
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.3/2025
Скопје, 24.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 од Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје.
О б р а з л о ж е н и е
I
Мишо Василевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Правилата не е во согласност со член 30 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот смета дека со вака дефинираната одредба утврдена во член 55 став 2 од Правилата се ограничува правото на сопсвеност гарантирано со член 30 од Уставот, односно ваквиот ценовен лимит од 10% зголемување и намалување на официјалната просечна цена на хартијата од вредност, пазарот на хартии од вредност го прави целосно ограничен и контролиран, а со цел да се оштетат сопствениците на обичните акции.
Имено, компаниите кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност АД Скопје непазарно и вештачки ја соборуваат цената на акциите, а останатите акционери потоа со години не можат да ја достигнат посакуваната цена, односно слободно да ја продаваат по цена која е прифатлива за нив.
Ваквата ограничувачка – дискриминаторска практика според подносителот е воведена со цел да се ограничат односно оштетат сопствениците на обичните акции во интерес на мала сопственичка група која сака да го контролира пазарот на хартии од вредност.
Подносителот смета дека и останатите одредби од член 55 од Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје се исто така спротивни на член 30 од Уставот.
Поради сето наведено, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да ја оцени уставноста на оспорениот став 2 од член 55 и да поведе постапка или доколку оцени по службена должност да поведе постапка за целиот член 55 од Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје.
Подносителот предлага, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје врз основа на член 81 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија” бр. 95/2005, 25/2007, 7/2008, 57/2010, 135/2011, 13/2013, 188/2013, 43/2014, 15/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.31/2020, 288/2021, 53/2024 и 3/2025) ги донела Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје.
Во член 55 став 2 од Правилата е уредено дека статичките лимити при тргувањето со одредена хартија од вредност која е во режимот на континуирано тргување во еден ден на тргување не можат да бидат поголеми или помали од 10% во однос на официјалната просечна цена за таа хартија од вредност од претходниот ден на тргување.
Имено, статичките лимити при тргувањето со одредена хартија од вредност која е во режимот на аукциско тргување во еден ден на тргување не можат да бидат поголеми или помали од 20% во однос на официјалната просечна цена за таа хартија од вредност од претходниот ден на тргување.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 1 од Законот за хартии од вредност е уреден начинот и условите на издавање и тргување со хартии од вредност; начинот и условите за регистрирање на хартиите од вредност, утврдување и порамнување на трговските трансакции и нетрговските преноси со хартии од вредност, како и ограничувањата на правата од сопственоста на хартиите од вредност; начинот и условите за функционирање на пазарот на хартии од вредност и на овластените учесници на пазарот; обврските за обелоденување од страна на акционерските друштва со посебни обврски за известување, членовите на органите на управување, директорите и одделни акционери; забранетите дејствија во врска со работењето со хартии од вредност; статусот и надлежностите на Комисијата; начинот и условите на работење на овластените учесници на пазарот при стечај и ликвидација и други прашања што се од значење за хартиите од вредност.
Согласно со член 2 од Законот се објаснети изразите коишто имаат определено значење. Имено, согласно со точка 1 од истиот член „акција” е сопственичка хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Акциите можат да бидат обични и приоритетни. Во точка 18 од истиот член, Законот го дефинира поимот „Комисија” – Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, претставува самостојно и независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон, Законот за инвестициони фондови, Законот за преземање на акционерски друштва и на сите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони. Според точка 21 од истиот член, Законот го дефинира значењето на поимот „котација” кој претставува ставање на одредена класа хартии од вредност од страна на Берзата на посебна платформа за тргување врз основа на договор меѓу таа берза и издавачот на хартиите од вредност со кој се регулираат меѓусебните права и обврски, а како „овластен учесник на пазарот на хартии од вредност“ согласно точка 24 од истиот член, претставува секое физичко или правно лице вклучено во работењето на пазарот на хартии од вредност, кое има добиено соодветна дозвола од Комисијата, вклучувајќи депозитари, берзи, банки, брокерски куќи, брокери и инвестициони советници.
Согласно со точка 25 од член 2 од Законот „просечна пазарна цена на акциите“ е пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трговски трансакции, со исклучок на блок трансакциите, со определена хартија од вредност во еден ден на тргување на овластена берза. Како пондер се зема количината на истргуваните хартии од вредност. Во точка 38 е дефинирано значењето на секундарниот пазар којшто претставува секое купување или продавање на претходно издадени хартии од вредност. Согласно со член 2 точка 44 „хартии од вредност“ се акции издадени од акционерски друштва и од командитни друштва со акции, акции во инвестициските фондови кои работат според Законот за инвестициски фондови, обврзници, инструменти на пазарот на пари, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност, сертификат за депозит и други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност. Овие хартии од вредност се неограничено преносливи.
Во член 9 од Законот е уредено дека одобрувањето за издавање хартии на вредност на примарниот пазар, вклучувајќи ги и сопствените акции, се врши по претходно добиено одобрение од Комисијата, освен во случаите од член 26 (чијшто вкупен износ не изнесува повеќе од 25.000 евра во денарска противвредност) и член 29 (гарантирани од Републиката, Народна банка итн.) на овој закон.
Правата на сопственост од хартиите од вредност настануваат со запишувањето на хартијата од вредност на сметка на сопственикот во депозитарот и се пренесуваат со запишување на хартијата од вредност на сметката на новиот сопственик во депозитарот.
Во глава IV од Законот е регулирано тргувањето со хартии од вредност.
Во точка 1 со наслов „Секундарно тргување со хартии од вредност“ со поднаслов „Задолжително секундарно тргување на овластена берза“, во член 72 став 1 е уредено дека секундарно тргување со хартии од вредност се врши преку берза на хартии од вредност овластена од страна на Комисијата, а согласно став 2 купопродажните трансакции склучени спротивно на ставот (1) од овој член се ништовни.
Член 73 од Законот уредува дека Берзата на хартии од вредност во рамките на своето работење обезбедува: а) собирање на понуди за купување и продавање на хартии од вредност; б) пазарно формирање на цените на хартиите од вредност со кои се тргува на берзата; в) склучување на трговски трансакции со хартиите од вредност; г) утврдување и известување за склучените трговски трансакции со хартии од вредност; д) почитување на правилата и стандардите на берзата, овој закон и правилниците донесени врз основа на овој закон од страна на членките на берзата; ѓ) заштита на интересите на инвеститорите во хартии од вредност; е) прием на хартиите од вредност за тргување на берзата, вклучувајќи го котирањето на хартии од вредност и ж) информирање на јавноста за прашањата значајни за работењето на берзата.
Согласно со член 75 од Законот, Берзата се основа како акционерско друштво со седиште во Република Северна Македонија согласно со Законот за хартии од вредност и со Законот за трговските друштва.
Во член 78 од Законот е уредено дека со Статутот на Берзата, покрај прашањата утврдени во Законот за трговските друштва, меѓу другото се уредуваат и условите за стекнување членство на Берзата и правата и обврските на членките на Берзата.
Член 79 став 1 од Законот уредува дека само овластени учесници на пазарот на хартии од вредност кои се регистрирани во трговскиот регистар можат да бидат членки на берза. Согласно со став 2 од истиот член Берзата донесува правила за членство со кои поблиску се утврдуваат условите за членство, обврските и правата на членките на Берзата. Според став 9 од истиот член сите членки на Берзата се должни да ги почитуваат нејзините акти на Берзата.
Согласно со член 81 став 1 од Законот, Берзата на хартии од вредност донесува правила за тргување со кои поблиску се уредува: а) начинот и постапката на тргување со хартиите од вредност на берзата; б) начинот и постапката на утврдување на трговските трансакции со хартии од вредност склучени на берзата и преносот на информациите потребни за непречено извршување на порамнувањето на берзанските трансакции; в) начинот и постапката во случаи кога берзата привремено или трајно го прекинува тргувањето со определена хартија од вредност заради спречување на манипулативни дејствија и г) други прашања значајни за работата на берзата. Според став 2 од истиот член со правилата за тргување на берзата се уредува постапката за утврдување на склучените трансакции со хартии од вредност и пренос на сите информации до депозитарот на хартии од вредност на начин кој овозможува непречено порамнување на сите берзански трансакции најдоцна три работни дена по датумот на склучување на трансакцијата.
Во ставот 3 од истиот член е уредено дека дозволени методи за организирање на берза се: а) централизирано тргување преку физичко присуство или преку електронски систем, каде што сите членки на берзата поднесуваат налози за купување и продавање на хартии од вредност за своја сметка и/или за сметка на нивните клиенти и склучуваат берзански трансакции и б) тргување меѓу брокерските куќи кои тргуваат исклучиво за сопствена сметка и кои го централизираат тргувањето преку физичко присуство или електронско тргување. Согласно со став 4 од истиот член, Комисијата пропишува дополнителни услови во врска со дозволените методи за тргување со хартии од вредност утврдени во ставот (3) од овој член.
Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје се донесени согласно со член 81 од Законот.
Во член 82 став 1 од Законот е уредено дека Берзата функционира како саморегулирачка организација и донесува правила за однесување и дисциплина, со кои поблиску се уредува спроведувањето на сите акти на Берзата, од Законот за хартии од вредност, правилниците донесени врз основа на овој закон и другите закони.
Основна цел на Берзата е да обезбеди ефикасно, транспарентно и сигурно функционирање на организираниот секундарен пазар на хартии од вредност во Република Северна Македонија.
Со Правилата за тргување на Берзата се регулира предметот на тргување на Берзата, работењето со налози за тргување (прием, менување, повлекување и одбивање на налози), начин на подредување и извршување на налозите во Берзанскиот Електронски Систем за Тргување (БЕСТ), видовите на налози, како и други прашања значајни за работата на Берзата.
Согласно со член 88 став 1 точка б од Законот, правилата за членство, правилата за тргување, правилата за котација, правилата за арбитража, правилата за однесување и дисциплина и сите нивни измени и дополнувања кои ги донесува Берзата, истата е должна од Комисијата да бара согласнот, а сè со цел заштита на инвеститорите или за обезбедување чесно и правично тргување со хартии од вредност.
Според член 90 од Законот, надзор над работата на Берзата и нејзините членки врши Комисијата за хартии од вредност. Согласно со став 4 од истиот член за вршење на надзорната функција, Комисијата особено врши одделен увид во документацијата поврзана, меѓу другото, и со законитоста на активностите поврзани со тргување со хартии од вредност, исполнувањето на обврските на издавачот пропишани со закон и со актот за издавање, примената на законите и други прописи кои се однесуваат на работењето со хартии од вредност од страна на берзата и нејзините членки, како и примената на Статутот и другите акти на берзата врз основа на кои е добиена дозволата за основање берза и тргувањето со хартии од вредност на берзата согласно со пропишаниот начин и услови за тргување.
Во глава V со наслов „Овластени учесници на пазарот со хартии од вредност“ од Законот е регулирано кои лица можат да бидат овластени учесници на пазарот за хартии од вредност, односно кои се услугите коишто овие лица ги пружаат на сопствениците на хартии од вредност (член 94), како и кои правни лица можат да вршат услуги со хартии од вредност (член 95).
Имено, согласно со член 119 од Законот за хартии од вредност, налог е еднострана инструкција на клиентот кој може да биде даден усно, писмено или во електронска форма, а со кој на брокерската куќа ѝ се наложува да изврши определена трансакција со хартии од вредност за сметка на клиентот согласно со дадените инструкции.
Начинот на кој клиентот го дава налогот на брокерската куќа се уредува со договор меѓу брокерската куќа и клиентот. Брокерскиот договор ги содржи најмалку следните елементи: а) општите услови за работење на брокерската куќа и б) изјава на клиентот дека е запознат со општите услови за работење пред склучување на договорот и дека имал можност да се запознае со содржината на договорот согласно со член 126 од Законот. За регулирање на односите меѓу брокерската куќа и клиентите освен ако поинаку не е уредено со овој закон се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.
Во глава VII од Законот се дефинирани забранети дејствија во работењето со хартии од вредност. Согласно со член 168 од Законот понудите на хартии од вредност спротивни на овој закон ќе се сметаат за ништовни.
Во член 170 став 2 од Законот уредува дека „Трговска трансакција со хартии од вредност склучена од овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или друго физичко или правно лице е во спротивност со одредбите од овој закон ако единствено има за цел: а) да ја зголеми цената на хартиите од вредност и да ги наведе инвеститорите да ја купуваат таа хартија од вредност; б) да ја намали цената на хартиите од вредност и да ги наведе инвеститорите да ги продаваат своите хартии од вредност и в) да се предизвика привид на активно тргување со хартии од вредност за да се наведат другите инвеститори да купуваат/продаваат хартии од вредност.“
На овластениот учесник на пазарот на хартии од вредност или друго правно лице во работењето со хартии од вредност доколку создаде лажна претстава за определена хартија од вредност на пазарот спротивно на член 170 од овој закон, согласно со член 243 став 1 точка 1 од Законот ќе му се изрече прекршок и глоба во износ од 5.000 до 8.000 евра во денарска противвредност.
Во глава VII од Законот со наслов „Комисија за хартии од вредност“ е уреден статутот и организацијата на Комисијата, донесување правилници, нивно изменување и укинување, контрола на овластени учесници на пазарот на хартии од вредност, овластувањето за спроведување надзор, преземање мерки и други овластувања, како и финансирање, водење евиденција и поднесување извештаи.
Комисијата за хартии од вредност има задача да го регулира и да врши надзор над финансискиот пазар во Република Северна Македонија и да го поттикнува неговиот развој. Поради тоа таа претставува регулатор на финансискиот пазар. Таа е самостојна и независна регулаторна институција која има голема одговорност, односно бројни регулаторни, надзорни, развојни и други функции.
Предмет на контрола на берзата од страна на Комисијата согласно со член 214 од Законот е законитоста на работењето на берзата во согласност со овој закон, законитоста на берзанското тргување со хартии од вредност, применувањето на законите и другите прописи кои се однесуваат на работењето со хартии од вредност, како и сопствените правила, статутот и други акти врз основа на кои се издава одобрението за работа на берзата, дали на берзата се врши промет на хартии од вредност кои ги исполнуваат пропишаните услови за тргување, односно дали тие работи ги вршат овластени брокери и контрола на финансиската состојба на берзата и на членките на берзата.
Ако при контрола се утврди дека во работењето на берзата има неправилности, односно незаконитости, Комисијата може да преземе различни мерки.
Согласно со член 1 од Правилата за тргување, „членка” на Берзата е брокерска куќа, банка или подружница на странска брокерска куќа примена во членство на Берзата согласно Правилата за членство на Берзата, која има добиено дозвола за работење од Комисијата за хартии од вредност, додека „налог” е еднострана инструкција на клиентот со кој на членката на Берзата ѝ се наложува да изврши определена трансакција со хартии од вредност за сметка на клиентот. „БЕСТ системот“ го означува берзанскиот електронски систем за тргување, односно информациониот систем којшто, со помош на соодветна компјутерска поддршка овозможува внес, промени, задржување, активирање на задржаните налози и повлекување на налозите за тргување, автоматско усогласување на налозите за тргување и склучување на берзански трансакции, надзор врз налозите за тргување и склучените берзански трансакции, како и преглед на информации за тргувањето на котираните и регистрираните хартии од вредност.
БЕСТ системот овозможува хартиите од вредност да се тргуваат во еден од двата режими на тргување: режим на континуирано тргување или режим на аукциско тргување. Режимот на континуирано тргување се состои од фаза пред тргување и главна трговска фаза. Главната трговска фаза овозможува моментално извршување на трансакции врз основа на налозите внесени во БЕСТ системот, со усогласување на нивните услови согласно со Правилата за тргување, при што цената на склучената трансакција е резултат на моментално најдобрата куповна и најдобрата продажна цена. Во режимот на аукциско тргување, хартијата од вредност се тргува во аукција, при што сите трансакции се склучуваат во ист момент и по иста цена. Цената се формира врз основа на налозите што се внесени во БЕСТ системот, со усогласување на нивните услови, согласно со Правилата за тргување, така што се избира цената по која може да се истргува најголема количина на хартии од вредност за тргување. Критериумите за распоредување на хартиите од вредност во еден од двата режими на тргување зависат од карактеристиките на тргувањето со хартијата од вредност. Притоа, се земаат предвид следните критериуми: просечниот дневен број трансакции; просечен број на денови на тргување; обем на тргување и длабочина на пазарот. Распоредувањето на хартиите од вредност во еден од двата режими се прави двапати во текот на годината. Во тргувањето во БЕСТ системот учествуваат само лиценцирани брокери.
Во член 11 е дефиниран начинот на кој клиентот го дава налогот на членката на Берзата кој се уредува со договорот помеѓу членката на Берзата и клиентот.
Согласно со член 25 од Правилата од аспект на специфицирање на цените на определена хартија од вредност, налозите за тргување се делат во повеќе видови: пазарен налог, лимитиран налог, пазарен во лимитиран и стоп налог.
Во глава VI со наслов „Ценовни ограничувања и прекин на тргување со хартии од вредност“ (член 55-55в) се дефинирани повеќе ценовни ограничувања и во кои случаи има прекин на тргување со хартии од вредност. Во истата глава со поднаслов „Ценовни ограничувања“ (статички лимити) во член 55 став 2 е уредена оспорената одредба.
Во претходната постапка Уставниот суд по однос на поднесената иницијатива (а во врска со член 55 од Правилата за тргување) се обрати до Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје и Комисијата за хартии од вредност.
Согласно со одговорот од Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје неспорно е дека член 55 од Правилата за тргување е во согласност со член 30 од Уставот и дека истите не претставуваат ограничување на правото на сопственост, туку целта е обезбедување и уредно тргување со хартии од вредност и заштита на правото на сопственост на хартиите од вредност во услови на понагласени ценовни флуктуации на пазарот. Имено, статичките лимити предвидуваат дневно движење на цената на одредена хартија од вредност која не може да биде поголема или помала од 10% (за хартии од вредност коишто се во режим на континуирано тргување), односно 20% (за хартии од вредност кои што се во режим на аукциско тргување) во однос на официјалната просечна цена за таа хартија од вредност од претходниот ден на тргување.
Понатаму, во одговорот, Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје истакнува дека дневните ограничувања на движење на цените на финансиските инструменти се едни од механизмите кои се воведуваат со цел обезбедување фер и уреден пазар и заштита на инвеститорите од поизразени ценовни флуктуации во краток временски интервал со цел оневозможување на потенцијални манипулативни активности и создавање на нереални пазарни состојби. Притоа статичките лимити можат да бидат остранети и повторно да се вратат под услови пропишани во член 55 од Правилата. Имено и Директивата 2016/56/ЕУ за пазари на финансиски инструменти во член 48 уредува дека потребно е да се воспостават механизми за привремено запирање или ограничување на тргување во случај на значајно движење на цените.
Ценовните ограничувања оневозможуваат нагло придвижување на цените на сите хартии од вредност на Берзата притоа не ограничувајќи го правото на сопственост и на располагање и покрај ограничувањата цената на хартиите од вредност се формира врз основа на актуелната понуда и побарувачка, а ограничувањата претставуваат стабилизатор на цените. Целта на овие ограничувања е да се спречи настанување на неконтролирана загуба на вредноста на таа хартија од вредност и пропишаните правила за тргување, односно статичките лимити се однесуваат на сите хартии од вредност кои ги исполнуваат условите, согласно со член 55 од Правилата.
Оттука, според Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје, наводите во иницијативата се неосновани, бидејќи воведените Правила во член 55 се во насока на заштита на правото на сопственост на сите иматели на хартии од вредност, превенирајќи големи осцилации во краток период на пазарната вредност на нивните хартии од вредност.
Како дополнување на дадениот одговор од Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје е и одговорот на Комисијата за хартии од вредност, според кој, статичките лимити претставуваат механизам за спречување ценовни флуктуации на хартиите од вредност и нивната цел е заштита на инвеститорите. Имено, користењето на овој механизам е со цел инвеститорите да извршат процена на берзанските информации и спречување на ирационални реакции во услови на екстремни промени на цените и превентивен механизам на пазарни крахови со потенцијал да доведат до нарушување на финансиската стабилност.
Ваквиот механизам е во согласност со регулативата на Европската Унија односно согласно член 49 од Директивата 2014/65/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 15 мај 2014 за пазари на финансиски инструменти и со делегираните уредби на Комисијата 2017/587 и 2017/588 од 14 јули 2016 година.
Како потврда на фактот дека ваквите манипулации се недозволиви, Комисијата за хартии од вредност го наведува и член 275 став 4 од Кривичниот законик во кој е предвидено и посебно кривично дело измама при работење со хартии од вредност и удели.
Имајќи ги предвид целите што се постигнуваат, Комисијата за хартии од вредност смета дека пропишувањето на ценовните ограничувања е легитимно и во ниту еден случај тоа не претставува ограничување на правото на сопственост и на располагање со хартиите од вредност кога тие се тргуваат на Македонската берза АД Скопје во согласност со Правилата за тргување.
Од сето изнесено, а имајќи ги предвид изнесените наводи во иницијативата, одговорите од Македонската берза АД Скопје и Комисијата за хартии од вредност, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани.
Имено, уставната гаранција на правото на сопственост и правата коишто произлегуваат од неа, не е апсолутна, бидејќи од одредбите од член 30 од Уставот произлегува можност за нејзино одземање и ограничување кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Определувањето на јавниот интерес е предмет на законско уредување, а во оваа смисла и определувањето на дејностите од јавен интерес е предмет на законско уредување.
Со Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот (член 1 од Законот).
Од содржината на член 1 од Законот за сопственост произлегува дека овој закон го уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот. Оваа одредба која всушност има деклараторен карактер, прокламира дека овој закон уредувањето на правото на сопственост и другите стварни права го врши во согласност со Уставот, односно во согласност со темелната вредност на уставниот поредок која се однесува на правната заштита на сопственоста, уставната гаранција на правото на сопственост и правото на наследување, начелото на забрана на одземање или ограничување на сопственоста и правата кои од неа произлегуваат, освен во случај кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Тоа значи дека уредувањето на правото на сопственост начелно треба да биде во согласност со Уставот.
Член 9 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права уредува дека дека сопственикот го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон.
Регулирањето на стварно-правните односи не е ограничено само на Законот за сопственост и други стварни права, туку самиот закон дава можност тие да бидат регулирани и со друг закон, на што впрочем упатува и член 112 од Законот, кој определува дека правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување, како и дека правото на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен орган, на начин и под услови определени со закон. Со оглед на тоа, Законот за сопственост и други стварни права е lex generalis, но остава можност условите и начинот на стекнувањето на правото на сопственост за поедини видови ствари, со оглед на нивната специфика, да бидат уредени со други закони како lex specialis.
Од наводите изнесени во иницијативата, може да се констатира дека подносителот на иницијативата ја нема предвид комплексноста на материјата што се уредува со оспорените правила, така што приватната сопственост ја подразбира и интерпретира како нешто во кое не смее да се задира, не земајќи ја предвид одредбата на член 9 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права дека сопственикот го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон, поради што според Судот, изнесените тврдења од страна на подносителот за неприкосновеното право на сопственост, се неосновани.
Берзата како саморегулирачка организација донесува правила за однесување и дисциплина, со кои поблиску се уредува спроведувањето на сите акти на Берзата, на Законот, правилниците донесени врз основа на закон и другите закони, додека Комисијата за хартии од вредност има задача да го регулира и да врши надзор над финансискиот пазар во Република Северна Македонија и да го поттикнува неговиот развој. Поради тоа таа претставува регулатор на финансискиот пазар. Таа е самостојна и независна регулаторна институција со јавни овластувања, која има голема одговорност, односно бројни регулаторни, надзорни, развојни и други функции.
Комисијата, во рамки на своите законски надлежности и овластувања, се грижи за законито и ефикасно функционирање на пазарот на сите хартии од вредност и за заштита на правата на инвеститорите, со цел за постојано јакнење на довербата на јавноста во институциите на пазарот на хартии од вредност во Република Северна Македонија.
Имено, согласно со законското овластување во член 81 од Законот за хартии од вредност, Берзата на хартии од вредност ги донела правила за тргување, а согласно со член 88 став 1 точка б од Законот, Комисијата ја дала согласноста за примена на тие правила.
Пропишувањето на ценовните ограничувања во тргувањето со хартиите од вредност, според Судот не претставува ограничување на правата на сопственост. Една од целите на овој механизам е токму во насока на заштитата на правото на сопственост на сите лица кои тргуваат на Берзата превенирајќи пазарната вредност на нивните хартии од вредност да нема големи осцилации на краток период односно ограничувањата се насочени кон превенција и заштита на правата и слободите на поединецот или општествените групи односно кон заштита на овие односи кои ја формираат општествено-економската основа на општеството. Според Судот, тие претставуваат израз на преземената обврска на државата да се грижи за одредено право, слобода на поединецот, а со тоа да му обезбеди ефективна правна заштита на човекот и граѓанинот, почитување на концептот на владеење на правото и правна сигурност.
Во таа насока законодавецот уредил дека со Правилата за тргување ќе се регулира тргувањето со хартии од вредност на Македоската берза, а Комисијата за хартии од вредност (како орган надлежен за надзор на целокупниот пазар на капитал) ќе врши надзор и ќе ги открива пазарните злоупотреби. Во таа насока законодавецот уредил и законска забрана за ценовна манипулација (во член 170 од Законот за хартии од вредност) за трговска трансакција со хартии од вредност, а забранетите работи со хартии од вредност да бидат под надзор на Комисијата за хартии од вредност со овластување на Комисијата да презема различни мерки.
Регулаторните тела на финансиските пазари секаде во светот се надлежни за спроведување на националните закони од областа на пазарот на хартии од вредност. Меѓутоа, тие се и самостојни и независни во донесување сопствени акти заради примена на законите за чие спроведување тие се надлежни, акти коишто имаат задолжителен карактер за сите учесници на пазарот на хартии од вредност пред сè заради обезбедување на законито, ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност, заштита на правата на инвеститорите и јакнење на довербата на јавноста во институциите на овој пазар.
Одредбите за правото на сопственоста во смисла на член 30 од Уставот на Република Северна Македонија, се насочени пред сè кон заштита на правата и слободите на поединецот или општествените групи односно кон заштита на одредени односи кои ја формираат општествено -економската основа на општеството. Во конкретниот случај, пропишувањето на ценовното ограничување е легитимно и не го ограничува правото на сопственост и располагањето со хартии од вредност, туку претставува ефикасна заштита и гаранција на сопственоста од страна на институциите за нејзино остварување и заштита.
Поради сето наведено, Судот оцени дека член 55 став 2 од Правилата за тргување на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје е во согласност со член 30 од Уставот на Република Северна Македонија од аспект на наводите во иницијативата.
Имајќи предвид дека Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, не се исполнети условите за донесување решение, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски