У.бр.148/2023


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.148/2023
Скопје, 17.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 став 1 алинеја 1 и член 74 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98 од 10.05.2023 година).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Кренар Лога од с.Ливади, Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

II

На седницата Судот утврди дека Правилникот за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија е донесен врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 4 и член 25 став (3) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 236/22), од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 27 април 2023 година и истиот содржи 49 члена.

Во прилог и составен дел на Правилникот се и следниве седум прилози со обрасци: Прилог 1 – Образец Ремит-1, Национален регистар на учесници на пазарот на енергија на големо; Прилог 2 – Образец Ремит-2, Правила за доделување на ECRB регистрациски код; Прилог 3 – Образец Ремит-3, Барање за евидентирање во регистарот; Прилог 4 – Образец Ремит-4, Известување на РКЕ за примена на исклучокот од забраната за тргување заснована на внатрешни информации; Прилог 5 – Образец Ремит-5, Известување до РКЕ за одложено објавување на внатрешни информации; Прилог 6 – Образец Ремит-6, Известување за потенцијални прекршувања; Прилог 7 – Образец Ремит-7, Известување за сомнение за прекршок до ECRB и Секретаријатот на ЕЗ.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со донесувањето на прописот и негово објавување во службено гласило од јавен интерес, прописот станува применлив акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.

Оспорениот правилник кој е предмет на уставно-судска оцена, е заведен под архивски број бр.01-1013/1 од 27 април 2023 година, што значи дека овој пропис е донесен на ден 27 април 2023 година од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Актот бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98 од 10 мај 2023 година.

При таква фактичка состојба, Судот оцени дека е пречекорен уставно пропишаниот рок од седум дена за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, поради што основано може да се постави прашањето за уставноста на овој правилник, односно неговата согласност со член 52 од Уставот на кој се повикува подносителот, како и неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека оспорениот Правилник за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98 од 10.05.2023 година) не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски