
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.1/2024
Скопје, 15.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.36/1990, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024).
Образложение
I
Здружението на граѓани за давање правна помош на дискриминирани лица „Заштита од дискриминација“ Виница, преку претседателот Коле Илијев од Виница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата подносителот ја оспорува целината на Законот од причина што Законот е донесен од Собранието на Социјалистичка Република Македонија, пред донесувањето на Уставот од 1991 година и независноста на државата, кога бил на сила друг политички систем, поради што основано се поставува прашањето за неговата согласност со член 51 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот.
Според подносителот, општественото уредување во времето на донесување на основниот текст на оспорениот закон не соодветствува со денешните капиталистички односи и уредувањето на државата. Подносителот наведува дека со оспорениот закон се регулираат платата и надоместоците на функционерите во кои спаѓаат повеќе групи, а подоцна биле донесени посебните закони и тоа: Законот за судовите, Законот за јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија и Законот за Судскиот совет на Република Македонија, во кои посебно се регулираат покрај нивните обврски и нивните права како што е правото на плата и други надоместоци, а кои кореспондираат со новите социоекономски односи.
Според подносителот, поради настанување на правна колизија со важечките закони, со оспорениот закон се повредува принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како темелна вредност, како и член 32 став 3 од Уставот кој предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Од изнесените причини подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да го укине Законот и да ја забрани неговата примена.
II
На седницата Судот утврди дека Законот за личните доходи и другите надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката е донесен на 26 октомври 1990 година од страна на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и истиот е објавен во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.36/1990 од 8 ноември 1990 година, а влегол во сила на 16 ноември 1990 година. Законот е систематизиран во шест глави, во кои се содржани 34 члена.
Судот утврди и дека Законот повеќепати е изменуван и дополнуван поради што Законот претрпел содржински измени како и промени во називот.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 32 став 3 од Уставот е предвидено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, а во став 5 на истиот член е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 51 од Уставот се гарантира дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Собранието на Република Северна Македонија, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, меѓу другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 133 став 1 од Уставот, за спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон.
IV
Оспорениот закон во времето кога бил донесен бил насловен Закон за личните доходи и другите надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Според член 1 од основниот текст, Законот, го уредувал правото на личен доход во месечен износ (плата) на пратениците во Собранието, на претседателот и потпретседателот на Републиката, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите кои ги избира или именува Собранието, носителите на правосудните функции, функционерите кои ги именува претседателот и функционерите кои ги именува Владата, раководните работници кои ги назначува претседателот на Републиката или телото што тој ќе го овласти, надлежното тело на Собранието и Владата.
Со Законот е воспоставен системот на плати на носителите на функциите опфатени во Законот. Меѓу другото, како основица за пресметување на платите е утврдена просечната месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика (член 11), која основица се множи со утврдениот коефициент во Законот, кој е различен за секој носител на функција.
Во периодот од 1991 година досега, оспорениот закон е изменуван и дополнуван 17 пати поради што претрпел содржински измени.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1997) изменет е насловот на Законот во Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Со член 1 од цитираниот Закон се брише зборот „социјалистичка” од насловот и од целиот текст на Законот. Според член 2, се бришат зборовите „потпретседателот на претседателот на Социјалистичка Република Македонија” од сите членови во текстот на Законот каде што истиот се споменува. Според образложението содржано во Предлог-законот доставено од Собранието до Уставниот суд, со предложените измени се врши терминолошко усогласување на Законот со Уставот на Републиката и се пропишуваат коефициентите за одредени носители на функции кои по трансформацијата на општината од општествено политичка заедница во единица на локална самоуправа преминаа во Републиката, како и за градоначалниците кои досега не биле опфатени со Законот. Воедно, се востановуваат законски основи со кои се пропишуваат коефициентите со чија примена се пресметуваат платите на носителите на функциите на кои се применува Законот.
Подоцна, со донесувањето на поединечни посебни закони, дел од одредбите на Законот престанале да важат. На 11.10.2005 година како ден на влегувањето во сила на Законот за пратениците („Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005 од 03.10.2005), престануваат да важат одредбите од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990 и „Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1991, 23/1997 и 37/2005) кои се однесуваат на пратениците во Собранието.
Со донесувањето на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” бр.110/2007), престанува да важи делот од членовите 15, 16, 17 и 17-б кој се однесува на коефициентот за пресметка на платата на претседателите на судовите и судиите.
Со донесување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2009), престануваат да важат одредбите од членовите 15, 16, 17 и 17-б на Законот за плата и други надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, кој се однесува на јавните обвинители и замениците јавни обвинители во соодветните јавни обвинителства.
Со Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија” бр.153/2009) престанува да важи оспорениот закон во делот од членовите 15,16,17 и 17-б кој се однесува на јавните обвинители и замениците јавни обвинители.
Со Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија” бр.139/2009, оспорениот закон престанува да важи во делот на коефициентите содржани во одредбата од член 17-а која се однесува на претседателот на Републичкот судски совет, на член на Републички судски совет и на секретарот на Републичкиот судски совет.
Во „Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 се објавени измени и дополнувања на Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија и Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, кои се однесуваат на основицата на платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Советот на јавни обвинители и членовите на Судскиот совет во Републиката. Со овие измени и дополнувања законодавецот интервенирал во одредбите на Законот и тоа во основицата за пресметување на платата и во коефициентите.
Со иницијативата се изнесени причини за оспорување на целината на Законот од аспект на општествените односи и уредувањето во државата во времето на донесувањето на основниот текст на Законот кој според подносителот потекнува од Социјалистичка Република Македонија со што се повредуваат владеењето на правото, правото на вработените на соодветна заработувачка и согласноста на законите со Уставот.
Имајќи ги предвид аспектите на оспорување во иницијативата, Судот утврди дека наводите на подносителот во иницијативата се неосновани од следните причини:
Со донесувањето на Уставот во 1991 година, Република Македонија е определена како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Со Уставот се уредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1991), донесен согласно со член 133 став 1 од Уставот, е определено дека законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.
Првично, оспорениот закон се однесувал на пратениците во Собранието, на претседателот и потпретседателот на Републиката, на функционерите кои ги избира или именува Собранието, како и на носителите на правосудни функции, функционерите именувани од претседателот и оние кои ги именува Владата. Во периодот по 1991 година, со донесените измени и дополнувања, Законот претрпел содржински прилагодувања во насока на усогласување со новите општествени и институционални околности. Позначајна измена е направена со Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/1997, со која насловот на Законот е изменет во Закон за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Уставен основ за донесување на измените и дополнувањата на Законот е член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, според која Собранието е надлежно за донесување закони. Оттука, во надлежност на законодавецот спаѓа креирањето на законските решенија и нормирањето на односите. Собранието како законодавен орган има уставно овластување да ги уредува општествените односи, односно да ги определува правата и обврските на граѓаните, а во тие рамки да ги утврдува и правата на носителите на јавните функции, вклучително и нивната плата.
Тргнувајќи од извршената анализа, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, бидејќи оспорениот закон не е во спротивност со наведените уставни одредби. Имено, фактот дека основниот текст на Законот потекнува од периодот на Социјалистичка Република Македонија не претставува основ за утврдување на негова неусогласеност со важечкиот Устав. Собранието, како надлежен законодавен орган, со последователните измени и дополнувања донесени по 1991 година, ја усогласило содржината на Законот со уставниот поредок, согласно со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/1991).
Имено, оспорениот закон претрпел повеќе измени и дополнувања со цел негово усогласување со Уставот од 1991 година и со изменетите општествени и правни односи. Собранието, како надлежен законодавен орган, во континуитет ја оценувало целисходноста од постоењето и примената на овој закон во правниот поредок по донесувањето на Уставот на Република Македонија. Со стапувањето на сила на последователните измени и нови законски решенија, согласно со принципот lex posterior derogat (legi) priori, значителен дел од одредбите на овој закон престанале да важат, односно не се дел од правниот поредок и не произведуваат правно дејство, па како такви не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена. Дополнително, со донесувањето на посебни закони што ја регулираат материјата на одделни категории носители на јавни функции, дел од одредбите на овој закон исто така престанале да важат. Сепак, и покрај бројните измени и дополнувања на оспорениот закон, одредени категории лица и понатаму се опфатени со неговата примена.
Врз основа на уставно-судската анализа, од аспект на наводите во иницијативата кои се однесуваат на целината на оспорениот закон, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на целината на Законот со член 32 став 3, како и со член 51 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот. Исто така, во однос на наводите во иницијативата во кои подносителот се повикува на усогласеност на нормите од оспорениот закон со други закони, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд, определена во член 110 алинеја 1 од Уставот, Судот утврди дека нема надлежност да одлучува.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски