
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.18/2025
Скопје, 17.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението УП бр.03-3232/26 од 22.01.1980 година, донесено од Секретаријатот за комунални работи, урбанизам и имотно правни односи на Собранието на општина Охрид.
Образложение
I
Санде Пејоски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата, подносителот образложува дека оспореното решение има општ карактер бидејќи претставува административен акт кој овозможил експропријација и без исполнување на критериумите за јавен интерес.
Ова решение, според наводите, е донесено врз основа на лажен јавен интерес, бидејќи на местото на куќата не е изграден јавен објект, туку приватен деловен простор кој Државното правобранителство го издава под кирија.
Имено, во 1980 година, Државното правобранителство поднело предлог до општина Охрид за експропријација на неговиот имот, претходно наменет за изградба на јавна улица. На основа на тоа решение била уништена старата куќа, но наместо изградба на планираната улица, бил изграден друг објект под контрола на Државното правобранителство.
Присилното иселување и рушење на куќата за три дена, како што наведува подносителот, без да се обезбеди компензација за имотот, претставува повреда на член 8 (правната сигурност) и член 30 (правото на сопственост) од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот смета дека неговото право на приватна сопственост, како основно право гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија, е сериозно нарушено преку незаконската експропријација и последователните злоупотреби на правниот механизам од страна на Државното правобранителство.
Со оваа иницијатива се бара Уставниот суд да оцени дали правото на експропријација и користење на приватен имот може да биде ретроактивно ревидирано и дали Решението од 1980 година може да биде поништено со цел исправање на неправдите коишто произлегуваат од него.
Врз основа на овие наводи, подносителот смета дека Уставниот суд треба оспореното решение да го поништи од причини што истото е донесено во спротивност на уставните и законските одредби и на тој начин ќе се заштитат неговите уставно загарантирани права
II
На седницата Судот утврди дека Секретаријатот за комунални работи, урбанизам и имотно правни односи на Собранието на општина Охрид, врз основа на член 25 од Законот за експропријација („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 47/1973), член 15 од Законот за градежно земјиште („Службен лист на СФРЈ” бр.10/1979) и член 202 од Законот за општа управна постапка, донел Решение со кое предлогот за потполна експропријација поднесен од Јавното правобранителство на општина Охрид се уважува. Притоа имотот заедно со сите имотни права и тоа: куќа и зграда со поткровна површина од 147м2 на К.П. бр. 14357 КО Охрид, сопственост на Каваева Елена од Охрид со стан на ул. „Седми ноември“ бр. 46 се експроприра во корист на општина Охрид, а за изградба на II-рата делница од улица „Туристичка”.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Подносителот смета дека со оспореното решение му се повредени правната сигурност и правото на сопственост, загарантирани со членовите 8 и 30 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во Решението е утврдено дека се врши потполна експропријација на куќа и зграда со поткровна површина од 147 м2 на КП бр. 14357 КО Охрид во сопственост на Елена Каваева од Охрид, а во корист на општина Охрид за изградба на II-рата делница од улица „Туристичка”.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд, е да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Меѓутоа, не сите прописи може да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто ги содржат правните елементи коишто го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена, а тоа се прописите чие суштинско обележје е нивната општост изразена преку општи норми на однесување коишто се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно да уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин. Нивната примена треба да се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамки на соодветните општествени односи.
Од содржината на оспореното решение, произлегува дека истото не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин. Станува збор за конкретен управен акт со кој е утврдено дека се врши потполна експропријација на куќа и зграда со поткровна површина од 147 м2 на КП бр. 14357 КО Охрид во сопственост на Елена Каваева од Охрид, а во корист на општина Охрид за изградба на II-рата делница од улица „Туристичка”. Оттука, станува збор за конкретно решение донесено од управен орган, кое ги има сите елементи на конкретен управен акт и се однесува на уважување предлог за експропријација којшто се однесува на конкретен имот и на конкретно лице.
Оспореното решение ги има сите елементи на управен акт чијашто законитост можела да се оспорува на начин и во постапка предвидени со законите кои ја регулирале управната постапка и управната материја во периодот кога е донесено ова решение (како што е наведено и во самото упатство за правно средство во оспореното решение) и не претставува пропис со кој се уредуваат односи на општ начин (erga omnes), туку решава за права и обврски на конкретни субјекти (inter partes).
Од изнесените причини, произлегува дека иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспореното решение излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, што е причина за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски