот орган кој го констатирал прекршокот, поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред суд или прекршочен орган, а трошоците на постапката паѓаат на товар на сторителот.

На сторителот на прекршокот, доколку смета дека неправилно му е одмерена и изречена прекршочната санкција, законски му се овозможува преку соодветни правни лекови и судски постапки да ги образложи потенцијалните оправдувања за непостапувањето, како што наведува и во самата иницијатива.

Во однос на наводите за непропорционалност на санкциите на кои се повикува подносителот на иницијативата, односно паричните казни заедно со потенцијалната забрана за дејност, дека несразмерно ја нарушувале слободата на претприемништвото Судот оцени дека се неосновани.

Имено, според член 23 став 3 од Законот за прекршоците, глобата се изрекува како главна парична санкција, а според став 6 од истиот член забрана за вршење професија, дејност или должност се изрекува како самостојна прекршочна санкција во случај определен во закон.

Според член 72 став 1, овластени службени лица во органите на државната управа или организации и други органи што вршат јавни овластувања на надзор над спроведување на законите, во случаите уредени со закон, можат на сторителот на прекршокот привремено да му забранат вршење на дејност со која е извршен прекршокот ако постои опасност од повторување на прекршокот или за отстранување на последиците од прекршокот и се должни да поднесат барање за поведување прекршочна постапка најдоцна во рок од 15 дена од денот на констатирањето на прекршокот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека Законот за трговските друштва е во корелација со Законот за прекршоците во делот кој ги регулира прекршочните санкции за изрекување прекршок на трговското друштво за несоставување, необјавување и недоставување годишни сметки, односно и консолидирани годишни сметки, финансиски извештаи и консолидирани финансиски извештаи за кои имаат обврска согласно закон.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа дека секој е должен да го почитува Уставот и законите. Непочитувањето на законски определените обврски за конкретни ситуации предизвикуваат спроведување на соодветни постапки и изрекување на пропорционални санкции.

Судот оцени дека оспорените одредби од член 599 став 1 точка 6 од Законот за трговските друштва и член 44 став 2, член 45 став 1 и членовите 46 и 47 од Законот за прекршоците се во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија од аспект на наводите во иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски