У.бр.152/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.152/2024
Скопје, 10.09.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 10 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 2, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).

Образложение

I

Комората на извршители на Република Северна Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Имено, подносителот смета дека со оспорените одредби се повредува темелната вредност на владеење на правото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања, уставно загарантираното право на сопственост и уставна забрана за повратно дејство на Законот што се однесуваат на застареноста на побарувањата, односно истите смета дека се во спротивност со член 8 алинеи 3 и 6, член 30 ставови 1 и 3, член 52 ставови 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Аргументите изнесени во поглед на неуставноста на овие законски одредби подносителот ги систематизирал во четири дела, и тоа: забрана за повратно дејство на законите; повреда на правото на сопственост; повреда на правната сигурност поради нејасност и неприменливост на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и неосновано отстапување од уставната одредба за влегување во сила на законите (vacatio legis).

Во првиот дел од образложението на предметната иниција-тива подносителот акцентот го става на забраната за повратно дејство на законите. Имено со измените и дополнувањето на Законот за облигационите односи подносителот на иницијативата смета дека се прави очигледна повреда на минималниот период на vacatio legis од 8 дена од објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија” бидејќи сосема е нејасно кои се тие исклучително оправдани причини поради кои Собранието утврдува измените да стапат на сила веднаш. Со измените на овој закон се создава правен вакуум бидејќи поради повратното дејство голем број правосилни и извршни пресуди нема да можат да се извршат од причина што скратувањето на рокот за застареност од 10 на 5 години за правосилните судски пресуди ќе придонесе голем број пресуди според кои на должниците им се дала можност за доброволно исполнување да ја загубат можноста за правна заштита. Имено, со овие измени се запира извршувањето за извршните предмети за кои поминал рокот од 10 години.

Подносителот, исто така наведува дека оспорениот закон е во спротивност и со член 52 став 4 од Уставот од причина што истиот има повратно дејство и истиот е во полза само на должниците, а на штета на доверителите. Под забрана за повратно (ретроактивно) дејство на Законот во смисла на член 52 став 4 од Уставот се подразбира дека дејството на Законот не може да се однесува на правни ситуации и односи кои настанале пред неговото донесување и кои во времето на важење на претходниот односно стариот закон биле конечно воспоставени или конечно решени. Овој општ правен принцип, според подносителот, утврдува дека временскиот судир меѓу законите се решава во полза на поранешниот закон односно законот кој не делува повратно (ретроактивно) – lex retro non agit. Следствено, новото законско решение не се применува на односи што настанале пред неговото стапување на сила.

Со оспорениот закон се обезвреднуваат уставните гаранции за слобода на пазарот и претприемништвото и за еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Имено, смислата и значењето на казнената камата која се пресметува за парични обврски е да биде казна или санкција за должниците кои не ги плаќаат навремено своите долгови.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот закон се воведува нееднаквост меѓу граѓаните затоа што се работи за постапки и рокови преку кои по разни основи некои од граѓаните ќе бидат доведени во поповолна позиција од другите бидејќи нивните обврски ќе престанат (должници), но затоа друга група граѓани ќе останат без своите побарувања (доверители). Според иницијативата, ова е пример на очигледна дискриминација бидејќи од една страна државата одредува лимит во извршувањето на побарувањето кој е директна пречка за реализација на побарувањето, но од друга страна преку законско решение отвора можност побарувањето на доверителот да застари по протек од десет години.

Во вториот дел од образложението на предметната иницијатива подносителот наведува дека со оспореното законско решение, исто така, се повредува и член 30 од Уставот, односно правото на сопственост од причина што со истото се одзема сопственоста на доверителите, со што се воведува правна несигурност што предизвикува колапс на правната држава. Истите одредби (членовите 2 и 4) се во спротивност и со член 1 од Протоколот бр. 1 и член 6 од Европската конвенција за човекови права. Во дадениот контекст побарувањето кое на авторитетен и конечен начин е утврдено со правосилна судска одлука се смета за сопственост на доверителот и со тоа потпаѓа под уставна заштита на правото на сопственост. Во една од своите водечки пресуди токму по ова прашање ЕСЧП во Пресудата по предметот Стран Грчки Рафинерии и Стратис Андреадис против Грција (Stran Greek Refineries and Stratis Andreadis v. Greece), Апликација бр. 13427/87 утврдил дека досуденото побарување претставува „посед” односно сопственост на доверителот. На ваквиот став ЕСЧП се повикува и во редица други пресуди со што јасно и недвосмислено го потврдува ваквиот став. Следствено на ова со правосилна и извршна судска одлука конечно се утврдува граѓанскоправниот однос помеѓу доверителот и должникот и се утврдува правниот карактер на побарувањето како право на сопственост. Каматата не се смета дека е дел од правото на сопственост во оваа смисла.

Во прилог на своите тврдења, подносителот на иницијативата наведува повеќе соодветни пресуди на ЕСЧП.

Во поглед на третиот дел од наводите во образложението на иницијативата, подносителот наведува дека со оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи е доведена во прашање правната сигурност и правната извесност односно легитимните очекувања на засегнатите субјекти поради нејасност и неприменливост на овие одредби. Правната сигурност како постулат меѓу другото подразбира дека правните норми мораат да бидат јасни, недвосмислено формулирани и применливи.

Одредбата од член 2 став 3 од Законот којa ја уредува застареноста на „правосилна судска одлука и одлука на друг надлежен орган” односно уредува застареност на јавна исправа е нејасна и неприменлива од причини што судска одлука во никој случај не може да застари, туку може да застари само побарување утврдено со судска одлука. Од друга страна, пак, употребата на терминот „извршна постапка” е несоодветен затоа што овој термин не се користи во нашето позитивно право. Според Законот за извршување, извршителите го спороведуваат извршувањето и преземаат извршни дејствија.

Исто така, подносителот во своите наводи наведува дека одредбата од член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи регулира „започнати постапки за наплата на побарувања предвидени во член 2” и предвидува дека истите ќе завршат во согласност со овој закон. Оваа одредба, според подносителот е неприменлива имајќи предвид дека член 2 од оспорените измени, воопшто не зборува за постапки, туку само го уредува прашањето за рокот и прекинувањето на застареноста на побарувањата утврдени пред суд или пред друг надлежен орган. Ваквата одредба во никој случај не смее да се применува на веќе започнати постапки за присилна наплата на побарувања, односно на извршувања кај кои барањето за извршување е поднесено пред 20.07.2023 година. Истата може да има важност само за започнати постапки за присилно остварување на побарувањата што се иницирани после 20.07.2023 година.

Во четвртиот дел од наводите во иницијативата подносителот наведува аргументи за оспорениот член 5, односно за преодните и завршните одредби со кои е определено дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, без притоа да биде наведена ниту една причина или образложение за примената на исклучокот за влегување во сила на Законот од страна на предлагачот, ниту пак Собранието, согласно Уставот, ја има утврдено потребата за такво нешто во кој било дел од законодавната постапка за донесување на овие законски измени.

Ваквото постапување на законодавецот според подносителот е спротивно на досегашната законодавна пракса при донесување на законски измени и дополнувања на Законот за облигационите односи, како и спротивно на член 52 став 3 од Уставот, односно воопшто не е определен период помеѓу објавувањето и влегувањето во сила на законот, попознат како vacation legis или чекање на законот, кој како своја основна цел има да се овозможи доволно време за потполно и детално запознавање со содржината на законот и да се обезбеди доволно време на институциите и органите да се подготват за негова примена со потребните организациски и технички подготовки.

Врз основа на изнесените аргументи, подносителот бара Уставниот суд да донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените членови и одлука за укинување на истите.

II

На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023) е регулирано дека член 368 се менува и гласи „(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.

(2) Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот (1) на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања.

(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.“

Во оспорениот член 4 е определено дека започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во член 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон.

Според оспорениот член 5, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспоруваат членовите 2, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).

Разгледувајќи ја предметната иницијатива и одредбите од Законот коишто се оспоруваат, Судот утврди дека постапувајќи по претходно поднесени иницијативи, Уставниот суд со Одлуката У.бр. 98/2024 и У.бр.139/2024 од 25 септември 2024 година, ги укина член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).

Од друга страна, оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023) го уредува времето на стапување на сила на член 2 и член 4 од истиот закон. Со оглед на тоа дека овие одредби се укинати, Судот оцени дека нема основ за уставно-судска анализа на член 5 од Законот со одредбите на член 52 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека предметно оспорените одредби не се повеќе во правниот поредок, Судот одлучи дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, што е причина за отфрлање на истата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски