
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.273/2024 и У.бр.274/2024
Скопје, 15.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– член 7 став 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 251/2022 и 168/2024) и
– Автентичното толкување на член 7 ставови 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 251/2022), објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2024.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот означен во точка 1 алинеја 1 од диспозитивот на ова решение.
Образложение
I
Адвокатското друштво Поленак од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 ставови 3 и 4 од Законот означен во точка 1 алинеја 1 од диспозитивот на ова решение и врз основа на истата е оформен предметот У.бр.273/2024.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 68 став 1 алинеја 2, член 52 ставови 1 и 4, член 55 и член 75 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека Собранието на Република Северна Македонија со давањето на Автентичното толкување постапило спротивно на Уставот, бидејќи со постапката за давање Автентично толкување била изменета толкуваната одредба и воведени нови елементи на начин што ја обликувал нормата на сосема поинаков начин од Законот, со што пак е внесена конфузија и нејаснотија во примената на одредбата. Во оваа смисла, Автентичното толкување и Законот имаат контрадикторна содржина и даваат спротивни одговори на прашањето кој може да ги приредува електронските и интернет игрите на среќа, односно дали само едно друштво или повеќе друштва во кои друштвото од член 7 став 2 од Законот е содружник или акционер со најмалку 51%. Сè до донесувањето на Автентичното толкување, Законот се применувал на начин што електронските и интернет игрите на среќа ги приредувале повеќе приредувачи, во кои друштвото од член 7 став 2 од Законот за игри на среќа и забавните игри е содружник или акционер со најмалку 51%.
Понатаму во иницијативата се наведува дека измената на Законот преку Автентичното толкување е спротивна на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот поради повреда на постапката за давање автентично толкување од страна на Собранието на Република Северна Македонија и повреда на постапката за донесување закони. Исто така, направена е и повреда на член 75 од Уставот поради непочитување на постапката на прогласување на законите со указ. Имено, во конкретниот случај Законот за игрите на среќа и забавните игри е донесен во редовна законодавна собраниска постапка, додека Автентичното толкување е донесено во многу пократка постапка.
Со измената на Законот преку Автентичното толкување, подносителот смета дека е повреден и член 52 став 1 од Уставот, каде е утврдена обврската за објавување на законите пред да влезат во сила. Ова од причина што со Автентичното толкување се изменува и дополнува Законот за игри на среќа и забавните игри и се смета дека Автентичното толкување се применува од денот на влегување во сила на законската одредба. Со оглед на тоа дека Автентичното толкување е составен дел на Законот, истото стапува на местото на одредбата на која се однесува и на тој начин станува дел од Законот од самиот почеток на неговото влегување во сила на Законот што се менува, со што е повреден член 52 став 4 од Уставот, односно забраната за ретроактивно дејство на законите.
Подносителот на иницијативата наведува дека со измените на Законот со автентично толкување е повреден член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, односно истите се спротивни со начелото на слободата на пазарот и претприемништвото. Гарантирањето на слободен пазар и претприемништво, значи почитување на законитостите на пазарот и овозможување слобода на почнување приватен бизнис. Ова начело обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и ниту една фирма не смее да биде привилегирана. Со измените на Законот преку автентичното толкување, Владата на Република Северна Македонија, презела конкретни правни дејствија во насока на ограничување на пазарот во овој дел од стопанството.
Според подносителот, со ваквите измени на Законот е повреден и член 55 од Уставот преку обезбедување монополска положба и монополско однесување на пазарот. Имено, врз основа на автентичното толкување, Владата на Република Северна Македонија, одлучила за престанок на сите друштва за приредување игри на среќа, освен акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија. На овој начин, на државната лотарија директно ѝ се овозможува монополска положба и монополско однесување.
На крајот од иницијативата, подносителот бара Уставниот суд на Република Северна Македонија да донесе одлука со која ќе ги поништи ставовите 3 и 4 од член 7 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, како и да го поништи Автентичното толкување на Законот. Подносителот воедно бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на дејствија преземени врз основа на член 7 ставови 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и забавните игри и Автентичното толкување на Законот.
Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, исто така, поднесе иницијатива до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри и Автентичното толкување на член 7 ставови 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и забавните игри и врз основа на истата е оформен предметот У.бр.274/2024.
Според наводите во иницијативата, оспорените законски одредби и оспореното Автентичното толкување, се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и членовите 51, 52 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека се исполнети претпоставките за оспорување на самото автентично толкување од причина што со истото се менуваат одредби од Законот кој наводно се толкува и интерпретира. Истото воведува нови правни правила и станува обврзувачки самостоен акт кој е противуставен поради тоа што ја заобиколил законската постапка за донесување нови општи акти. Исто така, новата норма го повредува уставниот принцип за немање ретроактивно дејство на законите. Имено, Автентичното толкување според подносителот, е со дејство од донесувањето на нормата без оглед кога е направено толкувањето, а уставната обврска за немање ретроактивно дејство на законите и општите прописи наметнува обврска новата норма да е донесена во форма на закон за изменување и дополнување на постоечкиот закон која би важела само во иднина. За подносителот јасно е дека со Автентичното толкување не се врши појаснување ниту прецизирање на член 7 ставови 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, туку се врши замена на содржината на законската норма со содржината на Автентичното толкување, поради што истото добива карактер на законска норма со ретроактивно дејство, што пак е спротивно на член 52 од Уставот. Конкретното автентично толкување создава правни последици кои доколку истото било донесено во форма на закон за измена и дополнување на законот како што требало да се донесе не би можеле да настанат.
Понатаму во иницијативата се наведува дека поради донесеното Автентично толкување, Владата и Државната лотарија донеле одредени акти, со кои се наложуваат дејствија за престанок на друштвата кои се основани и кои вршат дејност уредена со член 7 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, па според тоа сите друштва кои постоеле до моментот на носењето на автентичното толкување би требало да престанат да постојат од што произлегува дека суштински се менува постоечката одредба. Според подносителот, намерата на законодавецот за воведување ваква норма преку Автентичното толкување, е изнаоѓање начин за престанок на постоечките трговски друштва чија дејност е приредување интернет игри на среќа, согласно со член 7 од Законот за игри на среќа.
Подносителот наведува дека доколку не се прифатат наводите за оценка на уставноста на Автентичното толкување, предлага на Уставниот суд да ја оценува уставноста на член 7 ставови 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со значењето на законските норми согласно со автентичното толкување.
Според Автентичното толкување на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Државната лотарија на Република Северна Македонија е единствен приредувач на електронски и интернет игри на среќа со што Републиката воспоставила монопол на електронски и интернет игри на среќа. Со оспорените одредби се исклучува слободната конкуренција, а без неа невозможно е функционирањето на слободниот пазар. Со ваквите измени на Законот е повреден и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а воедно се нарушува слободата на пазарот и претприемништвото, се намалуваат даночните приходи на Републиката, се намалуваат работните места и сето тоа влијае на општата економска состојба во Република Северна Македонија.
Со оваа иницијатива, се предлага, Уставниот суд, да поведе постапка за оцена на уставноста на Автентичното толкување на член 7 ставови 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и истото да го поништи, или да поведе постапка за оценка на уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 7 став 2 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 251/2022 и 168/2024) е предвидено дека лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, Република Северна Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Северна Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина.
Со оспорениот член 7 став 3 од истиот закон е утврдено дека електронските и интернет игрите на среќа се приредуваат од страна на трговското друштво од ставот 2 на овој член, само или заедно со други приредувачи, при што без оглед на формата на здружување ова трговско друштво треба да има најмалку 51% учество во капиталот и во правото на одлучување во здружувањето.
Исто така, се утврди дека според член 7 став 4 од истиот закон, правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Северна Македонија го пренесува со издавање лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон.
Понатаму, на седницата Судот утврди дека од страна на Собранието на Република Северна Македонија, врз основа на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 13 август 2024 година, е дадено Автентично толкување на член 7 ставови 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 251/2022) и истото е објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2024 од 14.08.2024 година.
Содржината на даденото автентично толкување е следна:
„Одредбата од ставот (2) на членот 7 од Законот, треба да се толкува така што приредувањето на лотариските игри на среќа може да се врши само од државата, односно од Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Одредбата од ставот (3) на членот 7 од Законот треба да се толкува така што приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да се врши само од едно трговско друштво предвидено во ставот (2) на овој член. Трговското друштво од ставот (2) на овој член, приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да го врши само или заедно со други приредувачи кои не можат да имаат повеќе од 49% учество во основната главнина во тоа друштво. Интернет игрите на среќа се приредуваат врз основа на лиценца за приредување на интернет игри на среќа согласно со овој закон.
Одредбата на ставот (4) од членот 7 од Законот треба да се толкува така што за приредувањето за останатите игри на среќа (интернет игри на среќа, наградни игри, интерактивни игри на среќа, казино, обложувалница, автомат клуб) и забавни игри е потребна лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец-поединец кои ги исполнуваат условите утврдени во Законот“.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решението У.бр.87/2011 од 3 октомври 2012 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2, во делот „лотариските и електронските“, член 7 став 4, во делот „останатите“, член 41 став 2, член 54 став 1, член 58 став 2, член 74 став 2, член 87 став 2, член 98 став 3, член 101 став 4 и член 103 став 2 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011,148/2011 и 74/2012). Со Решението У.бр.156/2019 од 06.05.2020 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 7 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 52/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016), додека со Решението У.бр. 202/2020 од 01.09.2022 година, ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016).
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и истите се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Собранието на Република Северна Македонија, донесува закони и дава автентично толкување на законите, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Со член 1 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри е определен предметот на уредување на овој закон и со него се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри.
Значењето на одделни поими употребени во овој закон е дадено во член 2 од истиот закон. Во точката 1 од истиот член е определено дека „игри на среќа“ се игрите во кои учесниците имаат еднакви можности за стекнување на добивка со посредна или непосредна уплата на одреден износ (влог), а резултатот од играта исклучиво или претежно зависи од случајноста или од некој иден неизвесен настан во играта. „Забавни игри“ согласно со точката 2 од истиот член се игрите на компјутери, симулатори, видеоавтомати, флипери и други слични апарати кои се ставаат во погон со помош на пари, жетони или на друг начин, како и пикадо, билијарди и други слични игри во кои се учествува со уплата, а во кои учесникот не може да оствари добивка во пари, предмети или права, туку стекнува право на една или повеќе бесплатни игри од ист вид, како и други игри од забавен карактер во кои се подразбира дека учесникот во забавните игри кој губи ги сноси трошоците за играта или каде што уплатите (влоговите) и добивката се незначителни.
Според точката 3 од истиот член, „приредувач на игра на среќа“ е трговско друштво со седиште во Република Северна Македонија на кое му е издадена лиценца, односно дозвола за приредување игри на среќа и трговско друштво во кое содружник или акционер е Република Северна Македонија и е основано за приредување игри на среќа.
„Лотариски игри на среќа“ се игри кои се приредуваат со јавно извлекување и кај кои однапред е одреден фондот на добивките согласно точка 6 од истиот член, додека согласно точка 15 од истиот член „електронски игри на среќа“ се игри на среќа кај кои извлекувањето се врши по пат на електронски или механички генератор на случајноста и резултатот се пренесува електронски, при што фондот на добивки не мора однапред да биде одреден.
„Интернет игрите на среќа“ се дефинирани во точка 25 од истиот член, како игри на среќа во кои учесникот во игрите на среќа може да учествува по пат на глобалната интернет мрежа (ГИН).
Според член 4 став 1 од истиот закон, игрите на среќа можат да бидат општи игри на среќа, посебни игри на среќа и интернет игри на среќа. Општите игри на среќа се: лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа, согласно со став 2 од истиот член. Посебни игри на среќа се игри на среќа во казино, игри на среќа во обложувалница и игри на среќа во автомат клуб, според став 3 од истиот член. Согласно ставот 4 од истиот член, интернет игри на среќа се општите и посебните игри на среќа од ставовите 2 и 3 на овој член, како и други видови на игри на среќа во кои учесникот може да учествува преку глобалната интернет мрежа.
Со член 7 став 1 од истиот закон е пропишано дека приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Северна Македонија, ако со овој закон поинаку не е уредено. Лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, Република Северна Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Северна Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина, според став 2 од истиот член. Согласно оспорениот став 3 од истиот член, електронските и интернет игрите на среќа се приредуваат од страна на трговското друштво од ставот (2) на овој член, само или заедно со други приредувачи, при што без оглед на формата на здружување ова трговско друштво треба да има најмалку 51% учество во капиталот и во правото на одлучување во здружувањето, додека со оспорениот став 4 од истиот член е утврдено дека правото на приредување на останатите игри на среќа и забавните игри утврдени со овој закон, вклучувајќи ја и томболата од затворен тип, Република Северна Македонија го пренесува со издавање на лиценца, односно дозвола на трговски друштва, односно трговец поединец, кои ги исполнуваат условите утврдени со овој закон.
IV
Според наведените одредби од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, произлегува дека приредувањето на игрите на среќа и забавните игри утврдени со овој закон е право на Република Северна Македонија, која ова право може да го пренесе на трговски друштва кои ги исполнуваат условите утврдени во овој закон, само за приредување на игрите на среќа дефинирани во член 7 став 4, и тоа преку издавање на лиценца, односно дозвола. Од ваквата законска уреденост на игрите на среќа и забавните игри, како и начинот и условите за нивно приредување, произлегува намерата на законодавецот да определи дека правото на приредување на лотариските, интернет и електронските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, да го задржи за државата, која ова право ќе го остварува преку основање на трговско друштво кое овиe игри на среќа ќе ги приредува во име и за сметка на Република Северна Македонија.
Ваквата интенција на законодавецот произлегува од карактерот и сложеноста на овие игри на среќа, а особено од нивната широка распространетост и достапност за учесниците. Имено, приредувањето на игрите на среќа по својот карактер е специфична дејност, поради што законодавецот воспоставил строги правила и услови. Исполнувањето на ваквите услови е неопходно за да се започне со вршење на ваквата дејност, а пред сè заради заштита на учесниците во игрите на среќа, како и социјалната димензија на истите.
Во конкретниот случај, Барањето за давање на автентично толкување на член 7 ставови 2 ,3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри бр.08-3592/1 од 18.07.2024 година, е поднесено до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија од група пратеници, и истото е поднесено од причина што овие одредби создавале нејаснотија, непрецизност, како и неусогласеност во нивната примена, односно во пракса се случувало основање на повеќе трговски друштва со 51% сопственост на Државна лотарија со различни приредувачи да можат да приредуваат електронски и интернет игри на среќа.
Во поглед на содржината на даденото Автентично толкување, наспрема наводите во иницијативата дека со истото се менуваат одредбите од Законот, битно е да се напомене дека ставот 3 од член 7 од Законот за игри на среќа и забавните игри, како и дел од ставот 4 од член 7 од истиот закон биле предмет на оценка пред Уставниот суд, во предметите У.бр.87/2011 и У.бр.156/2019, што е детално изложено во точката II на ова решение.
Во овие предмети, Судот изразил идентичен и конзистентен став, односно оценил дека законодавецот со одредбите од член 7 на Законот за игри на среќа и за забавните игри, пропишал начин и услови за приредување на лотариските игри на среќа и на електронските и интернет игрите на среќа, само од страна на трговско друштво основано од Република Северна Македонија, во кое Републиката е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина, односно најмалку 51% учество во капиталот, а со тоа и право на одлучување во здружувањето. Ваквиот став на Судот, произлегува пред сè од видот и карактерот на овие игри на среќа, начинот на нивното приредување, обемот и сложеноста на овие игри на среќа и особено од фактот на нивната широка распространетост и достапност за субјектите како учесници во овие игри на среќа.
Имајќи го предвид ваквиот конзистентен став на Судот низ уставно-судската пракса, како и од анализата на погоре наведените законски одредби, произлегува дека неоснована е констатацијата на подносителите на иницијативите, дека Автентичното толкување претставува целосна измена на одредбите од Законот, затскриена преку називот автентично толкување. Имено, Судот оцени дека Автентичното толкување е во корелација и претставува појаснување на одредбите од член 7 ставови 2, 3 и 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и со истото не се креираат нови норми поради што не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Автентичното толкување е составен дел на Законот и со истото во конкретниот случај се појаснуваат одредбите на кои се однесува толкувањето. Истото не претставува нова норма и произлегува од уставната надлежност на Собранието да дава автентично толкување и предуслов истото да биде дадено е законот претходно да бил влезен во сила и може да се дава заклучно со престанувањето на важење на законот по оцена на самото Собрание. Поради овие причини Судот оцени дека Автентичното толкување е во согласност со членовите 51, 52 и 75 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
Неосновани се и наводите во иницијативите дека оспорените одредби се спротивни на член 55 од Уставот, односно дека со истите се нарушува слободата на пазарот и претприемништвото и му се овозможува монополска положба и монополско однесување на пазарот на Акционерското друштво за приредување на игри на среќа – Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Имено, монополската положба на која се повикуваат подносителите на иницијативите, не може да се однесува на правата во игрите на среќа кои за себе ги има задржано Република Северна Македонија, од причина што основна цел на приредувањето на игрите на среќа за државата не е стекнување приход, туку обезбедување гаранција, заштита и спречување на негативните влијанија кај учесниците во игрите на среќа, како и постоење јавен интерес и присуство на социјалната димензија на игрите на среќа во општеството. Од овие причини Републиката го задржува правото за приредување на игрите на среќа за себе, но истовремено пропишала услови коишто треба да ги исполнат правните лица за да може одредена игра на среќа да им биде пренесена тие самостојно да ја приредуваат.
Приредувањето на игрите на среќа и забавните игри е право на Република Северна Македонија, која може да го пренесе тоа право на трговски друштва кои ги исполнуваат условите предвидени во Законот за игрите на среќа и за забавните игри со издавање на лиценца и тоа само за приредување на игрите на среќа определени во член 7 став 4 од истиот закон. Неосновани се наводите за спротивност на оспорените одредби со член 55 од Уставот и од причина што со член 98 од истиот закон, се предвидува дека преку Владата на Република Северна Македонија со издавањето лиценци секое трговско друштво доколку ги исполнува законските услови може да приредува останати игри на среќа меѓу кои се и интернет игрите на среќа.
Според Судот, начинот на уредување на пазарот на игрите на среќа во нашата земја како и во други со функционална пазарна економија, е прашање на законодавната политика на државата без да се доведе во прашање слободниот пазар, слободата на претприемништвото, еднаквоста на субјектите на пазарот, правната заштита на сопственоста, а притоа имајќи предвид дека ставува збор за дејност од јавен интерес за кој државата води грижа и има одговорност за контрола и заштита на начин и под услови пропишани со закон. Од социјален аспект, во ваквите игри на среќа во кои граѓаните масовно учествуваат, неопходна е превенција на државата од негативни социјални последици, а таквата контрола е поефикасна кога деловниот субјект, односно трговското друштво е под доминација и контрола на државата, отколку поодделно да се контролираат повеќе останати трговски друштва во приватна сопственост на кои основна цел им е стекнување приход.
Имајќи предвид дека наводите од предметните иницијативи по однос на оспорениот член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, не се основ за поинакво одлучување, наспрема тоа што Судот во постапката по предметот У.бр.156/2019 и У.бр.202/2020 веќе одлучувал за истата работа, Судот оцени дека во овој дел се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Судот.
Врз основа на анализата на наведените уставни и законски одредби, како и од наведената уставно-судска пракса за оспорените одредби, наспрема наводите во иницијативите, Судот оцени дека оспорениот член 7 став 4 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри и оспореното автентично толкување, се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 68 став 1 алинеја 2 и членовите 51, 52, 55 и 75 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение, при што Решението под точка 1 алинеја 2 е донесено со мнозинство гласови.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски