У.бр.95/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.95/2023
Скопје, 15.10.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 142 став 7 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 145/2007, 21/2008, 88/2008, 159/2008, 23/2009, 76/2009, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 166/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија бр. 275/2019, 79/2020, 290/2020, 247/2022 и 3/2025).

Образложение

I

Владимир Клековски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Имено, подносителот смета дека оваа одредба е во колизија со одредбите од Законот за платен промет,Законот за платежни услуги и платни системи, Законот за извршување, како и со Законот за судовите.

Во иницијативата се наведува дека примената на оспорената одредба предизвикала дилема и различни мислења кај банките како носители на платниот промет. Во таа насока наведува дека ова прашање било разгледувано од страна на Националниот совет на платни системи, по што овој совет побарал од Министерството за финансии да се произнесе во однос на неусогласеноста на оспорената одредба со Законот за платниот промет и Законот за извршување.

Според наводите во иницијативата, Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/2007, 22/2008, 159/2008, 133/2009, 145/2010, 35/2011, 11/2012, 59/2012, 166/2012, 170/2013, 153/2015, 199/2015, 193/2017 и 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/2020 и 39/2022), пропишува дека носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата во согласност со закон. Носителот на платниот промет е должен да постапи по решенијата за присилна наплата најдоцна наредниот работен ден од денот на приемот на решението, а решенијата за присилна наплата се заведуваат во евиденција според датумот и времето на нивното пристигнување и по ист редослед се извршуваат.

Под поимот „решение за присилна наплата“, според подносителот се подразбира налог за извршување од извршител, правосилна судска одлука за дозвола за извршување, задолжница, извршно решение за казна за прекршок, извршно решение за наплата на јавни давачки или решение на други органи овластени со закон. Во Законот за платниот промет е определено дека решенијата за присилна наплата се извршуваат според времето на нивното пристигнување во банката, независно од тоа за каков вид решение се работи, додека во Законот за даночната постапка е предвидено дека решението за присилна наплата на данок се извршува пред сите други налози, а со тоа не е во согласност со уредувањето од Законот за платниот промет.

Согласно со наводите во иницијативата, со ваквото регулирање во оспорената одредба се доаѓа до ситуација, решението на Управата за јавни приходи да го попречува извршувањето на правосилна и извршна судска одлука, па од таа причина подносителот смета дека овој начин на постапување не е во согласност со членовите 13, 14, 15 и 16 од Законот за судовите.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба предизвикува попречување, одложување или оневозможување на извршувањето на правосилна и извршна судска одлука, а со тоа се подразбира дека со акт на орган на државната управа се попречува ефикасното извршување на судските пресуди, односно со акт на извршната власт се влијае на акт на судската власт.

Според подносителот, оспорената одредба е недоволно јасна и прецизна, а со тоа е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Воедно, во наводите дополнително се дава и предлог како би требало да изгледа оспорената одредба за да биде во согласност со Уставот и законите, односно истата да биде со следната содржина „Решението за присилна наплата на данок од парични средства на должник во присилна наплата има приоритет во наплатата и се извршува пред сите други налози, освен налозите (платните инструменти) издадени врз основа на решенијата за присилна наплата (решенија за извршување од суд донесено врз основа на извршна исправа, правосилни судски одлуки и налози за извршување од извршител изготвени врз основа на правосилни и извршни судски одлуки како извршни исправи, како и судски одлуки за казни за прекршоци)“.

Имајќи го предвид горенаведеното, се предлага Уставниот суд да ја укине или поништи оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 142 став 7 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 145/2007, 21/2008, 88/2008, 159/2008, 23/2009, 76/2009, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 166/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 79/2020, 290/2020, 247/2022 и 3/2025), решението за присилна наплата на данок од парични средства на должник во присилна наплата има приоритет во наплатата и се извршува пред сите други налози.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, е пропишано дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

IV

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата во однос на содржината на оспорениот член од Законот, според кои тоа што се дава предност при извршувањето на даноците наспроти другите побарувања е спротивно на Законот за платниот промет, произлегува дека подносителот бара од Уставниот суд да направи усогласување на одредби од два различни закони.

Од анализата на иницијативата и уставните и законските одредби, произлегува дека причините за неуставноста на оспорената одредба од Законот, се темелат на тоа дека истата е нејасна и се бара меѓусебна усогласеност на два закони, односно се бара Уставниот суд да ја измени одредбата на начин на кој истата би станала јасна и усогласена со погоре наведените закони, а не на постоење аргументи и образложени причини за неусогласеноста на содржината на конкретниот член од Законот којшто се оспорува со одредбите на Уставот, што е надвор од надлежноста определена со член 110 алинеја 1 од Уставот, според кој Судот е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Судот, исто така, оцени дека наводите коишто се однесуваат на нејасноста на оспорената одредба се сведуваат на нејзината неусогласеност со одредбите од Законот за платниот промет, а не на нејасност според содржината.

Поради тоа Судот оцени дека барањето на подносителот излегува надвор од надлежностите на Уставниот суд, со што се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски