БЗСП.бр.4/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
БЗСП.бр.4/2025
Скопје, 22.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Александар Насковски од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на работен статус, заштита на правото на слободно изразување, правото на мирно собирање и изразување на јавен протест.

Образложение

I

Александар Насковски од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на работен статус, заштита на правото на слободно изразување, правото на мирно собирање и изразување на јавен протест.

Според наводите во барањето, со член 2 став 4 од Договорот за продолжување на Договорот за работа на определено време на професионалниот војник на служба во Армијата, се повредува член 21 на Уставот, со кој се гарантира правото за мирно собирање и изразување на јавен протест и се врши дискриминација со што се повредува член 9 од Уставот.

Оваа одредба од Договорот, ја ограничува слободата на изразување и правото за мирно собирање и изразување на јавен протест, создава основ за притисок, закани, дискриминација и деградирање по разни основи врз професионалните војници од страна на претпоставените старешини.

Понатаму, во барањето се наведува дека професионалните војници се дискриминирани по основ на работен однос во Министерството за одбрана, бидејќи оваа дискриминирачка одредба постои исклучиво во договорите на професионални војници, за разлика од другите вработени во ова министерството, што создава нееднаквост.

Врз основа на сето погоре наведено, подносителот на барањето бара Уставниот суд да го укине член 2 став 4 од договорите на професионалните војници како неуставен и дискриминирачки и да се наложи на Министерството за одбрана да склучува нови договори коишто нема да содржат вакви одредби.

Со оглед на тоа што од извршувањето на оспорените поединечни акти или дејствија може да настанат неостранливи или тешко отстранливи последици, барателот предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на актот, со којшто смета дека му се повредени слободите и правата.

II

На седницата Судот утврди дека Министерството за одбрана и  Александар Чедомир Насковски како професионален војник на служба во Армијата на Република Северна Македонија, на ден 15 јули 2024 година склучиле Договор за продолжување на Договорот за работа на определено време на професионалниот војник на службата во Армијата, ОУ бр.04-1/995.

Во член 2 став 4 од Договорот е предвидено дека секое изразување на незадоволството во форма на протест, лични јавни истапи преку кои се нарушува угледот на Армијата и на Република Северна Македонија, како и на други форми што се спротивни со закон и одредбите на овој доброволно потпишан договор, се смета за повреда на законот и овој договор и е основ за негово раскинување од страна на Министерството за одбрана.

III

Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е пропишано дека секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

IV

Судот утврди дека актот – договорот на кој се повикува барателот не е поединечен акт во смисла на член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд. Имено, станува збор за акт – правно дело договор од областа на работните односи, во кој доаѓа до израз согласноста и слободната волја на две рамноправни страни (граѓанин и Министерство), во кој Министерството настапува во својство на договорен субјект.

Во конкретниот случај, договорот склучен помеѓу Министерството за одбрана и барателот не создава правен однос меѓу два правни субјекти во кој едниот е во надредена положба како јавна власт, туку е договорен однос во кој страните се еднакви и рамноправни, па оттука не постои акт на јавната власт со кој може да биде сторена повреда на правото, што е неопходен услов за активирање на уставно–судска заштита, поради што Судот оцени дека не се исполнети процесните услови за мериторно одлучување по барањето.

По однос на барањето од страна на барателот за бришење на одредба од договорот, Судот оцени дека станува збор за прашање коешто излегува надвор од рамките на уставно утврдените надлежности на Уставниот суд.

Во постапката за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, не се врши апстрактна контрола на уставноста и законитоста, туку тоа е предмет на посебна постапка пред Судот. Од друга страна, пак договорот кој е во прашање не претставува пропис чијашто уставност и законитост може да се оценува од страна на Уставниот суд.

Имајќи го предвид сето погоре наведено, Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од член 53 од Актот на Уставниот суд за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата. Од тие причини, согласно со член 38 алинеја 3, а во врска со член 70 од Актот, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски