У.бр.143/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.143/2023
Скопје, 24.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022) и Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2022).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022).

Образложение

I

Трговското друштво ИНТЕРПРОГРЕС ДОО Скопје, преку полномошник Илија Чилиманов, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022) и Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2022).

Според подносителот на иницијативата, оспорените уредби не се во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Оспорените уредби објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022 и 168/2022 не се први уредби со кои се менува првично донесената Уредба за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште.

Имено, првично донесената Уредба за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежното земјиште, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007, е менувана повеќепати и тоа секогаш во делот на надоместокот кој треба да се плати за приватизација на градежното земјиште, дефиниран во прегледите кои се составен дел на секоја од уредбите. Па така, направени се измени во 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2008), во 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009), во 2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2010), во 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2011), во 2022 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022), како и повторно во 2022 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2022).

Доколку се анализира висината на надоместокот, односно износите кои треба да се платат за приватизација на земјиштето, ќе се увиди дека со оспорените уредби, зголемувањето на износите е направено на следниот начин. Додадени се нови категории на земјиште од каде во сите зони, категоријатa „Колективно домување“ е поделена во две категории и тоа, „Колективно домување – неизградено“ и „Колективно домување – изградено“, односно за едната категорија „Колективно домување – неизградено“ предвиден е надоместок во значително повисок износ, триесет пати повисок од износот кој претходно требало да се плати за земјиште кое спаѓа во категоријата „Колективно домување“ и за категоријата „Комерцијални деловни објекти“ во зоната „Централно подрачје“ и во зоната „Вонцентрално подрачје“ надоместокот кој треба да се плати е исто така триесет пати повисок од првично предвидениот надоместок, односно зголемување од 438,00 денари за 1м2 на 13.140,00 денари за 1м2 земјиште кое се наоѓа во реоните I, II и III, како и зголемување од 245,00 денари за 1м2 на 7.350,00 денари за 1м2 земјиште кое се наоѓа во реон IV.

За категоријата „Стопански и производни објекти“ во зоната „Централно подрачје“ и во зоната „Вонцентрално подрачје“ надоместокот кој треба да се плати е дваесет пати повисок од првично предвидениот надоместок, односно зголемување од 438,00 денари за 1м2 на 8.760,00 денари за 1м2 земјиште кое се наоѓа во реоните I, II и III, како и зголемување од 245,00 денари за 1м2 на 4.900,00 денари за 1м2 земјиште кое се наоѓа во реон IV.

Драстично зголемување на надоместокот, дваесет до триесет пати повисок износ, предвидено е дека треба да се плати и за приватизација на земјиште кое се наоѓа во зона „Населени места“, а се однесува на категоријата „Комерцијални деловни објекти“ и категоријата „Стопански и производни објекти“.

Подносителот напоменува дека согласно со Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021), крајниот рок за поднесување на барањата за приватизација на градежно земјиште истекувал на 31.12.2021 година, а само за одредена категорија на градежно неизградено земјиште – барањата за приватизација на градежно земјиште на кое не постои бесправно изграден објект, односно за онаа катастарска парцела за која не е поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, барање за приватизација можело да се поднесе до 31.12.2022 година.

Доколку се земат предвид датумите кога се донесени и објавени оспорените уредби со кои се определува надоместокот за приватизација, се доаѓа до заклучок дека за најголем дел од земјиштето, барањата за приватизација можеле да се поднесат пред донесувањето и влегувањето во сила на оспорените уредби.

Правните и физичките лица кои поднеле барање за приватизација согласно законските прописи, очекувале дека приватизацијата ќе ја спроведат, односно дека ќе треба да платат надомест за приватизација согласно уредбите кои биле во важност во време на поднесување на барањето за приватизација. Владата на Република Северна Македонија, со донесените уредби драстично ги менува условите под кои може да се приватизира земјиштето на начин што цената која треба да ја платат субјектите кои водат постапки за приватизација, повеќекратно ја зголемува.

Според подносителот, спорно е тоа што новите цени –надоместоци кои треба да се платат за приватизација, се применуваат и за постапки за приватизација кои се во тек, што значи дека оспорените уредби содржат одредби кои имаат повратно дејство што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија како орган кој ги донесува уредбите е запознаена со фактот дека промената на износот кој треба да се плати за приватизација на градежното земјиште за постапки кои се во тек, може да се прави само во случај кога новопредвидениот износ кој треба да се плати за приватизација е поповолен, односно понизок за граѓаните. Ова може да се увиди во член 4 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009) каде е предвидено дека „На постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот определена со прегледот кој е составен дел на оваа уредба, доколку истиот е поповолен за странките“. Оттаму, во оспорените уредби не е содржана формулацијата дека висината на надоместокот содржана во Предлогот, се применува на постапките за приватизација кои се во тек, доколку истиот е поповолен за граѓаните.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да донесе одлука со која ќе ги укине оспорените акти.

II

На седницата Судот утврди дека со член 1 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022), се врши измена во Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007, 26/2008, 115/2009, 46/2010 и 48/2011), каде прегледот за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, се заменува со нов преглед кој е составен дел на оваа уредба.

Во член 2 од оваа уредба е предвидено дека на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со прегледеот кој е составен дел на оваа уредба“.

Според член 3 е уредено дека истата влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Понатаму, со член 1 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште, донесена од Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2022), се врши измена на Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022), во прегледот за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, во реоните II и III, зона – вон централно подрачје, подзона В – колективно домување неизградено, каде износот „4.380,00“, се заменува со износот „13.140,00“.

Во член 2 од Уредбата е наведено дека оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот  суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со член 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011, 27/2014, 144/2014, 72/2015, 104/2015, 153/2015, 23/2016, 178/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021), се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица.

Во член 24 став 1 од Законот е предвидено дека висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација, како и начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација, на предлог на министерот за финансии ги пропишува Владата на Република Македонија со посебен пропис. Според став 2 на овој член, висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација се утврдува во зависност од зоните утврдени во членот 83 од овој закон.

Врз основа на законско овластување, Владата на Република Северна Македонија на 29 март 2022 година, ја донела Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022).

Со член 1 од Уредбата се врши измена во Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007, 26/2008, 115/2009, 46/2010 и 48/2011), на начин што прегледот за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, се заменува со нов преглед кој е составен дел на оваа уредба.

Во член 2 е предвидено дека, на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со прегледот кој е составен дел на оваа уредба.

Со член 3 е уредено дека, оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија, на 20 јули 2022 година ја донела Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/2022).

Со член 1 од Уредбата се врши измена на Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 81/2022), на начин што во прегледот за висина на надоместот за приватизација на градежното земјиште, во реоните II и III, зона – вон централно подрачје, подзона В – колективно домување неизградено, износот „4.380,00“, се заменува со износот „13.140,00“.

Со член 2 од Уредбата е предвидено дека, оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Судот утврди дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова од причина што промената во висината на надоместокот која настанала согласно со оспорените уредби и прегледот кој е составен дел на истите, не е прашање коешто е во уставно-судска надлежнсот, туку тоа е прашање за чија целисходност е надлежна Владата, согласно нејзиното место и улога во организацијата на државната власт, како носител на извршната власт е самостојна и независна во уредувањето на политиката, на утврдување и извршување на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите, од каде има и своја уставна основа, нормирана во член 91 од Уставот на Република Северна Македонија.

Уставниот суд не е надлежен да ја оценува примената на законите и прописите во практиката, туку е надлежен да ја оценува нивната уставност, односно уставност и законитост, независно од нивната примена.

Фактот дали еден пропис се применува или не, во практиката нема влијание на постапката за апстрактна контрола над истиот, но за да се покрене механизмот на уставно-судска оценка, основен предуслов е да постојат квалитетни, образложени причини дека оспорените норми не се во согласност со Уставот. Во конкретната иницијатива такви наводи не се дадени, ниту образложени, напротив, со иницијативата се оспорени уредбите само од аспект на ex post facto, за кој Уставниот суд веќе интервенирал со укинувачка одлука.

Притоа, значајно е да се напомене дека новоопределените надоместоци по м2 за приватизација на градежно земјиште, нема да се однесуваат на постапките започнати пред денот на влегување во сила на овие уредби, односно на постапките кои не се завршени, поради интервенцијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлуката У.бр.36/2022 од 15 мај 2024 година, укината е одредбата со која се предвидуваше дека на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместот определена со прегледот кој е составен дел на оваа уредба.

Поради наведеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените уредби со член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на член 2 од оспорената Уредба за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022), Уставниот суд веќе се има произнесено за прашањата што се покренати со предметната иницијатива, постапувајќи по предметот У.бр.36/2022, при што со Одлуката од 15.05.2024 година, го укина член 2 од оспорениот акт.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 2 од Уредбата, и истиот повеќе не е дел од правниот поредок, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата во делот кој се однесува на наведениот член од оспорената уредба.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски