Претседателот д-р Костадиновски и судии на Уставниот суд учествуваа на Mеѓународна научна конференција на Правниот Факултет “Јустинијан Први”

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и судиите проф. д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и м-р Фатмир Скендер, учествуваа на Специјалниот панел во рамките на Годишната меѓународна научна конференција „Предизвици на правните системи“. 

Настанот беше организиран на 7 ноември по повод одбележувањето на 74 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Во рамките на правното советување, претставниците на Уставниот суд, заедно со универзитетските професори д-р Јелена Трајковска-Христовска и д-р Денис Прешова, се обратија на темите „Потребата од донесување Закон за Уставниот суд“ и „Извршување на одлуките на Уставниот суд“.

Говорниците укажаа на потребата од ревидирање на уставната рамка посветена на Уставниот суд, со цел создавање уставна основа за донесување на посебен закон кој ќе овозможи јасно и функционално уредување на прашањата поврзани со уставното судство.

Особено внимание беше посветено на темата за извршувањето на одлуките на Уставниот суд која е една од најзначајните и најчувствителните прашања во уставното право. Панелистите истакнаа дека оваа проблематика создава реална грижа и бара дополнително доуредување, како преку актите на Судот, така и преку законски решенија во Кривичниот законик.

На панелот се разви конструктивна и плодна дебата меѓу претставниците на уставното судство и академската заедница, во насока на изнаоѓање практични решенија за подобрување на правната сигурност и владеењето на правото.

Активното учество на претседателот и судиите на Уставниот суд претставува уште една активност со која се продлабочува институционалната и академската соработка помеѓу Судот и Правниот факултет, во рамките на Меморандумот за соработка потпишан меѓу двете страни.