УЗ.бр.8/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.8/2025
Скопје, 15.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 и член 3 од Правилникот за регистрирање на давателите на услуги платформа за споделување видеа бр.01-325/1 од 23 јануари 2025 година, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 18/2025 на 28.01.2025 година.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во диспозитивот на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Правилникот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата подносителот се повикува на повеќе одредби, и тоа на член 3, член 18 став 1 алинеја 8, член 20 став 1 алинеја 11 и член 144-б став 8 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; на член 15 став 1 алинеја 7 и член 39 став 1 алинеја 11 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги; како и на заклучокот на Советот на Агенцијата арх.бр.02-245/3 од 22.01.2025 година и на напомената во службеното објавување на Правилникот во врска со симболот (1), со упатување на член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој се бришат алинеите 8 и 9.

Оспорениот правилник е донесен врз основа на член 18 став 1 алинеја 8 и член 20 став 1 алинеја 11 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а во врска со член 144-б став 8 од истиот закон, согласно со член 15 став 1 алинеја 7 и член 39 став 1 алинеја 11 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (пречистен текст) арх.бр.01-3732/1 од 29.07.2019 година и согласно со Заклучокот на Советот на Агенцијата арх.бр.02-245/3 од 22.01.2025 година, од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на втората седница одржана на 21.01.2025 година.

Подносителот посочува на страницата од „Службениот весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2025, каде е објавен оспорениот правилник, во врска со симболот (1), каде е наведено дека:

„1Алинеите 8 и 9 се избришани, види: член 8 од Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија” бр.248/18).“

Оттаму, ако алинеите 8 и 9 се избришани со член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тогаш член 20 став 1 алинеја 11 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги гласи „Директорот ја организира и раководи со работата на Агенцијата, одговорен е за законитото работење на Агенцијата и ги има следниве надлежности: дава овластувања на други лица во рамките на своите надлежности“.

Во член 2 од оспорениот правилник е видно дека се даваат дефиниции за: услуга платформа за споделување видеа, видео создадено од корисник и давател на услуга платформа за споделување видеа.

Одредбите на кои се повикува доносителот на оспорениот правилник, и тоа на член 18 став 1 алинеја 8 и член 20 став 1 алинеја 11, ги пропишуваат само надлежностите на Советот и Агенцијата, коишто по својата природа се општи одредби коишто даваат овластување на Советот и Агенцијата да ги донесат подзаконските акти за кои се овластени со закон, како општ акт да ги донесат, а со цел да бидат во функција за доразработка на самиот закон.

Член 144-б став 8 од Законот, на кој доносителот се повикал, уредува состојба со која се пропишува дека формата и содржината на образецот на пријавата и на Регистарот од став 1 на член 144-б од Законот ги пропишува Агенцијата.

Вака определено, како правно-логична целина од норми, се воспоставува можност за доразработување на Законот, сè со цел само да се донесе подзаконски акт со кој ќе се пропише формата и содржината на образецот на пријавата и на Регистарот од став 1 на член 144-б од Законот.

Така воспоставени, како една правна целина на член 18 став 1 алинеја 8, член 20 став 1 алинеја 11 и член 144-б став 8 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на доносителот на оспорениот правилник не му даваат овластување со подзаконскиот акт да дава дефиниции на поими кои мора да бидат исклучиво за уредување на законска материја, како не би дошло до арбитрарно пропишување на дефинициите на поимите и што не е во согласност со начелото на владеење на првото.

Во смисла на наведеното, со член 2 од Правилникот, може да се смета дека доносителот на подзаконскиот акт излегол надвор од своите овластувања дадени според општиот пропис – Законот, кој е повисок во правната хиерархија, кога пристапил и дал дефиниции на поими кои можат да бидат предмет на уредување само на законска материја, а што не е во согласност со начелото на владеење на правото.

Според подносителот, со оспорениот член 3 од Правилникот, се воспоставуваат нови обврски преку нормата „Давателот на услуги платформи за споделување видеа“ која во себе содржи поим чија дефиниција е дадена со подзаконскиот акт, иако дефиницијата на поимите од Законот може да биде предмет на уредување само на законска материја, но не и на подзаконскиот акт, што може да ја доведе во прашање правната сигурност која е нераскинлив дел од начелото на владеење на правото пропишано со Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од член 2 и член 3 од Правилникот за регистрирање на давателите на услуги платформа за споделување видеа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 2 од Правилникот за регистрирање на давателите на услуги платформа за споделување видеа со бр.01-325/1 од 23 јануари 2025 година, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 18/2025 на 28.01.2025 година, е уредено дека одделни изрази употребени во овој Правилник го имаат следново значење: 1. Услуга платформа за споделување видеа е услуга на информациското општество, којашто е наменета за општата јавност и се обезбедува преку електронска комуникациска мрежа, чија примарна цел и/или основна функционалност во целост и/или на нејзин засебен дел е да ѝ обезбедува на јавноста пристап до програми и/или до видеа создадени од корисници кои имаат информативна, образовна или забавна функција, за која давателот на услугата нема уредничка одговорност за содржините, туку тој само го одредува начинот на кој услугата е организирана, вклучувајќи тука и автоматски средства или алгоритми, особено преку прикажување, означување или секвенцирање на содржината; 2. Видео создадено од корисник е целина од подвижни слики, со или без звук, без оглед на времетраењето, што претставува посебен елемент, создаден е од корисник и поставен на платформа за споделување видеа од тој или од друг корисник. 3. Давател на услуга платформа за споделување видеа е физичко или правно лице што обезбедува услуга платформа за споделување видеа.

Во член 3 став 1 од оспорениот правилник е предвидено дека давателот на услуги платформи за споделување видеа кој е под јурисдикција на Република Северна Македонија, е должен пред да започне со вршење на дејноста да достави пријава за евидентирање во Регистарот на даватели на услуги платформи за споделување видеа кој се води во Агенцијата, за што Агенцијата му издава потврда за регистрација. Во став 2 од истиот член е уредено дека давателот на услуги платформи за споделување видеа е должен да ја извести Агенцијата за секоја промена на податоците наведени во пријавата во рок од 30 дена од денот на настанатата промена. Агенцијата е должна да ја внесе промената на податоците во Регистарот во рок од три работни дена од денот на приемот на известувањето.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставниот суд на Република Северна Македонија согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Оспорениот правилник е донесен врз основа на член 18 став 1 алинеја 8 и член 20 став 1 алинеја 11 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 42/2020, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024), а во врска со член 144-б став 8 од истиот закон, согласно со член 15 став 1 алинеја 7 и член 39 став 1 алинеја 11 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (пречистен текст) арх.бр.01-3732/1 од 29.07.2019 година и согласно Заклучокот на Советот на Агенцијата арх.бр.02-245/3 од 22.01.2025 година, од Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на втората седница одржана на 21.01.2025 година.

Според член 18 став 1 алинеја 8 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, советот ги има следниве надлежности: ги донесува подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон.

Согласно со член 20 став 1 алинеја 11 од Законот, директорот раководи и ја организира работата на Агенцијата, одговорен е за законитото работење на Агенцијата и во негова надлежност спаѓа и предлагањето подзаконски акти што се од надлежност на Советот.

Со член 144-б став 8 од Законот, формата и содржината на образецот на пријавата и на Регистарот од став 1 на овој член ги пропишува Агенцијата.

Во член 3 став 1 точка 28, 29 и 30 од истиот закон, уредени се следните дефиниции, каде одделни изрази, во смисла на овој закон го имаат следново значење:

„Услуга платформа за споделување видеа е услуга на информациското општество, којашто е наменета за општата јавност и се обезбедува преку електронска комуникациска мрежа, чија примарна цел и/или основна функционалност во целост и/или на нејзин засебен дел е да ѝ обезбедува на јавноста пристап до програми и/или до видеа создадени од корисници кои имаат информативна, образовна или забавна функција, за која давателот на услугата нема уредничка одговорност за содржините, туку тој само го одредува начинот на кој услугата е организирана, вклучувајќи тука и автоматски средства или алгоритми, особено преку прикажување, означување или секвенцирање на содржината.

Видео создадено од корисник е целина од подвижни слики, со или без звук, без оглед на времетраењето, што претставува посебен елемент, создаден е од корисник и поставен на платформа за споделување видеа од тој или од друг корисник.

Давател на услуга платформа за споделување видеа е физичко или правно лице што обезбедува услуга платформа за споделување видеа.“

IV

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.248/2018), законодавецот предвиде бришење на член 20 став 1 алинеи 8 и 9, но притоа нема прецизирано, дали и како ќе се прилагоди редоследот на преостанатите алинеи во истиот став.

Во овој контекст, важно е да се напомене дека за претходно наведеното постои номотехничко правило, коешто Собранието на Република Северна Македонија го има уредено преку Одлуката за номотехничките правила за подготвување на законите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.153/2023), каде во член 53 став 2 е пропишано дека пречистениот текст на законот ги содржи сите елементи на основниот текст на законот (сите делови, глави и членови), ја има истата структура и содржина и во него се вклучени сите изменувања и дополнувања, донесени одлуки на Уставниот суд, како и исправки на текстот на законот. Додека во став 5 од истиот член е наведено дека со пречистениот текст не се врши пренумерација на членовите, односно со став 6 е уредено дека доколку член од законот е избришан, нумерацијата останува и се пишува дека истиот е избришан.

Иако наведената одлука е донесена по спроведените законски измени, нејзината нормативна кохерентност останува непроменета, со што таа ретроактивно ја потврдува и систематизира правната логика која егзистирала и пред нејзиното формално усвојување.

Оваа формулација ја нагласува идејата дека иако Одлуката била донесена по законските измени, нејзината правна доследност останува непроменета. Таа не воведува нова правна состојба, туку напротив, ја потврдува и систематизира веќе постојната правна логика, дури и пред нејзиното формално усвојување. Со други зборови, Одлуката има нормативна вредност која се вклопува во правниот систем без да го наруши неговиот континуитет и истовремено ја зацврстува правната прецизност, којашто е елементарна во номотехничките правила.

Доносителот на подзаконскиот акт чиј составен дел се оспорените одредби, не направил превид при носењето на истиот, притоа запазувајќи го редоследот на алинеите, на кој се повикува самиот доносител.

Во однос на наводите на подносителот дека доносителот на подзаконскиот акт ги пречекорил своите овластувања утврдени со Законот, со тоа што дефинирал поими кои можат да бидат предмет на уредување само со закон, се неосновани. Ова затоа што овие дефиниции се уредени со повисокиот акт, па следствено на тоа, нивното користење во оспорените одредби од подзаконскиот акт на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не може да се утврди како противуставно, ниту како надминување на нејзините законски овластувања, затоа што донесувањето на ваквите дефиниции не излегува надвор од рамките на овластувањата дадени со Законот и не е во спротивност со начелото на владеење на правото.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно функционална целина, што е случај со оспорените одредби, каде во член 2 од Правилникот се нормирани дефинициите „услуга платформа за споделување видеа”, „видео создадено од корисник” и „давател на услуга платформа за споделување видеа”, односно во член 3 „давателот на услуги платформи за споделување видеа“.

Од сето претходно наведено, јасно произлегува дека доносителот на подзаконскиот акт не излегол надвор од своите законски пропишани ингеренции, бидејќи оспорените одредби не го нарушуваат владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, нормирана во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека оспорените одредби од член 2 и член 3 од Правилникот за регистрирање на давателите на услуги платформа за споделување видеа, се во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, како и со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поради што нема основ да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски