Дневен ред за 27. седница закажана за 10 декември 2025 година во 9:30 часот

На 10 декември 2025 година со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 27. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по 11 иницијативи за оценување на уставност и законитост.

 I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.243/2024

Oспорен акт: член 215 став 6 од Кривичниот законик („Службен весник на  Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017, 248/2018 и „Службен весник на  Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023).

Подносител на иницијативата: Васко Рубаноски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорената одредба се повредува владеењето на правото бидејќи според него се предвидува неказнување на производството на опојни дроги за лична употреба. Според подносителот постои опасноста тие дроги, психотропни супстанци наместо за сопствени потреби да се пуштат во промет. 

2. Реферат У.бр.270/2024

Оспорен акт: член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на законот  за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на  Република Северна Македонија“ бр.193/2024).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Подносителот смета дека оспорената одредба има ретроактивно дејство и е спротивна на Уставот. Подносителот тврди дека оспорената одредба од член 18 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување е објавена во Службен весник на 18.09.2024, од кој датум почнува со примена Законот и според него, на таков начин се воспоставува ретроактивно дејство. Имено, се наведува дека со одредбата од член 18 се исклучува од примена друга одредба на одреден временски период без доволно образложени причини, односно со оспорените одредби се исклучува од примена членот 37 и во тој случај на 1 септември 2024 година, заклучно со 31 август 2024 година сите видови пензии се зголемуваат за 2500 денари. 

3. Реферат У.бр.5/2025 

Оспорен акт: член 9 став 1 во делот „на правосилноста“, член 9 став 2 во делот „на  правосилната“, член 9 став 3 во делот „за правосилни“, член 9 став 4 во делот „без образложение“ од Законот за управување со движењето  на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.42/2020).

Подносител на иницијативата: Александра Илиевска-Милчова

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот, бидејќи според неа, пресудите кои ги донесуваат судовите се изрекуваат јавно и јавноста треба да биде запознаена со одлуките. Се наведува дека согласно член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка се должни во рок од два дена од донесувањето да ги објават на веб-страницата на судовите, што според подносителката е во колизија со оспорените членови. 

4. Реферат У.бр.12/2025

Оспорен акт: делот „следува надоместок“ од членот 34 став 5 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/2019, 99/2022, 129/2023, 253/2023 и 147/2024) и Точка 1 од Одлуката за давање согласност за  присоединување на Друштвото за производство, трговија и услуги  увоз-извоз Боров Дол  ДООЕЛ Радовиш кон Друштвото за  производство, трговија и услуги БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш бр.41- 12385/7 од 31.12.2024 година („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.2/2025). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените делови се во спротивност со една од темелните вредности на Уставот- владеењето на правото бидејќи, според него се остава можност на арбитререн начин да се определува „надоместокот”. 

5. Реферат У.бр.79/2025

Оспорен акт: член 172 став 1 во делот „на тендерската документација“ и во делот  „пред објавување на огласот за јавна набавка“ од Законот за јавните  набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2019 и  „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2021 и  14/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во ининијативата:

Подносителот тврди дека оспорените делови не создаваат функционална целина на одредби кои би биле применливи во правниот поредок. 

6. Реферат У.бр.103/2025

Оспорен акт: член 29 став 5 од Законот за рибарство и аквакултура („Службен  весник на Република Северна Македонија“ бр. 64/2024 и 160/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорените одредби ја разнишуваат правната сигурност бидејќи, според него постои правна празнина која може да се користи на арбитререн начин, што не е во согласност со начелото на владеењето на правото и член 8 од Уставот. 

7. Реферат УЗ.бр.1/2025

Оспорен акт: Одлука за престанување на важење на одлука за прифаќање на  старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на  служба во ЈНА од страна на Република Македонија, донесена од  Владата на Република Македонија на 26.12.2007 година („Службен  весник на Република Македонија“ бр.158/2007).

Подносител на иницијативата: Зоран Салтамарски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека Одлуката нема еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата и дека нерамноправно e лишен од одредени поволности кои ги добиле други вработени во АРМ. 

8. Реферат У.бр.154/2023

Oспорен акт: Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Регулациски  план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за  четврт С3 19, донесена од Советот на Град Скопје co бр.27-7740/1 од 20.07.2023 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.10/2023).

Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа

Подносителот тврди дека согласно членот 36 од Законот за локална самоуправа не произлегува законска можност за советите на општините и на Градот Скопје да можат да поништат одлука за урбанистичките планови, туку само да донесат одлука за донесување на урбанистички планови. Според подносителот, законските одредби не познаваат поим поништување на урбанистички план, односно поништување на актот со кој е донесен урбанистичкиот план. 

9. Реферат У.бр.154/2024

Oспорен акт: Одлука за донесување на Урбанистички Проект со план за  парцелација на г.п.7.5.2.04 Блок 7-Гевгелија (КП бр.2886/2 КО  Гевгелија), Општина Гевгелија, бр.09-178/1 од 30.01.2023 година, донесена од Советот на Општина Гевгелија („Службен гласник на  Општина Гевгелија“ бр.1/2023)

Подносители: Група граѓани од Гевгелија – Јован Туртуров и други

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите на иницијативата преку петиција од вкупно 258 граѓани на Општина Гевгелија бараат суспензија на ДУП за дел Блок 7 (Блок 7,5) затоа што двојно се зголемени градежните линии на површините за градеење, при што со Измената на ДУП-от коефициентот на изграденост е зголемен до 49%, со коефициент на искористеност до 2.0, а на штета на зелената површина која е намалена на само 20%. Ова е направено со двојно зголемување на сите површини за градење, дури и на постоечки градби без да се води сметка за континуитет на градбите, односно да нема засенчување на одредени објекти или приватноста на граѓаните. 

10. Реферат УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025

Оспорени акти: Одлука за усвојување на Конечен предлог Детален Урбанистички  План за Блок 25, Урбана Единица VI, VII и VIII зона, КО-Гостивар 1- Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански  период 2019-2029 („Службен гласник на Општина Гостивар бр.9/2025) и Одлука за усвојување на конечен Детален Урбанистички План за  Блок 24, КО Гостивар 1-Општина Гостивар, со површина на опфатот  (26.088 ха), за плански  период 2023-2028 („Службен гласник на  Општина Гостивар бр.9/2025).

Подносители на иницијативата: Министерство за транспорт 

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативите, меѓу другото се наведува дека општина Гостивар при донесување на одлуката за усвојување на Конечен предлог Детален урбанистички план, доставила допис до Министерството за транспорт. Советот на Општина Гостивар врз основа на заклучок на Комисијата за урбанизам на Општината и Известување од градоначалникот, а без претходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт, констатирал дека постапката може да продолжи, при што го усвоил урбанистичкиот план. Дополнително, како причини за оспорување е наведена и Стратегиска оцена за влијание на животната средина врз животот и здравјето на луѓето како спротивна на член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи не била донесена после годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на Општина Гостивар и не била објавена на веб-страницата на Општината. 

11. Реферат УЗ.бр.15/2025

Оспорени акти: Член 7 став 2, член 8 став 3 точка 1 алинеи 1 и 2, точка 2 алинеи 1 и  2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и  снабдувачот во краен случај од 17.11.2023 година и Прилогот 1 на  тарифниот систем каде се одределени коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи („Службен  весник на Република Северна Македонија“ бр.246/2023).

Подносител на иницијативата: Борче Ѓузелов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорените одредби Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, потрошувачите ги дели  во 4 блокови. Според наводите, со поделбата на блокови и разлика во цената кон потрошувачката се прави разлика од 400% во цената на киловат час електрична енергија меѓу 1 и 4 блок и Регулаторната комисија ги става потрошувачите во нерамноправна положба, односно некои се повластени а други дискриминирани. Како пример е наведено дека цената на потрошената електрична енергија согласно поделбата на блокови изнесува 4,4376 денари(kWh), додека во Блок 4 изнесува 18,3035 денари за kWh.