На 26 ноември (среда) во 9:30 часот, Уставиот суд ќе ја одржи 25. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по десет иницијативи за оценување на уставност и законитост.
1. Реферат У.бр.55/2023
Оспорен акт: Член 28 став 1 точка 2 потточка 2.1 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2005, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 98/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 31/2016, 171/2017 и 120/2018) и член 92 став 3 точка 2 во делот „литар“ од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019, 143/2019, 225/2019, 275/2019, 77/2021, 57/2022 и 209/2023)
Подносители: Стојаноски Дејан и Србиноски Филип
Oд наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека во правниот промет постојат две одредби кои регулираат иста работа, односно дека има две правни правила за увоз на иста стока и тоа одредба која се користи и е номинирана во Законот за акцизи и правно правило кое се користи и е номинирано во царинската тарифа усогласена со номенклатурата на хармонизираниот систем на Светската царинска организација и комбинираната номенклатура на Европската заедница кои се применуваат непосредно.
2. Реферат У.бр.155/2023
Оспорен акт: Член 31 став 1 во делот „кој не може да биде пократок од 25 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.171/2022)
Подносител на иницијативата: Зоран Димовски
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорената одредба се повредува начелото на владеењето на правото, односно предлагачот на законот ја користи својата положба во системот на поделба на власта и предложил до Собранието практично да се намалат правата кои претходно биле загарантирани со самиот Закон за служба на АРМ. Подносителот смета дека е нејасно која е целта на ваквата одредба, бидејќи Законот за пензионирање го признава стажот од цивилството, т.е. од други организации додека за остварување на поповолни услови не го признава, со што практично воените лица кои имале стаж од други организации и неколку месеци и немале стаж од 25 години во Армијата на денот на прнзионирањето не можат да заминат во пензија, се до остварување на минимален стаж од 25 години во служба на Армијата. Се смета дека се дискриминирани и во понеповолна положба се оние кои не го исполнуваат тој услов.
3. Реферат У.бр.12/2025
Оспорен акт: Делот „следува надоместок“ од членот 34 став 5 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/2019, 99/2022, 129/2023, 253/2023 и 147/2024) и Точка 1 од Одлуката за давање согласност за присоединување на Друштвото за производство, трговија и услуги увоз-извоз Боров Дол ДООЕЛ Радовиш кон Друштвото за производство, трговија и услуги БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш бр.41- 12385/7 од 31.12.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.2/2025)
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените делови се во спротивност со една од темелните вредности на Уставот- владеењето на правото бидејќи, според него се остава можност на арбитререн начин да се определува „надоместокот”.
4. Реферат У.бр.24/2025
Оспорен акт: Член 22 став 1 во делот „обезбеди ликвидносна поддршка во исклучителни околности за банката“ и став 4 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 64/2012, 123/2012, 42/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021, 74/2024, 121/2024 и 16/2025) и член 2 точки 37 и 38 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016 и 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 122/2021 и 37/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека спорни се „исклучителните околности” под кои Народната банка може да обезбеди ликвидносна поддршка за банка во Република Северна Македонија, со цел одржување на стабилноста на финансискиот систем, што се одобрува во денари, а по исклучок во странска валута. Се наведува дека оспорената одредба од членот 22 став 4 од Законот за Народната банка е недоволно прецизна.
5. Реферат У.бр.27/2025, У.бр.50/2025 и У.бр.132/2025
Оспорен акт: Член 104-а од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 39/2025, 74/2025 и 124/2025).
Подносители на иницијативата(27/2025): Игорчо Точев, Љубица Стојковска-Перковска, Биљана Димовска, Рољанда Доко, Атеме Муамеди, Анета Стевановиќ, Мирјанка Тренчевска, Иљбере Нухиу (стручна служба при Управен суд Скопје)
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека согласно овој член договорот за вработување, работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со закон не е е поинаку уредено, со исклучок на лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган кое има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години, со писмена изјава до органот кој го избрал/именувал. Подносителите тврдат дека оспорената одредба е во спротивност со членот 9 од Уставот кој уредува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите.
Подносителка на иницијативата(50/2025): Јованка Тренчевска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката тврди дека предлагачот на Законот не дал образложени причини со кои се оправдува исклучокот за продолжување на старосната граница на избраните и именуваните функционери и го поставува прашањето дали именуваните функционери претставуваат дефицитарен кадар. Се тврди дека оваа одредба овозможила одредена категорија (избрани и именувани) да се стават во поповолна положба, наспроти сите работници за кои важи Законот за работните односи. Се наведува дека оспорената одредба е спротивна на членот 9 од Уставот кој уредува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и пред законите.
Подносител на иницијативата (132/2025): Александра Илиева-Милчова
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата тврди дека со оспорената одредба е воспоставена привилегија на оние кои се избрани функционери од надлежен орган во остварување на нивните права од работен однос, наспротив граѓаните кои мора да се пензионираат на 64 години и 15 години стаж, согласно членот 104 од Законот за работни односи.
6. Реферат У.бр.44/2025
Оспорен акт: Член 36 став 1 точка 8) од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.173/2022 и 47/2025).
Подносител на иницијативата: Виктор Василевски
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорената одредба е предвидено бришење на физичко лице кое има соодветно уверение за сметководител или овластен сметководител од соодветниот регистар само поради тоа што остварува право на пензија. Подносителот тврди дека на тој начин му се ускратува правото на граѓанинот кој се стекнал со пензија, да го изгуби основното професионално звање како сметководител и да биде ангажиран со договор на дело или работен однос.
7. Реферат У.бр.76/2025
Оспорен акт: Член 86 ставови 1, 2 и 4 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Подносител на иницијативата: Матеј Алексовски
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека постои правен пропуст кој води кон правна несигурност, бидејќи со оспорената одредба нотарот нема обврска подетално да ги запознае со содржината и да ги предупреди страните за последиците на делото. Дополнително, во иницијативата е наведено дека одредбата е во спротивност со Законот за облигациони односи.
8. Реферат У.бр.259/2024
Оспорен акт: Член 34 точки 1, 2, 3 и 4, член 35 точки 1, 2, 3 и 4 и член 46 ставови 7 и 8 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025).
Подносител на иницијативата:Филип Стефановски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорените одредби се изедначуваат радиодифузните друштва кои емитуваат авторски дела во рамки на музичката програма, без притоа да се земе предвид диференцирањето во зависност од тоа на кое подрачје се лоцирани, за кое имаат дозвола за работа. Подносителот смета дека со спорните одредби се изедначуваат надоместоците на авторите, без притоа да се земе предвид кое дело колку е користено, од кого и колкава публика го слушала. Се наведува дека оспореното е во спротивност со членот 55 од Уставот со кој е уредено прашањето на конкуренцијата, но и слободата на пазарот и претприемништвото.
9.Реферат УЗ.бр.33/2025
Оспорен акт: Одлука за донесување на Програма за урбанистичко планирање за 2025 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.22/2024).
Подносител на иницијативата: Викторија Андоновска
Од наводите на иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорената Програма е противуставна и противзаконита бидејќи е донесена во постапка, без претходно како предлог да биде доставена во Советот од страна на градоначалникот, односно најдоцна до 20 септември тековната година, за да може воопшто да биде одобрена од него во законски утврден рок, односно најдоцна до 15 ноември истата година. Се наведува дека Програмата е донесена по донесување на Буџетот на Општина Карпош и не е составен дел од него.
10. Реферат УЗ.бр.15/2025
Оспорен акт: Член 7 став 2, член 8 став 3 точка 1 алинеи 1 и 2, точка 2 алинеи 1 и 2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај од 17.11.2023 година и Прилогот 1 на тарифниот систем каде се одределени коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.246/2023).
Подносител на иницијативата: Борче Ѓузелов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорените одредби Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, потрошувачите ги дели во 4 блокови. Според наводите, со поделбата на блокови и разлика во цената кон потрошувачката се прави разлика од 400% во цената на киловат час електрична енергија меѓу 1 и 4 блок и Регулаторната комисија ги става потрошувачите во нерамноправна положба, односно некои се повластени а други дискриминирани. Како пример е наведено дека цената на потрошената електрична енергија согласно поделбата на блокови изнесува 4,4376 денари(kWh), додека во Блок 4 изнесува 18,3035 денари за kWh.