У.бр.65/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.65/2024
Скопје 18.06.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/4 од 25 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина Ресен“ бр.4/2005.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива оформи предмет и со Решението У.бр.65/2024 од 4 декември 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Ресен, донел Деловник на Советот на Општина Ресен број 07-256/3 од 26 мај 2005 година и истиот содржи 13 точки. Во точка 9 со наслов „Автентично толкување на општ акт” се уредени членовите 100, 101 и 102 кои се предмет на оваа иницијатива.

Член 100 од Деловникот уредува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државни органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Барањето за давање автентично толкување на општиот акт се поднесува до Комисијата за статут и прописи.

Во член 101 се пропишува дека Комисијата по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и вработените во општинската администрација.

Во член 102 е уредено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со иницијативата на Судот се оспорува уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен.

Советот на Општина Ресен повикувајќи се на член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Ресен („Службен гласник на Општина Ресен” број 4/2002) на седницата одржана на 26 мај 2005 година донел Деловник на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/3 од 26 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина Ресен” бр.4/2005.

Деловникот на Советот на Општина Ресен ги содржи дел 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен. Согласно член 100 е уредено дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во Општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државни органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Барањето за давање автентично толкување на општиот акт се поднесува до Комисијата за статут и прописи. Според член 101 од овој деловник е определено дека Комисијата по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од комисиите на Советот и органите на општинската администрација. Во член 102 од Деловникот ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до советот на општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Ресен, како орган на локалната власт.

Постапувајќи по сопствена иницијатива, Судот утврди дека Советот на Општината, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

При таква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека Советот на Општина Ресен, ги пречекорил своите законски овластувања кога го донел оспорениот деловник во кој предвидел поглавје 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 100, 101 и 102 кои се содржани во оспореното поглавје.

Во конкретниот случај станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 248/2023). Со оглед на тоа дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување, не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот.

Поради фактот дека автентичното толкување е дадено врз основа на една од погоре наведените одредби на Деловникот, со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и членовите 100, 101 и 102 од Деловникот на Општина Ресен се незаконити, а со тоа и спротивни на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

Судот, при одлучувањето за укинување на одредбите од Деловникот, наведени во диспозитивот на Одлуката, согласно член 74 од Актот на Судот, ги зеде предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, тежината на повредата и последиците кои настанале врз основа на прописи или нивни одредби за кои не постои законски основ, а особено што односите што се воспоставени врз основа на такви акти или нивни одредби, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски