УЗ.бр.47/2025, УЗ.бр.48/2025 и УЗ.бр.59/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.47/2025, УЗ.бр.48/2025 и УЗ.бр.59/2025
Скопје, 24.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на  24 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија, донесена од Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24.09.2024 година, бр. 41-841/7 од 24.09.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 199/2024).

Образложение

I

Скендер Реџепи од Скопје, Ќенан Алија од с.Палатица, Општина Желино, Блерим Беџети, координатор на пратеничката група „Европски фронт” и Сали Мурати, пратеник на пратеничката група „Европски фронт”, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на Решението.

Во иницијативата по предметот УЗ.бр.47/2025, поднесена од Скендер Реџепи од Скопје, се наведува дека Владата на Република Северна Македонија како носител на извршната власт без законско овластување ја донела Одлуката за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија. Според подносителот, оспорената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот, член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Северна Македонија и член 34 од Законот за локалната самоуправа. Наведува и дека оспорената одлука предвидува различен начин на определување на бројот на членовите на советите на општините од начинот предвиден во член 34 од Законот за локалната самоуправа што покажува дека со оспорената одлука е повреден член 51 од Уставот. Од материјален аспект оспорената одлука, според подносителот, е спротивна на член 34 од Законот за локалната самоуправа со наводи дека не содржи податоци врз основа на кои е определен бројот на членовите на советите на општините со што истата е нејасна, а со тоа и спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи, а до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

Според наводите од иницијативата по предметот УЗ.бр.48/2025, поднесена од Ќенан Алија од с.Палатица, Општина Желино, оспорената одлука е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Уставот, при што се повикува на Решението У.бр.251/2024 од 12.03.2025 година со кое Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел II „Општ дел” точка 5 потточка 1 во делот „Вкупно резидентно население го сочинуваат следните лица – единици на Попис” и потточка 2 во делот „Вкупно нерезидентно население го сочинуваат следните лица – единици на Попис” од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 30/2021).

Во продолжението на иницијативата, подносителот наведува дека во воведниот дел на оспорената одлука стои дека истата е донесена во врска со член 34 од Законот за локалната самоуправа во кој се наведуваат само бројот на жителите од – до, и во кој се утврдени бројот на членовите на советот на општината, но за разлика од претходната Одлука на Владата донесена на 23.08.2004 година, освен законската надлежност за донесување на Одлуката, Владата во воведниот дел изречно се повикала и на член 17 став 2 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 55/2004) според кој Владата на Република Македонија за спроведување на изборите од став 1 на овој член, најдоцна 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, врз основа на официјалните податоци за бројот на населението по општините од член 10 на овој закон во Република Македонија, ќе го утврди и објави бројот на членовите на советите на општините од член 10 на овој закон. По ова, подносителот наведува дека оспорената одлука не е во согласност со наведената законска одредба, бидејќи во погоре споменатата Методологија точка 5, потточка 3 децидно се наведува „Вкупното резидентно и вкупно нерезидентно население ја сочинуваат категоријата „Вкупно попишано население”, со што извршната власт не може да го редуцира односно утврдува бројот на членовите на советите на општините спротивно од официјалните податоци за бројот на населението по општините.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине, а со оглед на правните последици при отпочнување со изборните дејствија, Судот да донесе и времена мерка, поточно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

Со иницијативата по предметот УЗ.бр.59/2025 подносителите Блерим Беџети и Сали Мурати ја оспоруваат уставноста на предметната одлука со наводи дека со истата се повредува начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, принципот на недискриминација и еднаков третман од член 9 на Уставот, член 51 од Уставот и Амандманот XI од Уставот.

Според подносителите, со оспорената одлука се повредува член 34 од Законот за локалната самоуправа со наводи дека овој член дава овластување на Владата да го утврди бројот на членовите на советот на општината, но ова овластување мора да се врши во согласност со правниот поредок и врз основа на валидни правни основи. Наведуваат и дека член 36 став 3 од Законот за Владата овозможува донесување одлуки за спроведување на законите, но не дава основа за донесување одлуки кои се базираат на правно спорни или укинати методологии.

Понатаму, подносителите наведуваат дека Уставниот суд донел Одлука У.бр.251/2025 од 26.05.2025 година, со која укинал делови од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија за 2021 година, донесена од директорот на Државниот завод за статистика, конкретно дел II „Општ дел” точка 5 потточки 1 и 2 коишто се однесуваат на дефинирањето на категориите „вкупно резидентно население” и „вкупно нерезидентно население” бидејќи директорот на Државниот завод за статистика немал законско овластување со подзаконски акт да изврши категоризирање на населението. Според подносителите, оспорената одлука на Владата се базирала токму на укинатите методолошки основи, односно на податоците од категоријата „резидентно население” според пописот од 2021 година, па правната логика налагала дека доколку методолошките основи на кои се базира одредена одлука се укинати како неуставни, тогаш и самата одлука којашто се базира на тие основи губи своја правна важност, што произлегува од основниот принцип на правниот систем според кој правниот акт не може да опстои доколку правната основа на која се заснова е неважечка, со што продолжувањето на примената на оспорената одлука по укинувањето на нејзините методолошки основи претставува директно кршење на принципот на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителите на иницијативата сметаат и дека оспорената одлука е спротивна на член 9 од Уставот којшто гарантира еднаквост на граѓаните, како и со член 77 став 2 од Уставот (Амандманот XI од Уставот) што го образложуваат со наводи дека оспорената одлука покажувала постоење на системски дискриминаторски образец којшто диспропорционално ги погодува општините со значително присуство на етничките заедници, а дискриминаторскиот ефект се манифестирал преку значително намалување на бројот на советници токму во тие општини каде што живеат граѓани припадници на етничките заедници. Имено, Општина Гостивар имала намалување од 8 советници (25.8%), Кичево од 4 советници (17.4%), додека општините Врапчиште, Желино и Теарце намалување од по 4 советници (21.1%), при што процентуалните намалувања биле повисоки од просечното намалување на национално ниво, што укажувало на постоење на системски дискриминаторски ефект. Наведуваат дека соодветната застапеност на сите заедници претставува основен предуслов за стабилност и легитимност на демократските институции, а со намалувањето на бројот на советници, коешто според подносителите е без валидна правна основа со наводи дека Владата применила правно спорни критериуми за определување на бројот на советници, директно се нарушува демократската легитимност на локалната самоуправа и се нарушува способноста на локалните органи да функционираат ефективно и репрезентативно што е во спротивност со Европската повелба за локална самоуправа каде со член 3 се дефинира дека локалната самоуправа означува право и способност на органите на локалната самоуправа да регулираат и управуваат со значителен дел од јавните работи под сопствена одговорност и во интерес на локалното население. Демократијата се заснова на принципот на репрезентативност, при што граѓаните остваруваат свое право на учество во јавниот живот преку избрани претставници, а кога бројот на советници се намалува врз основа на правно спорни критериуми, се нарушува самиот принцип на демократската репрезентативност.

Од наведените причини подносителите предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и истата да ја укине, а до донесувањето на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука.

II

На седницата Судот утврди дека Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 24.09.2024 година, донела Одлука за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија, објавена на 26.09.2024 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 199/2024.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Сoгласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 51 од Уставот во Република Северна Македонија предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 91 став 1 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Амандманот XVI со кој е заменет став 5 на членот 114 од Уставот предвидува дека локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за Градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во точка 1 од Амандманот XVII на Уставот со која се заменува став 1 на член 115 од Уставот е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Член 117 став 1 од Уставот утврдува дека Градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон. Согласно со точка 2 на Амандман XVII на Уставот со кој се заменува став 2 на член 117 од Уставот, во Градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Уставната гаранција на граѓаните за правото на локална самоуправа, којашто се изразува преку нивна непосредна и посредна партиципација во одлучувањето за прашањата од локално значење и од значење за Градот Скопје, е разработена со Законот за локалната самоуправа којшто според Уставот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.

Со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2024) се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Според член 2 став 1 точка 1. од Законот за локалната самоуправа, општина е единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено подрачје, утврдено со закон, која преку своите органи и преку администрацијата и организираните јавни служби, овозможува вршење на надлежностите пропишани со закон.

Член 2 став 1 точка 5. од Законот предвидува дека непосредно учество на граѓаните е поединечно или колективно вклучување на жителите на општината во одлучувања за работи од локално значење во различни нивоа на одлучување.

Согласно со член 5 од Законот, граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа непосредно и преку претставници во органите на општината.

Во член 6 од Законот за локалната самоуправа, предвидено е дека жители на општината се граѓаните на Република Македонија, кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Член 31 од Законот како органи на општината ги определува советот и градоначалникот. Согласно со член 33 став 1 од Законот, советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, а според став 2 од истиот член изборот на членовите на советот се уредува со закон.

Според член 34 од Законот, бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од 9 ниту поголем од 33 члена, и тоа во општините со:

жители                               членови на советот
до 5000                                               9
од 5001 до 10000                             11
од 10001 до 20000                          15
од 20001 до 40000                         19
од 40001 до 60000                         23
од 60001 до 80000                         27
од 80001 до 100000                       31
над 100000                                       33

Овластувањето на Владата да донесува одлуки во функција на извршување на законите коешто патем е изворно уредено со погоре цитираниот член 91 став 1 алинеја 5 од Уставот, е уредено и со член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/2019) според кој сo одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019), а во врска со член 34 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 24 септември 2024 година, донела Одлука за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија.

Со член 1 став 1 на оспорената одлука, точка а) Општини со седиште во град, е утврден бројот на членовите на советите на 33 општини со седиште во град. Во истиот член, точка б) Општини со седиште во село, е утврден бројот на членовите на советите на 37 општина со седиште во село, и под в) Општини со седиште во Град Скопје, бројот на членовите на советите на 10 општини со седиште во Град Скопје.

Според член 2 од оспорената одлука, со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 57/2004 и 17/2013), а според член 3, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе отпочне да се применува од првите наредни локални избори.

IV

Постапувајќи по предметните иницијативи, Судот го утврди следното:

Последниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, беше спроведен во 2021 година. Резултатите од пописот се објавени од Државниот завод за статистика со Соопштението број 2.1.22.10 од 30.03.2022 година, достапно на: //www.stat.gov.mk/pdf/2022/2.1.22.10Popis-mk-en.pdf

Согласно со погоре цитираните законски одредби од Законот за локалната самоуправа, граѓаните – жители на општините партиципираат (учествуваат) во одлучувањето на работите од локално значење преку нивни претставници – членови на советот на општината.

Воедно, Законот за локалната самоуправа во член 34 уредува јасни критериуми за утврдување на бројот на членовите на советите на општините и тој се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од 9 ниту поголем од 33 члена. Законската одредба содржи и табела од која јасно може да се согледа дека бројот на членови на советот на општината до 5000 жители изнесува 9, од 5001 до 10000 жители – 11 члена, од 10001 до 20000 жители – 15 члена, од 20001 до 40000 – 19 члена, од 40001 до 60000 – 23 члена, од 60001 до 80000 – 27 члена, од 80001 до 100000 – 31 член и над 100000 жители – 33 члена.

Законот за локалната самоуправа е дециден во поглед на прашањето кои граѓани се сметаат за жители на општината од чијшто број всушност зависи бројот на членовите на советот на општините. Имено, за жители на општината се сметаат граѓаните на Република Северна Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Податоците од последно спроведениот попис во земјата од 2021 година, нотираат зголемување на бројот на жителите во одредени општини, но и намалување на бројот на жителите во други општини. Промената на бројот на жителите на општините, неспорно се одразува и на бројот на членовите на советите на општините кои ќе ги претставуваат интересите на своите жители во локалната власт. Тоа се забележува и во оспорената одлука каде споредбено со претходно донесената Одлука на Владата од 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 57/2004 и 17/2013), бројот на членови во некои совети на општини утврден со претходната владина одлука, е изменет, поточно, во некои општини бројот на членови на советот, е намален, а во некои пак е зголемен, што се должи на намалениот, односно зголемениот број на жители во тие општини, што пак од своја страна, а согласно со критериумите од член 34 од Законот за локалната самоуправа, се одразува и врз бројот на членовите на советите на општините (во некои да се зголеми, а во некои да се намали).
Според Судот, сосема неприфатливи се наводите од третоподнесената иницијатива дека намалувањето на бројот на членовите на советите на општините се должи на постоење системски дискриминаторски образец којшто диспропорционално ги погодува општините со значително присуство на етничките заедници, а дискриминаторскиот ефект се манифестира преку значително намалување на бројот на советници токму во тие општини каде што живеат граѓани припадници на етничките заедници, како што се конкретно посочените со третоподнесената иницијатива, односно Општина Гостивар каде бројот е намален за 8 советници, Општина Кичево за 4 советници, како и општините Врапчиште, Желино и Теарце, исто така, за 4 советници.

Во иницијативата од подносителите, не се наведуваат и останатите општини во кои, исто така, е намален бројот на членови на советите на општините, што се должи на намалениот број на жители во општините, а ниту општините во кои се зголемува бројот на советниците, што исто така се должи на зголемениот број на жители во општините.

Имено, Судот констатира дека намалување на бројот на членови на советите на општините, покрај посочените од подносителите, а поради намалување на бројот на жители, претрпеа и Општина Кратово (бројот на членови е намален за 4 советници), Општина Крива Паланка (бројот е намален за 4 советници), Општина Куманово (бројот е намален за 2 советници), Општина Пехчево (бројот е намален за 2 советници), Општина Струга (бројот е намален за 4 советници), Општина Дебрца (бројот е намален за 2 советници), Општина Јегуновце (бројот е намален за 4 советници), Општина Ново Село (бројот е намален за 4 советници) и Општина Центар Жупа (бројот е намален за 2 советници).

Воедно, Судот констатира дека во Општина Студеничани, бројот на членови на советот е зголемен за 4 советници (од 15 на 19 члена), во Општина Карпош, бројот на членови е зголемен за 4 советници (од 23 на 27 члена) и во Општина Кисела Вода, бројот на членови е зголемен за 4 советници (од 23 на 27 члена).

Во конкретниот случај, Судот не утврди какво било отстапување од законски утврдените критериуми или каква било произволност во операционализацијата на законската одредба што би довело до ставање на граѓаните во нееднаква положба пред Уставот и законите. Критериумите за утврдување на бројот на членовите на советите на општините, се утврдени со одредбите од член 34 од Законот за локалната самоуправа, и тие подеднакво се однесуваат за утврдување на бројот на членовите на советите на сите општини во Република Северна Македонија, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба на граѓаните – жители во општините. Законот, јасно го дефинира поимот жители на општината, а податоците за жителите по општините се јавно објавени, и на еднаква основа, независно од етничката или која било друга припадност на жителите на општините, Владата го утврдила бројот на членовите на советите на вкупно 80 општини во Републиката, поради што Судот ги оцени како неосновани наводите од третоподнесената иницијатива за спротивност на оспорената одлука со член 9 од Уставот.

Европската повелба за локална самоуправа во член 2 – уставна и законска основа за локалната самоуправа, предвидува „Начелото на локална самоуправа ќе се признае во домашното законодавство, а таму каде е возможно, во Уставот”.

Во нашиот правен поредок, локалната самоуправа со член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Северна Македонија, е подигната на степен на темелна вредност на уставниот поредок, а во дел V на Уставот и посебно уредена со одредбите од член 114 до член 117 на Уставот.

Според член 3 – концепт на локалната самоуправа, точка 1. од Повелбата „Локалната самоуправа подразбира право и способност на локалните власти, во границите предвидени со закон, да регулираат и да управуваат со значителен дел од јавните работи за кои се одговорни и кои се во интерес на локалното население. Според точка 2. на членот од Повелбата, ова право се остварува преку совети или собранија, составени од членови избрани на слободни избори со тајно гласање врз основа на директно, еднакво и универзално избирачко право, а кои под нив може да имаат извршни органи. Оваа одредба, на ниту еден начин, не влијае врз постоењето на собири на граѓаните, референдуми и други облици на директно учество на граѓаните, во случаите кога тоа е дозволено со закон”.

Со одредбите од Уставот јасно е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење. Уставот, притоа, упатува со закон да се уредува локалната самоуправа којшто се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека критериумите за бројот на членовите на советите на општините преку кои граѓаните учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, се уредени со член 34 од Законот за локалната самоуправа, и дека истите подеднакво и доследно се применети од страна на Владата при утврдувањето на бројот на членовите на советите на сите општини опфатени со оспорената одлука, поради што неосновани се наводите од подносителите дека со така утврдениот број на членови на советите на општините, конкретно на посочените во иницијативата (општините Гостивар, Кичево Врапчиште, Желино и Теарце) се нарушува способноста на локалните органи да функционираат ефективно и репрезентативно како што се залага Европската повелба за локална самоуправа. Законот е јасен во поглед на репрезентативноста, бројот на членовите на советите на општините не може да биде помал од 9 ниту поголем од 33 члена, а нивниот број се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината, утврден во табеларниот приказ за жители и број на членови од член 34 од Законот за локалната самоуправа, а како жители на општините согласно со член 6 од Законот се сметаат граѓаните на Република Северна Македонија, кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Според наводите од подносителите на третоподнесената иницијатива, со оспорената одлука се повредува и член 77 став 2 од Уставот (Амандманот XI од Уставот), според кој Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби. Со иницијативата не е јасно оспорувањето на предметната одлука наспрема наведениот уставен амандман, со што Судот не може да се произнесе по ваквите наводи.

При оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот, ги имаше предвид и наводите од подносителите дека во Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, донесена од директорот на Државниот завод за статистика („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 30/2021), по интервенција на Уставниот суд (Одлуката У.бр.251/2024 од 25.06.2025 година), се отстранети деловите од дел II „Општ дел” точка 5 потточка 1 во делот „Вкупно резидентно население го сочинуваат следните лица – единици на Попис” и потточка 2 во делот „Вкупно нерезидентно население го сочинуваат следните лица – единици на Попис”, меѓутоа нејасно е повикувањето на исходот од постапувањето на Судот во тој предмет, односно ставањето на оспорената владина одлука во контекст на друг акт. Уставниот суд ја оценуваше согласноста на оспорените делови од Методологијата vis a vis Законот за попис на населението, како релевантен закон при оценувањето на законитоста на оспорениот акт – Методологијата.

Следствено на ова, сосема неприфатливи се наводите од подносителите на третоподнесената иницијатива дека поради укинатите делови од горе споменатата Методологија, и оспорената одлука на Владата треба да биде отстранета од правниот поредок бидејќи член 36 став 3 од Законот за Владата овозможува донесување одлуки за спроведување на законите, но не дава основа за донесување одлуки кои се базираат на правно спорни или укинати методологии. При ова, подносителите се повикуваат на одредбите од член 51 од Уставот во однос на кој наведуваат дека со истиот се воспоставува хиерархија на правните акти, при што сите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, односно дека овој принцип налага дека подзаконските акти мораат да бидат во согласност со Уставот и законите, а во случајот, според подносителите, оспорената одлука не е во согласност со член 51 од Уставот.

Според Судот, одредбата од член 51 од Уставот, е јасна во определбата дека сите други прописи треба да бидат во согласност со Уставот и законите, следствено, оспорената одлука како пропис понизок од Уставот и законите, може да се разгледува исклучиво vis a vis Уставот и законите како повисоки правни акти од него, па имајќи предвид дека во конкретниот случај, предмет на оспорување со иницијативите, е пропис донесен од Владата во функција на извршување одредби од Законот за локалната самоуправа, неспорно е дека истиот како понизок акт во хиерархијата на правните акти се разгледува vis a vis повисоките правни акти од него, односно Уставот и законите, конкретно наспрема Законот за локалната самоуправа, во однос на кој, Судот не утврди негова повреда, следствено и на одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој начелото на владеење на правото е темелна вредност на уставниот поредок којшто се изразува и преку согласноста на прописите со Уставот и законите. Тоа е всушност и надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот во кој децидно се наведува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Воедно, Судот смета за потребно да се произнесе по наводите од подносителите кои сметаат дека поради укинатите делови од Методологијата Владата требало да се раководи, не само од податоците за бројот на граѓаните кои се жители во општините, туку од вкупно опфатенот број на лица со пописот, меѓутоа Законот за локалната самоуправа во член 6, децидно уредува кои граѓани се сметаат за жители на општина, одредбата е јасна и прецизна и не остава простор за каква и да било поинаква интерпретација од она што Законот го предвидува, а тоа е дека за жители на општина се сметаат граѓаните на Република Северна Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Исто така, Законот е дециден во уредувањето со член 34 дека бројот на членовите на советот на општините се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината, а не во зависност од вкупниот број опфатени граѓани со пописот. Со Пописот во 2021 година се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство над 1 година, но ова само со цел да се добијат порелевантни податоци и за бројот на отселените лица од земјата.

Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека Одлуката за утврдување на бројот на членовите на советите на општините во Република Северна Македонија, донесена од Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 24.09.2024 година, број 41-841/7 од 24.09.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 199/2024), не е во спротивност со одредбите од Уставот и законите на кои се повикуваат подносителите со иницијативите.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски