УЗ.бр.25/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.25/2025
Скопје, 22.10.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2013).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот наведува дека оспорениот правилник е донесен на 30 август 2013 година врз основа на член 52 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010 и 135/2011), а во врска со член 10 став 2 алинеја 6 од Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2009 и 158/2010).

Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), притоа оспорениот правилник не е усогласен во рокот од 18 месеци од денот на влегување во сила на тој закон.

Врз основа на наведеното подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник по што, истиот ќе го укине како спротивен на Уставот и законот.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 52 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/2005, 103/2008, 124/2010 и 135/2011), а во врска со член 10 став 2 алинеја 6 од Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2009 и 158/2010), Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, на седницата одржана на 15.08.2013 година го донел Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2013).

Со член 1 од Правилникот, е пропишано дека со овој правилник се уредува начинот на уништување на документите, што содржат лични податоци, како и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Согласно со член 2 од истиот правилник, документите што содржат лични податоци, по истекот на определениот рок за нивно чување, се уништуваат од комисија определена од страна на претседателот на Советот на експерти на Агенцијата. Документите, од став 1 од овој член, се уништуваат со уред за ситнење (шредер) за што комисијата составува записник.

Според член 3 од Правилникот, по пренесувањето на личните податоци од медиумот или по истекот на определениот рок за чување, медиумот се уништува, брише или пак се чисти од личните податоци кои се снимени на него. Уништувањето на медиумот се врши со механичко разделување на неговите составни делови со што истиот повторно да не може да биде употреблив. Бришењето или чистењето на медиумот се врши на начин што оневозможува понатамошно обновување на снимените лични податоци. За уништување, бришење и чистење на медиумот комисијата составува записник, кој ги содржи сите податоци за целосна идентификација на медиумот, како и за податоците снимени на истиот.

Во член 4 е пропишано дека овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Согласно со член 1 од Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 118/2025 од 12.06.2025 година), со овој правилник престанува да важи Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2013) и Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 128/2019).  Со член 2 од истиот се пропишува дека овој правилник влегува во сила на денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија,

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

IV

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување на седницата одржана на 29.05.2025 година, донела Правилник за престанување на важење на Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 118/2025 од 12.06.2025 година).

Согласно со член 1 од Правилникот, со овој правилник престанува да важи Правилникот за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2013) и Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 161/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 128/2019).  Со член 2 од истиот се пропишува дека овој правилник влегува во сила на денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Од наведената фактичка состојба произлегува дека со влегување во сила новиот правилник престанал да важи оспорениот правилник, поради што Судот утврди дека истиот е надвор од правниот поредок.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата  согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски