У.бр.185/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.185/2024
Скопје, 24.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 46 ставови 1 и 11 во делот „Управата за ветеринарство“ од Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2010, 136/2011, 149/2015, 53/2016 и 241/2018).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение, како спротивни на член 8 став 1 алинeја 3 од Уставот.

Подносителот, во наводите од иницијативата појаснува дека во член 46 став 1 од Законот за ветеринарно-медицински препарати е пропишано дека „Управата за ветеринарство на подносителот на барање му издава одобрение за вршење на дејност промет на големо, односно промет на мало со ветеринарно-медицински препарати по утврдување на исполнување на условите согласно со членовите 39 и 45 од овој закон, од страна на комисија која ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство“, додека став 11 од истиот член од Законот пропишува дека „Управата за ветеринарство води евиденција на правните лица со одобрение за промет на големо, односно на мало со ветеринарно-медицински препарати“.

Понатаму се наведува дека, согласно со член 9 алинеја 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 167/2010), со денот на започнувањето на примената на овој закон, Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна продолжуваат да работат како Агенција за храна и ветеринарство.

Подносителот истакнува дека Управата за ветеринарство во правниот промет престанала да постои како правен субјект сметано од 23.12.2010 година кога заедно со Дирекцијата за храна продолжуваат да работат како Агенција за храна и ветеринарство. Па оттаму, според него, оспорените делови од член 46 од Законот за ветеринарно-медицински препарати пропишуваат надлежности и овластувања на непостоечки орган – Управата за ветеринарство, а тоа може да доведе до правна несигурност, нејаснотии и забуни во примената на правото на субјектите кои се засегнати во конкретната правна проблематика.

Од причина што подносителот смета дека оспорените делови од одредбата сè уште произведуваат правно дејство, предложи Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нивната уставност и истите да ги укине како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените делови од одредбата.

II

На седницата Судот утврди дека во член 46 став 1 од Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2010, 136/2011, 149/2015, 53/2016 и 241/2018) е уредено дека Агенцијата на подносителот на барање му издава одобрение за вршење на дејност промет на големо, односно промет на мало со ветеринарно-медицински препарати по утврдување на исполнување на условите согласно со членовите 39 и 45 од овој закон, од страна на комисија која ја формира директорот на Агенцијата. Во ставот 11 од истиот член од Законот е уредено дека Агенцијата води евиденција на правните лица со одобрение за промет на големо, односно на мало со ветеринарно-медицински препарати.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за ветеринарно-медицински препарати претрпел измени и дополнувања. По однос на прашањата покренати со иницијативата, Судот ги анализираше измените и дополнувањата на Законот што се од влијание за утврдување на фактичката состојба и формирање на правното мислење.

Според член 46 став 1 од Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2010), „Управата за ветеринарство на подносителот на барање му издава одобрение за вршење на дејност промет на големо, односно промет на мало со ветеринарно-медицински препарати по утврдување на исполнување на условите согласно со членовите 39 и 45 од овој закон, од страна на комисија која ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство“. Сега оспорениот став 11 тогаш бил став 6 и гласел „Управата за ветеринарство води евиденција на правните лица со одобрение за промет на големо, односно на мало со ветеринарно-медицински препарати.“

Со член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2011), направена е измена која гласи „Во членот 46 по ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи: (2) Формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член ги пропишува директорот на Агенцијата.“ Ставот (2) станува став (3). По ставот (2), кој станува став (3), се додава нов став (4), кој гласи „Подносителот на барање за издавање на одобрение за вршење на дејност промет на големо, односно промет на мало со ветеринарно-медицински препарати на кој му е одбиено барањето има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.“ Ставовите (3), (4), (5), (6) и (7) стануваат ставови (5), (6), (7), (8) и (9).

Законодавецот со член 2 од цитираниот Закон за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2011), направил терминолошко усогласување на Законот за ветеринарно-медицински препарати со Законот за организација и работа на органите на државната управа, така што пропишал „Во целиот текст на законот зборот „министерот“ и зборовите: „министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство“ и „директорот на Управата за ветеринарство“ се заменуваат со зборовите: „директорот на Агенцијата“ и „министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство“, а зборовите: „Управата за ветеринарство“ се заменуваат со зборот „Агенцијата“.

Со член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2016), направена е нова измена на истата одредба во која помеѓу другите измени, ставовите (4), (5), (6), (7), (8) и (9) стануваат ставови (7), (8), (9), (10), (11) и (12) а по ставот (12) се додава нов став (13).

Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 46 ставови 1 и 11 во делот „Управата за ветеринарство“ од Законот за ветеринарно-медицински препарати од причина што подносителот смета дека законодавецот со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 167/2010) предвидел со денот на започнувањето на примената на овој закон, Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна да продолжат да работат како Агенција за храна и ветеринарство, а надлежностите и овластувањата останале на непостоечки орган, односно на Управата за ветеринарство.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува член 46 ставови 1 и 11 од Законот за ветеринарно-медицински препарати, според Судот подносителот немал предвид дека оспорената законска одредба има измена во содржината и како таква повеќе не е дел од правниот поредок, односно дека со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно-медицински препарати („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2011) направено е терминолошко усогласување на Законот за ветеринарно-медицински препарати со Законот за организација и работа на органите на државната управа, па со истото направена е измена во одредбата во деловите коишто подносителот ги оспорува.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски