УЗ.бр.19/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.19/2025
Скопје, 15.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари,  м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесена на седницата одржана на 25 септември 2024 година.

Образложение

I

Кузман Цилков од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за преиспитување на актот наведен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека укинатите членови 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023), треба да се поништат бидејќи со сите правосилно завршени предмети во периодот од 20 јули 2023 година до 10 октомври 2024 година се повредува начелото на пресудена работа.

Подносителот смета дека оспорената одлука не е во согласност со членовите 8, 14 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во истиот контекст, подносителот издвојува дека побарувањето утврдено со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, претставува имот на должникот и според тоа создава загрозување на уставно загарантираното право на сопственост што не е во согласност со член 30 став 1 од Уставот на Република Сeверна Македонија.

Поради горенаведените причини, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената Одлука У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 донесена од Уставниот суд, на седницата одржана на 25 септември 2024 година, како и Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

II

На седницата Судот утврди дека со Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 од 25 септември 2024 година се укинати членовите 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023).

III

Според член 112 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Во член 81 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, е уредено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот бара преиспитување на Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 на Уставниот суд, донесена на седницата одржана на 25 септември 2024 година, со која Судот ги укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2023), со што тие престанале да важат со денот на објавување на Одлуката на Уставниот суд во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Со оглед на тоа дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и истите не подлежат на преиспитување ниту од Уставниот суд ниту од друг орган, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски