У.бр.18/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.18/2025
Скопје, 12.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста  на член 175 став 6 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 178/2021 и 58/2024).

Образложение

I

Александар Илиевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба е спротивна на член 9 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.

Како причини за неуставност на оспорената одредба од Законот, подносителот наведува дека истата го повредува правото на еднаквост на праѓаните пред Уставот и законите, како и уредувањето од член 32 од Уставот, според кој секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Имено, според подносителот ограничувањето определено со оспорената одредба, односно правото на лицето кое е избрано за асистент во високообразовна установа, да може само уште еднаш да биде избрано за таа позиција претставува дискриминација  и со тоа се повредуваат претходно наведените права на граѓаните предвидени со членовите 9 и 32 од Уставот.

Во таа смисла подносителот прави споредба со останатите ставови од член 175, во кои се пропишува рокот за избор за други звања, односно за доцент и вонреден професор, редовен професор, предавач и виш предавач, лектор и виш лектор и уметнички и стручен соработник, а за кои не постои ограничување на правото на реизбор.

Се наведува дека ограничувањето од оспорената одредба во однос на звањето асистент претставува дискриминација, а исто така тоа го повредува правото на социјална сигурност загарантирано со член 34 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи го предвид горенаведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 175 став 6 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 178/2021 и 58/2024), асистент се избира за време од три години, со право на уште еден избор во истото звање на иста високообразовна установа.

III

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 32 од Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член  1 од Законот за високото образование, се предвидува дека со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.

IV

Од анализата на горенаведените уставни и законски одредби произлегува дека оспорената одредба не создава нееднаков третман помеѓу лица во иста или слична правна положба. Ограничувањето за избор на асистенти не се однесува на личните карактеристики на кандидатите (пол, возраст, националност, политички убедувања и сл.), туку на природата на звањето „асистент”, кое по своја суштина е почетна академска позиција со временски ограничен мандат.

Ограничувањете на бројот на избори во истото звање на истата високообразова уставнова се заснова на разлики во хиерархијата на академските звања, со што не се создава различен и неповолен третман меѓу лица со исти квалификации.

Во академските институции, почетните наставни звања (како асистенти) претежно се временски ограничени, заради поттикнување на професионален развој и спречување на стагнација во образовниот систем. Бидејќи ова ограничување не се заснова на лични карактеристики, туку на академски правила за напредок во кариерата, не може да се смета дека член 175 став 6 од Законот за високо образование го повредува член 9 од Уставот.

Во однос на неусогласеноста на оспорената одредба со член 32 од Уставот, Судот оцени дека законското ограничување на бројот на мандати за асистент не го повредува правото на работа, бидејќи истото не ја ограничува слободата на лицето да работи во високообразовни институции по истекот на двата мандати како асистент, туку напротив лицето може да аплицира за други академски позиции, како доцент, или пак да конкурира на други универзитети.

Како што и претходно е наведено, асистентското звање е привремена позиција во академските институции, и се смета за преодна фаза кон повисоки наставни и научни позиции (доцент, вонреден и редовен професор). Оваа одредба не го ограничува пристапот до повисоки звања, туку спречува бесконечно задржување на почетна позиција без напредок.

Оспорената одредба во суштина ја поттикнува академската мобилност и развојот на високото образование, воедно спречува ситуација во која едно лице би останало асистент на неодредено време, што би можело да резултира со застој во развојот на академскиот кадар. Исто така, одредбата поставува временска рамка за почетната фаза на академската кариера, со што поттикнува понатамошен професионален развој.

Според Судот, оспорената одредба има легитимна цел и не е диспропорционална, бидејќи лицата по истекот на времетраењето предвидено за ова звање имаат можност за напредување во академската кариера, а мерката предвидена во неа е сразмерна и во согласност со академските правила.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и дека член 175 став 6 од Законот за високо образование е во согласнот со член 9 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски