У.бр.269/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.269/2024
Скопје, 24.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 алинеја 4 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019).

Образложение

I

Манчо Манчев од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, критериумите за кандидат за наставник во оспорената одредба не се прецизирани, бидејќи не е предвиден начинот на кој ќе се изврши проверка на познавањето на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе се изведува наставата, но и не е посочен материјалот потребен за подготовка за исполнување на овој услов.

Подносителот смета дека оспорената одредба е двосмислена и нејасна, што може да доведе до арбитрарност, злоупотреба и нарушување на начелото на владеење на правото, принципот на правна сигурност на граѓаните и еднаквост пред законот.

Врз основа на изнесеното, подносителот смета дека со оспорената одредба од Законот се повредува Амандманот XXI на Уставот со кој е заменет член 15 од Уставот, како и член 50 став 2 од Уставот, поради што му предлага на Уставниот суд да ја укине оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека во член 3 став 1 алинеја 4 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) е предвидено дека наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое, меѓу другото, го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Согласно точка 1 на Амандманот XXI на Уставот на Република Северна Македонија се гарантира правото на жалба или друг вид на правна заштита против одлуките донесени во постапка во прв степен, пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во член 1 определува дека со овој закон се уредуваат условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, начинот на засновање на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања  (кариерен развој) и одземање на звање.

Во член 3 став 1 од Законот се утврдени условите што треба да ги исполнува едно лице за да биде наставник во основно и средно училиште, а според алинеја 4 којашто е предмет на оспорување со иницијативата, еден од условите е да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата.

Член 3 став 5 од Законот предвидува дека директорот на основното односно средното училиште формира комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар вработен во училиштето која врши проверка на познавањето на јазикот на наставниците од ставот 1 на овој член, освен наставниците за предметот македонски јазик .

Тргнувајќи од анализата на изнесените законски одредби од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, неспорно е дека законодавецот генерално ги дефинирал потребните услови за вршење работа како наставник во основно и средно училиште. Имајќи го предвид контекстот, содржината и поврзаноста на наведените законските одредби неспорно произлегува дека оспорената одредба понатаму е разработена во член 3 став 5 од Законот. Од цитираните законски одредби јасно и недвосмислено произлегува дека комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар вработен во училиштето ја врши проверката на познавањето на бараниот јазик за наставниците.

Дејноста на основното образование е од посебен јавен интерес, согласно со член 1 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 229/2020, 3/2025 и 74/2025). Исто така, согласно со член 2 став 4 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.161/2013, 76/2020, 229/20, 269/2023, 78/2025 и 132/2025), дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба. Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република Северна Македонија, согласно со член 1 став 2 од Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/2024,14/2025 и 101/2025), а македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо задолжително се употребуваат во јавните установи и институции, согласно со член 6 став 1 од овој закон.

Имајќи ги предвид изнесените причини за оспорување во иницијативата, Судот утврди дека со уредувањето во оспорената одредба од Законот, не може да се доведе во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во иницијативата не се содржани причини за повреда на Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот и член 50 став 2 од Уставот на кои се повикува подносителот, ниту пак оспорената одредба може уставно да се оценува со наведените одредби, како и со начелото на еднаквост пред законот. По однос на принципот на еднаквост, законодавецот има уставно овластување со закон да ги уредува прашањата за вреднување кандидати за засновање на работен однос како наставници во основни и средни училишта, што еднакво се однесува на сите кои се во иста ситуација што не имплицира нееднаков третман на кандидатите за наставник.

Иницираното прашање дека во оспорената одредба не се посочува потребниот материјал од кој кандидатот би го усполнил предвидениот услов, претставува барање за оценка на уставност на прашања кои не се содржани во оспорената одредба. Оценувањето дали одредбата треба да содржи нешто што според подносителот требало да содржи излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд кој одлучува за согласноста на законските одредби со уставните одредби според нивната содржина, а не според содржина којашто ја нема.

Врз основа на уставно-судската анализа, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски