Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, денеска оствари средби со амбасадорите на Република Австрија, Н.Е. Мартин Памер, и на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери, во рамки на интензивираната меѓународна агенда и зголемената динамика во меѓународните активности на Судот.
На средбите, беа разменети мислења и идеи за зајакнување на соработката меѓу Уставниот суд на Република Северна Македонија и уставните судови на Република Австрија и Италија, која наредниот период треба да се реализира.

Претседателот Костадиновски ги информираше амбасадорите за тековните предизвици со кои се соочува Судот и по интерес на соговорниците, ги запозна со планираните активности во наредниот период, вклучувајќи постапување по предмети од висок јавен интерес, зајакнување на уставниот поредок, заштита на принципот на поделба на власта и унапредување на владеењето на правото.
Костадиновски изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на амбасадорот Памер во унапредувањето на соработката меѓу двата уставни суда, која во наредниот период ќе биде зајакната преку официјалната билатерална посета на претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартнер, неговото учество како главен гостин на Балканскиот форум на уставните судови којшто ќе се одржи следната година, како и организирањето на специјализирана обука за професионално усовршување на стручната служба на Уставниот суд на Република Северна Македонија преку студиски престој во Уставниот суд на Австрија.
