На 3 декември Уставниот суд ќе ја одржи 26. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
1.Реферат У.бр.5/2023
Oспорен акт: Член 6 став 2, член 37 став 2, член 111 ставови 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3 и член 139 став 2, сите во делот „напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот” од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022).
Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски и други
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека со Уставниот амандман V покрај македонскиот јазик е предвидено „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член” и смета дека ова се однесува како обврска на државата и институциите, но не и на приватните лица. Исто како и уставното уредување, Законот за употреба на јазиците е насочен за регулирање на односот и јазикот помеѓу државните единици и правни лица со јавни овластувања од јавен интерес и не го опфаќа начинот на комуникација меѓу приватните лица како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека трговецот има обврска за јасно и видливо информирање на потрошувачите од аспект на амбалажа, налепница, упатство, декларација, сертификат и/или друг документ да му даде прецизни информации на потрошувачот за стоката.
2. Реферат У.бр.26/2025
Оспорен акт: Член 59 и делот „не“ од член 63 став 3 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019 и 253/2023).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорениот збор „не” постои можност органот самостојно да ја менува правната квалификација на прекршокот кој е даден, како во барањето за поведување на прекршочна постапка, што може да доведе до неизвесност при воспоставување на нова состојба различна од онаа што ја дал како предлог подносителот на барањето за поведување на прекршочна постапка.
3.Реферат У.бр.33/2025
Оспорен акт: Член 4 став 7 во делот „буџетскиот корисник од прва линија“ и член 7 став 3 во деловите „втора линија буџетски корисници“ и „буџетскиот корисник од прва линија“ од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија” бр.20/2015, 44/2015 и 44/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека Законот за буџетите не уредува „буџетски корисник од прва линија” ниту „буџетски корисник од втора линија”. Според наводите, оспорените делови може да предизвикаат правна несигурност при примената и не се во согласност со темелното начело на владеење на правото.
4. Реферат У.бр.82/2025
Оспорен акт: член 145 став 1 во делот „и тоа од денот кога до тој работодавец е доставен налогог за извршување“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023).
Подносител на иницијативата: Илко Петров
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека со оваа одредба се овозможува злоупотреба на Законот. Се тврди дека со Законот се нарушува редоследот на намирување на долгот и според него потребно е воспоставување на ист редослед на намирување на долгот исто како и кај претходниот работодавач. На овој начин, според подносителот, од прва страна за намирување на долгот, при менување на работни места на должникот, постои опасност тој долг да стане последен во приоритетите за намирување па дури и никогаш да не биде наплатен.
5. Реферат У.бр.145/2024
Оспорен акт: Делот „како извршна исправа“ во став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, на Образец бр.21, уреден со член 2 од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 88/2019 и 90/2024).
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот образец даден во прилог на Правилникот кој се се повикува на „Заклучок за утврдување на трошоци за извршување“ нема законска основа бидејќи со Одлука на Уставниот суд У.бр.143/2016 е укината одредбата од Законот за извршување која предвидувала постоење на Заклучок за утврдување на трошоци како еден вид на извршна исправа. Имајќи во предвид дека наведениот заклучок повеќе не егзистира во правниот поредок како еден вид извршна исправа, постоењето на оспорената одредба во правниот промет создава нејаснотија и различно толкување при примената.
6. Реферат УЗ.бр.20/2025
Оспорен акт: член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2024).
Подносител на иницијативата: Мултиетнички синдикат претставуван преку претседател Александар Насковски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со членот 114 став 1 се предвидува дека Министерството соработува (преку финансирање) при реализација на синдикални спортски игри организирани од синдикатите, при што на Репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето плати, а на Синдикатот кај кого членуваат повеќе од 400 члена му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето плати. Според подносителот синдикатите имаат голем број на членови кои плаќајќи членарина овозможуваат самофинансирање, како на пример Репрезентативниот синдикат со 2500 членови има приближно 700 илјади денари, а дополнително со поддршката од Министерството има 170 илјади евра годишни приходи, за организирање на синдикални игри. Се тврди дека на овој начин останатите синдикати се дискриминирани, бидејќи според него, се фаворизира само Репрезентативниот синдикат, се обезбедуваат средства од буџетот на Министерството во приближна сума како што е потребната за Репрезентативниот синдикат, а со тоа се маргинализираат правата на професионалните војници.
7. Реферат УЗ.бр.40/2025
Оспорен акт: член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-стамбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија.
Подносител на иницијативата: Александра Дамчевска и други граѓани
Од наводите во иницијативата: Подносителите тврдат дека оспорениот член од Статутот е во спротивност со членот 20 од Уставот кој гарантира слобода на здружување, како и дека е во спротивност со членовите од Законот за работни односи кои предвидуваат доброволност при членство во здруженија на граѓани и синдикати. Според наведеното во иницијативата, се забранува истапување од СУТКОЗ цели три години по зачленувањето, што за подносителите на иницијативата е спорно бидејќи работниците од областа на угостителството, туризмот и комунално-станбеното стопанство се обврзани да бидат дел од наведениот синдикат 3 години, без можност за истапување порано, доколку така сметаат.
8.Реферат У.бр.37/2021
Оспорен акт: Член 7 став 5 и член 8 став 3 и став 8 алинеја 1 од Тарифата на премии за осигурување на сопственици на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.191/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/2024).
Подносител на иницијативата: Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата на работодавачите на трговските друштва за превоз на патници на Република Македонија Исток од Скопје, поддржан од уште 18 други превозници.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на инивијативата изнесува наводи преку пример од праксата и притоа наведува дека доколку сопственикот кој поседува 20 автобуси за кои склучил осигурување и со кои врши превоз на патници, а само четири од автобусите во тековната година според правилата на оспорената тарфифа не одговараат како четири возила, доплатената премија нема да се зголеми наредната година само за нив, туку за сите 20 автобуси или за сите од флотата, па според него, на тој начин ќе се достигне и повеќе од 100% зголемување. Се тврди дека е неприфатливо да се пренесува бонусот или малусот се до наредната година на осигурување кога и на тие возила ќе започне да се пресметуваат бонусот и малусот како за останатите возила од флотата.
II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. БЗСП бр.14/2025
Предмет: Барање за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност согласно член 110 алинеја 3 од Уставот
Подносител на барањето: Александар Наумоски
Оспорени акти: Одговор по барање на Собранието (Комисија за прашања на изборите и именувањата бр.16-280/3 од 09.06.2025 година)
-Решение бр.18-2567/2 од 01.04.2025 година за одбивање на барањето за остварување на право на плата по престанок на функцијата-претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија, донесено од Владата на Република Северна Македонија
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека е дискриминиран по однос на политичка припадност бидејќи бил избран на јавен оглас на функцијата претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија со мандат од 5 години. Тврди дека функцијата ја извршувал две години и десет месеци, дека е предвреме разрешен од страна на Владата без конкретни факти и без можност за жалба. Иако се обратил до Собранието за да добие право на плата по престанување на функцијата, наведува дека бил одбиен. Подносителот тврди дека незаконски му е ускратено правото кое е предвидено согласно член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, како и дека двете институции постапиле спротивно на член 9 од Уставот бидејќи го ставиле во нерамноправна положба со останати лица кои го оствариле истото право.
