У.бр.265/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.265/2024
Скопје, 22.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Соопштението бр.02-763/1 од 10.06.2024 година на Стоматолошката комора на Македонија.

Образложение

I

Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина – Кавадарци, преку претседателот д-р Жарко Ѓорѓиев, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на оспореното соопштение означено во диспозититивот на ова решение.

Подносителот смета дека истото е спротивно на член 262 од Законот за здравствена заштита и член 25 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.

Според подносителот, оспореното соопштение претставува јавен повик кој е општо обврзувачки акт за подносителите на барањата и  претставува општ акт кој претседателот на Комората нема право да го донесува. Ваквото сооопштение е спротивно и на Одлуката на Уставниот суд У.бр.147/2021 од 15 мај 2024 година, со која се укинуваат Одлуката бр.17-234/3 од 19.02.2021 година и јавниот повик број 17-271/1 од 19.02.2021 година, донесени од страна на Комисијата за стручни прашања на Стоматолошката комора.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека претседателот на Комората со ваквото соопштение прави обид да не ги спроведува одлуките на Уставниот суд, на начин што имал намера настанатата ситуација да ја реши преку соопштение коешто било објавено на веб-страницата на Комората во делот активности на претседателот, а не во делот на континуирано стручно усовршување и Комисијата за стручни стоматолошки прашања, што јасно укажува на фактот дека намерата е истото да биде недостапно за јавноста.

Според подносителот, од формата и содржината на соопштението, јасно може да се заклучи дека станува збор за јавен повик што е донесен како соопштение и во истото се поставени нови услови, процедури и постапки со кои на избраните спроведувачи им се овозможува да остварат одредени дејствија врз основа на укинати општи акти.

Спротивно на Правилникот за континуирано стручно усовршување, во оспореното соопштение е определен рок за поднесување на барање со важност од една година односно од јуни 2024 до јуни 2025 година. Повикот за поднесување нови барања од 10 до 17 јуни за донесување Решение за избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување, претставува повреда на член 25 од Правилникот и потврда дека претседателот на Комората и Комисијата за стручни прашања не ја спроведуваат Одлуката на Уставниот суд У.бр.147/2021 од 15 мај 2024 година. Правилникот не допушта можност барањата за избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување да се поднесуваат по 30 март во тековната година, ниту допушта можност да се донесуваат решенија за избор на спроведувачи за период од една година.

Подносителот наведува дека претседателот на Комората со соопштението определил кои документи треба да бидат во прилог на барањето и предвидел дека за избраните спроведувачи од 2021 година потребно е да поднесат само барање без документи во прилог.

Се наведува дека целта на претседателот на Комората со оспореното соопштение била да претстави лажна слика дека Комората ја спроведува Одлуката на Уставниот суд на начин што со измена во решенијата за избор на спроведувачи од 2021 година во делот кој го  определува времето на важење од 15 јуни 2021 година до 15 јуни 2025 година, и дотогашниот рок го заменил со рокот од месец јуни 2024 до јуни 2025 година.

Поради ова се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на предметното соопштение и истото да го поништи, а до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспореното соопштение.

II

На седницата Судот утврди дека со оспореното соопштение број 02-763/1 од 10.06.2024 година, се повикуваат заинтересираните лица за спроведувачи на облиците на континуирано стручно усовршување со важност до јуни 2025 година, да достават барање до Стоматолошката комора на Македонија преку пошта или лично преку архивата на Стоматолошката комора и кон барањето да достават докази/прилози за исполнетост на критериумите за избор согласно со член 24 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Член 129 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024), е насловен „Обновување на лиценцата“. Во став 1 на истиот е предвидено дека на здравствен работник со високо образование може да му се обнови лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување, преку следење на новините во медицината, стоматологијата, односно фармацијата и унапредување на сопственото знаење, се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа. Согласно со став 4 од истиот член, облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите од ставот (1) на овој член ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

IV

Врз основа на овластувањето од член 129 став 4 од Законот за здравствената заштита, Собранието на Стоматолошката комора на Македонија донело Правилник за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 217/2020).

Со иницијативата се оспорува Соопштението донесено на Стоматолошката комора на Македонија, број 02-763/1 од 10.06.2024 година, со кое се повикуваат заинтересирани лица да достават барања за донесување решение за спроведувач на континуирано стручно усовршување. Во соопштението е наведено дека заинтересираните лица можат да ги достават барањата по пошта или лично преку архивата на Стоматолошката комора, како и да достават доказ за исполнетост на критериуми за избор согласно со член 24 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.

Имајќи предвид дека со ова соопштение не се утврдуваат услови за избор на спроведувач на континуирано стручно усовршување,  туку само се повикува на услови утврдени во Правилникот за континуирано стручно усовршување, Судот оцени дека истото нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оценка во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, туку истото е дејствие што го презема претседателот на Стоматолошката комора на Македонија со цел да ги повика заинтересираните лица да достават барања за донесување решение за спроведувач на континуирано стручно усовршување.

Поради ова, Уставниот суд на Република Северна Македонија оцени дека се исполнети условите предвидени со член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски