У.бр.211/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.211/2024
Скопје, 15.10.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 во делот „мали количини“ и член 29 став 1 алинеја 1 во делот „количества пропишани согласно со членот 14 на овој закон“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021 и 199/2023).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека од содржината на оспорената одредба од член 29 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, не се пропишуваат параметрите врз основа на кои би се определило колкав е минимумот или максимумот на количества на семенски и саден материјал. Поради тоа оспорениот дел од одредбата е недоволно јасен и прецизен, што не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој подразбира дека во правниот промет треба да постојат јасни и прецизни норми.

Понатаму во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 14 став 1 во делот „мали количини“ од истиот закон е оставено на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да ги утврди тие количини и тоа без параметри во самата одредба, како и во Законот во целина. Покрај тоа што не се наведени параметри, не е наведено ниту што се подразбира под „мали количини“, а што може да се толкува како релативен или апсолутен поим, што пак упатува на правна несигурност и арбитрарно толкување на самата одредба.

Според подносителот, поради наведените причини оспорените одредби се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 14 став 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2006, 89/2008, 171/2010, 53/2011, 69/2013, 187/2013, 43/2014, 129/2015, 39/2016, 71/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021 и 199/2023) е предвидено дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да одобри користење на мали количини на семенски и саден материјал кои не ги исполнуваат условите за трговија пропишани со овој закон, а кои се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор.

Исто така, се утврди дека според член 29 став 1 алинеја 1 од истиот закон, семенскиот или садниот материјал од видови на земјоделски растенија не подлежи на надзор од страна на државниот фитосанитарен инспектор во случај, меѓу другото, кога се работи за примероци на семенски и саден материјал за официјално испитување или за складирање во ген банка, за научни цели и селекција, испитувања и опити и доколку количеството на семенски и саден материјал не надминува количества пропишани согласно со член 14 на овој закон.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, се уредуваат производството, подготовката за трговија, етикетирањето, трговијата, увозот и извозот на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување за земјоделски растенија од житни, фуражни, градинарски, маслодајни, влакнодајни, репа, компир, тутун, украсни растенија, овошни растенија и винова лоза (во натамошниот текст: семенски и саден материјал); обврските на лицата кои се занимаваат со производство, доработка, трговија и увоз и извоз на семенски и саден материјал за земјоделски растенија; пријавувањето, испитувањето, одобрувањето, запишувањето и одржувањето на сорти на земјоделски растенија во национална сортна листа; надлежност на официjалeниот орган за сертифицирање на семенски и саден материјал, јавните овластувања, овластени лаборатории, чувањето и одржување на референтни примероци на семенски и саден материјал и други прашања од областа на семенскиот и садниот материјал.

Одредбите од овој закон се применуваат и на семенски и саден материјал од други видови земјоделски растенија од утврдените во член 1 на овој закон доколку се пуштаат во трговија со цел да се употребат за земјоделско производство, согласно со член 2 од истиот закон. Според член 4 точка 1 од овој закон, семенскиот материјал е дефиниран како семенски материјал од житни, фуражни, градинарски, маслодајни, влакнодајни, репа, компир, тутун, украсни растенија, овошни растенија и винова лоза кој е наменет за производство по пат на генеративно размножување. Според член 4 точка 2 од истиот закон, саден материјал се цели растенија добиени со генеративно или вегетативно размножување, наменети за производство на овошје и грозје, градинарски и украсни растенија. Целта на Законот е обезбедување на производство и трговија на квалитетен семенски и саден материјал за земјоделски растенија, развој на земјоделското производство, заштита на животната средина и природата, како и заштита на потрошувачите, согласно со член 3 од истиот закон.

Според член 14 став 1 од истиот закон, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да одобри користење на мали количини на семенски и саден материјал кои не ги исполнуваат условите за трговија пропишани со овој закон, а кои се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор. Согласно со став 2 од истиот член, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ги утврдува количините на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија од ставот (1) на овој член.

Во Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 26/2001, 13/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019), во член 13 е определено дека министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.

Министерот, меѓу другото, го претставува министерството, организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите; донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон, според член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019 и 121/2024). Согласно со член 55 од истиот закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Судот утврди дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да донесува правилници и е овластен да ги утврдува количините на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија, кои не ги исполнуваат условите за трговија а кои се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор. Министерот врз основа на ваквите законски овластувања, а заради операционализација на оспорената одредба донел Правилник за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а кои се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор бр.109-47/3 од 29 јули 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2024).

Истиот е донесен врз основа на член 14 став 2 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија. Правилникот се состои од 3 члена. Со член 1 е утврдено дека со истиот се пропишуваат количините на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а кои се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор. Со член 2 е утврдено дека количините се дадени во прилог на Правилникот и се составен дел од истиот, додека со член 3 е уредено влегувањето во сила на Правилникот. Количините од ставот 2 кои се дадени во прилог на Правилникот се состојат од 25 табели во кои се наведени видот на културата, латинското име на културата, дозволените количини на увоз за научни цели и селекција, како и дозволени количини на увоз за официјално испитување или за инспекциски надзор.

IV

Законодавецот има уставно овластување во функција на доуредување и операционализација на одредена законска проблематика, да овласти одредени органи да разработат одредена законска проблематика со подзаконски акти, особено во случаите кога станува збор за сложена и комплексна тематика, каква што разработува и Законот чии одредби во конкретниот случај се оспорени и се предмет на уставно-судска анализа. Имено, поради сложеноста и комплексноста на тематиката, а во функција на спроведување на Законот, законодавецот покрај тоа што го овластил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со сега оспорениот член 14 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија да донесе правилник, му доделил и низа други овластувања. Министерот, според член 6 став 2 од истиот закон, ги пропишува видовите и количините на семенски и саден материјал на производителите на определени видови наменети за лична употреба, согласно со член 10 став 4 од истиот закон ја пропишува количината на семенскиот и садниот материјал од сорта која е во постапка на испитување за внесување во националната сортна листа од житни, фуражни, репа, градинарски, маслодајни и влакнодајни растенија, компир, тутун и винова лоза, според член 17 став 4 од истиот закон, го пропишува начинот на постапување при вршење на стручна контрола и испитување на квалитетот на семенскиот материјал.

Покрај ваквите конкретни овластувања, со член 62 од главата X од истиот закон која е со наслов „Прописи за спроведување на законот”, се предвидува дека покрај поблиските прописи предвидени со овој закон, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да донесе по потреба и други поблиски прописи за спроведување на овој закон. Ваквите широки овластувања кои законодавецот му ги доделил на министерот, ја отсликува сложеноста и комплексноста на материјата која ја уредува Законот.

Подносителот на иницијативата смета дека и покрај тоа што е оставено на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да ги утврди тие „мали количини“, Законот кој го дал тоа овластување на министерот, мора да содржи одредени параметри врз основа на кои би се определило колкав е минимумот или максимумот на количествата на семенски и саден материјал.

Законодавецот остава можност при регулирањето на одредена сложена проблематика кога не може однапред да се предвидат сите можни правни ситуации, а во функција на доразработка на законските норми, со подзаконски акт да се доуредат одредени области. Со оглед на тоа дека со Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, се разработува сложена проблематика, во конкретниот случај, овластувањата на министерот да донесува поблиски прописи за примена на Законот, всушност значи дека тие прописи ги носи во функција на операционализација и спроведување на овој закон.

Имајќи ја предвид содржината на Правилникот, како и содржината на членовите 14 и 29 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија во кои се содржани оспорените одредби, произлегува дека истите ги регулираат само исклучоците за испитувања односно исклучоците на семенски или саден материјал од видови на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија да не подлежат на надзор, а се наменети за научни цели, селекција, испитувања и опити. Во Законот се дефинирани поимите семенски и саден материјал и пропишани се условите за трговија на семенски и саден материјал за земјоделски растенија, како и условите за трговија на увезениот семенски и саден материјал од видовите на земјоделски растенија . Доколку законите покрај условите кои ги пропишуваат, истовремено содржат и одредби со кои детално се разработуваат условите тогаш не само што во правниот систем нема да има потреба од подзаконски акти бидејќи нема да има материја што треба да ја доразработат, туку истовремено законите ќе бидат преоптоварени со одредби од технички карактер на кои не им е местото во закон, туку во подзаконски акт.

Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека оспорените делови од член 14 став 1 и член 29 став 1 алинеја 1 од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски