
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.268/2024
Скопје, 22.10.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Ѓорѓи Крстевски, Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Авни Ќаили, сите од Скопје, на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе Решение У.бр.268/2024 со кое, меѓу другото, се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во диспозитивот на оваа одлука.
Ова од причина што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
II
Судот, на седница утврди дека според оспорениот член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр. 141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024, 275/2024 и 215/2025), авторските музички дела кои се употребуваат или користат од страна на корисниците класифицирани во репартициските класи од член 34 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од овој правилник, во временскиот период од 00:00 часот до 07:00 часот се вреднуваат со коефициент 0,10 за траење од 1 (една) минута.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Член 30 став 1 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Според став 2 на истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Согласно ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Со член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 55 став 1 од Уставот, ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според став 2 реченица прва на истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, додека реченицата втора на истиот став, утврдува дека Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на Законот.
Според член 1-а став 2 од истиот закон, јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.
Член 2 став 1 од Законот, предвидува дека авторското дело и предметите на сродните права се сметаат објавени доколку станале достапни на јавноста, во согласност со носителите на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено (член 3 од Законот).
Согласно со член 12 став 1 од Законот, авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и новинарството, изразена на кој било начин и форма.
Според член 20 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело, додека согласно став 2 од истиот член, авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.
Член 30 точки 1-7 од Законот, определува што е јавно соопштување во смисла на овој закон: 1) јавно изведување; 2) јавно пренесување; 3) јавно изложување; 4) јавно прикажување; 5) радиодифузно емитување; 6) реемитување и 7) ставање на располагање на јавноста.
Согласно со член 63 став 1 од истиот закон, авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со овој закон. Пренесувањето од ставот 1 на овој член може да се врши со наследување, со пишан договор (исклучиво и неисклучиво) или на друг пишан начин (неисклучиво) со дозвола, изјава, согласност и слично (став 2 на истиот член).
Член 66 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, уредува дека авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.
Член 129 (насловен „Индивидуално и колективно управување“) став 1 од овој закон, предвидува дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.
Колективното управување со правата од ставот 1 на овој член, опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти (став 2 на истиот член).
Ставот 3 на овој член, нормира дека колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права, додека според став 5 на овој член, во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.
Во член 131 точки 1-10 од овој закон е утврдено кои права по правило се управуваат колективно: 1) јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело; 2) право на авторот на надоместок од правото на следство; 3) право на авторот на надоместок од јавна послуга; 4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми; 5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопшување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка; 6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел; 7) право на надоместок на автор и издавач од умножување на хартија или на сличен носач на запис, по пат на фотокопирање или која било слична техника со слични ефекти, за приватно користење; 8) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на фонограмот од умножување на фонограм за приватно користење; 9) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на видеограмот (филмски продуцент) од умножување на видеограм за приватно користење и 10) право на кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права кое, како исклучиво право, задолжително се управува колективно, освен правото на емитување од радио-телевизиска организација, независно дали се работи за нејзиното сопствено право или правото и е пренесено од друг носител на правата.
Согласно со член 132 став 1 од овој закон, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).
Според став 2 на овој член, организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција.
Нејзините обврски се утврдени со член 133 точки 1-12 од Законот за авторското право и сродните права: 1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство; 2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично; 3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; 4) склучува договори со соодветни организации во странство; 5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин; 6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; 7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; 8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; 9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти; 10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата); 11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определени со закон и општи акти на организацијата; и 12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.
Според член 135-а став 1 од Законот, заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права, организациите за колективно управување се должни да обезбедат и да инсталираат кај радио-телевизиските организации систем за електронско евидентирање на емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права (во натамошниот текст: систем за електронска евиденција).
Системот за електронска евиденција обезбедува особено: идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација, со дозволено временско отстапување согласно актот од член 135-д став (2) од овој закон; записи од емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права; дневни, месечни и годишни извештаи и други периодични извештаи за емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права по одредени параметри (број на емитувања на авторското дело, односно предметот на сродно право, временски период на емитување, времетраење на емитување, идентификување на радио-телевизиските организации на кои е емитувано делото, дневен извештај за радио-телевизиските организации кои евидентирале податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права во системот за електронска евиденција); известување по електронски пат до лицето во организацијата за колективно управување и лицето во радио-телевизиската организација за прекинот во работата на системот за електронска евиденција; и чување на податоците од системот за електронска евиденција во рок од пет години од денот на нивното евидентирање (став 6 алинеи 1-6 на истиот член).
Во член 137 (насловен „Основи за определување надоместоци, корисници и крајни корисници“) од Законот, се содржани дефиниции за поимите „корисници“ (на авторско дело, н.з.) и „крајни корисници“ (на услугите на корисниците на авторските дела, н.з.).
Според став 2 на овој член, корисник, во смисла на ставот 1 на овој член, е физичко или правно лице кое користи авторско дело и/или предмет на сродни права за вршење на дејност или занимање. Доколку повеќе корисници заеднички користат авторско дело, односно предмет на сродни права, обврските кон организацијата ги исполнуваат солидарно, доколку со претходен меѓусебен договор поинаку не се договориле.
Согласно став 3 на истиот член, како краен корисник на услугите на корисниците од ставот 1 на овој член, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице кое како потрошувач за непосредна сопствена потрошувачка за цели што не се наменети за вршење на негово занимање или за други деловни дејности, користи услуги во кои се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.
Во член 144 став 1 од овој закон е предвидено дека организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање.
Според ставот 2 на овој член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права се распределуваат меѓу авторите, односно носителите на сродни права врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон (став 3 на истиот член).
Согласно со став 5 на овој член, средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови 6 и 7 од овој закон.
Понатаму, врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), Собранието на ова здружение, на седницата одржана на 23.09.2014 година го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.
Овој правилник е изменуван и дополнуван повеќепати и тоа: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) кој е поништен со Одлуката У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023); Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023) и Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 135/2024) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024) и Правилник за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2025).
Согласно со член 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, овој правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Северна Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).
Според член 2 став 1 точки 1-4 од Правилникот, ЗАМП е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на права која согласно со Решението за давање дозвола на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-54-5454/1 од 03.04.2011 година објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/11 од 10.05.2011 година, ги управува следните права: 1. Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми; 2. Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста); 3. Кабелско реемитување на музички несценски дела; 4. Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела.
ЗАМП во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права (став 2 на овој член).
Согласно став 3 на истиот член, ЗАМП може да врши административно-технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.
Според член 3 од овој правилник, правата од член 2 на овој правилник, ЗАМП ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП, овој правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, ЗАМП го обезбедува колективното управување со моралните и материјални права на носителите на права.
Во член 4 став 1 од Правилникот, е предвидено дека ЗАМП колективно ги управува авторските музички права на носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на ЗАМП.
Согласно член 5 став 1 од Правилникот, авторските права на носителите на права ЗАМП ги управува под еднакви услови.
Одредбите на овој правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува согласно ЗАПСП, Статутот, како и врз основа на договор со авторот (став 2 на истиот член).
Согласно член 10 од Правилникот, ЗАМП колективно ги управува само објавените несценски музички дела.
Во колективното управување на авторските музички права, ЗАМП ги извршува следниве работи: неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; врши пресметка, распределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство; склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори; од корисниците на музички дела собира програми и податоци за изведените и снимените дела и води евиденција за тоа; врши контрола за користењето на авторските дела; ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и слично; презема и други мерки предвидени со Законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права (член 11 точки 1-8 од Правилникот).
Репертоарот на ЗАМП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се: а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.; б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети и сл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина; в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето; г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст; д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија; ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија; е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично); ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација; з) обработка на народни творби (член 13 точки а) до з) од Правилникот).
Во член 30 став 1 од Правилникот е определено дека музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.
Според член 32 алинеи 1-11 од истиот правилник, наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво); радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво); телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво); телевизија (трговски радиодифузни друштва (телевизии) на регионално и локално ниво); приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери, матурски, дипломски, модни ревии, артистички и спортски натпревари); угостителски објекти; концерти на популарна музика; концерти на сериозна музика; концерти на џез музика; јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или кое било друго техничко средство во (угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др.); и кабелско реемитување.
Согласно со член 33 став 1 од овој правилник, авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се основа за формирање на репартициски класи. Авторските надоместоци од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд. Според став 2 од истиот правилник, секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.
Со член 34 од Правилникот, меѓу другите се утврдени следните репартициски класи:
1. Во рамки на категоријата „Радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво“ од член 32 став 1 алинеја 1 од овој правилник, се формираат посебни репартицски класи за секое од радијата кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што ќе се формираат класи нумеролошки означени како класа 100), 101), 102) и така натаму, со последователен редослед сѐ до исцрпување на радиодифузерите кои ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво.
2. Во рамки на категоријата „Радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 2 од овој Правилник се формира репартициска класа:
– 200) Радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво)
3. Во рамки на категоријата „Телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 3 од овој правилник, се формираат посебни репартициски класи за секоја од телевизииите кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што ќе се формираат класи нумеролошки означени како класа 300), 301), 302) и така натаму, со последователен редослед се до исцрпување на радиодифузерите кои ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво.
4. Во рамки на категоријата „Телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 4 од овој правилник, се формира репартициска класа:
– 400) Телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво).
Во член 39 од Правилникот е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.
Согласно со член 41 став 1 од истиот акт, распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Според член 46 став 1 од Правилникот, пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или каква било употреба на музичкото дело.
Траењето на авторското музичко дело од 1 (една) минута се вреднува со коефициент 1 (еден), според ставот 2 на истиот член.
Пресметката на авторскиот надомест со оглед на периодот на користење на авторското музичко дело кое се емитува:
– 10 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,30;
– 20 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,60;
– 30 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,90;
Како момент на настанување на делото се зема датумот на пријава на делото во ЗАМП, односно првото евидентирано користење во ЗАМП доколку и претходи на пријава на делото (став 3).
Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент (став 4).
Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута (став 5).
И на крајот, согласно член 1 од Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017 и 154/2017-исправка), со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице (во натамошниот текст: корисник) може јавно да соопштува, односно објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Р. Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во понатамошниот текст ЗАПСП), Статутот на ЗАМП и Решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија (член 1).
При определувањето на висината на надоместоците се земаат предвид: 1) правата, видовите и обемот на нивното користење; 2) бројноста на потенцијалните корисници; 3) категоријата и големината на просторот; 4) времетраењето и бројот на користењата; 5) разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата; 6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузното емитување); 7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и 8) интересите на младите и лицата со посебни потреби (член 10 точки 1 – 8).
IV
Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во кој се содржани оспорените одредби, детално ги разработува законските одредби кои се однесуваат на остварувањето на материјалните права на авторите на музички дела во делот на пресметката и распределбата на авторските надоместоци како материјални права со кои колективно управува ЗАМП.
Истиот е подзаконски акт, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) врз основа на член 133 точка 3 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Согласно со првата одредба, организацијата за колективно управување со авторското право и сродните права, има обврска да донесува и објавува општи акти за прибирање и распределба на надоместоци од користењето и донесувањето и објавувањето на овие акти да е во согласност со закон.
Втората пак, содржи овластување за оваа организација да донесе општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и нејзиниот статут, односно со договорот за нејзино основање.
Правилникот, утврдува правило за категоризација и определување на едно музичко дело (оригинално или обработка) – согласно ефективното траење на делото (член 30 став 1).
Потоа, предвидува различни категории според видот на користењето при јавно соопштување на музички несценски дела за наплата на авторските надоместоци во една календарска година (член 32 алинеи 1-8).
Притоа, во оспорената алинеја 1 на овој член, радиото е предвидено како посебна категорија во која се опфатени: Македонското радио и трговските радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво, додека во исто така оспорената алинеја 2 на истиот член, телевизијата е предвидена како друга посебна категорија во која се опфатени Македонската телевизија и трговските радиодифузни друштва (телевизии) на локално, регионално и државно ниво.
Од друга страна, различните видови на користење на делата се основ за разликување на авторските надоместоци за нивното јавно соопштување во една календарска година врз основа на кои се основаат репартициските класи во чии соодветни фондови се внесуваат прибраните средства од овие надоместоци (член 33 ставови 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци).
Конкретно, од значење за анализата, во член 34 од Правилникот, меѓу другите се утврдени репартициски класи во рамки на посебните категории: „Радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво“ во која се формираат посебни репартициски класи за секое од радијата кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво почнувајќи од означувањето 100), 101), 102) итн. се до исцрпувањето на бројот на вакви радиодифузери; потоа категорија „радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво)“ за кој се формира посебна репартициска класа 200) радио (трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво); во категоријата телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво)“ се формираат посебни репартициски класи за секоја од телевизииите кои поседуваат дозвола за емитување на државно ниво, така што ќе се формираат класи нумеролошки означени како класа 300), 301), 302) и така натаму, со последователен редослед сѐ до исцрпување на радиодифузерите кои ја поседуваат дозволата за емитување на државно ниво; и на крајот, во категоријата „телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво)“ од член 32 став 1 алинеја 4 од овој правилник, се формира репартициска класа 400) телевизија (трговски радиодифузни друштва – телевизиски програмски сервиси на локално и регионално ниво).
Како акт тој се однесува на уредување на авторските и сродните права на музички дела, за кои Законот за авторското право и сродните права, не прави дистинкција дали станува збор за музичко дело кое се користи на национално, регионално или локално ниво, ниту пак таква поделба објективно е можна.
Правото на авторскиот надоместок произлегува од самиот факт на користење, каде се вреднува пред сѐ времето на негово користење, при што се зема предвид видот (начинот) на кој е користено и тоа во случајот е уредено со подзаконски акт.
При анализата на тоа, дали оспорената одредба е во согласност со уставните и законските одредби, се поставија следните прашања и тоа дали: (1) постои основ и оправданост за вакво различно (и неповолно) третирање на авторските дела во однос на периодот во кој биле користени во рамките на иста репартициска класа; (2) предвидувањето на периодот на користење или употреба на авторското музичко дело е разработка на основите предвидени со член 66 став 1 од Законот за авторското право; (3) е правно релевантен бројот на крајни корисници при утврдувањето на критериумите за распределба на авторските надоместоци за музичките дела кои биле користени; и (4) нема ограничување на начинот на уредување на правилата за распределба на авторските надоместоци со правично определување на временски рамки во кои авторските музички дела би биле емитувани.
Според Судот, фактот во кој период од денот едно музичко дело било користено, не може да биде критериум за вреднување на авторските музички дела.
Анализата на законската рамка укажува на тоа дека при уредувањето на начинот на распределба на авторските надоместоци, единствен правен факт од кој зависи дали авторот се стекнал со право на надоместок за своето музичко дело и истиот да му биде распределен е тоа, дали неговото дело е користено, во случајот од страна на радијата и телевизиите на начин да е јавно соопштено како несценско музичко дело во формите кои ги предвидува Законот.
Во поткрепа на ова, конкретно може да се посочи на член 3 од Законот, според кој правото на правичен надомест произлегува од секој вид користење; потоа на член 66 од истиот закон, согласно кој авторскиот надоместок меѓу другото се определува според обемот на правото на користење што се пренесува и други битни околности за неговото користење; член 144 став 2 од Законот, според кој распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата; како и на генералното правило за пресметка на авторскиот надомест од Правилникот кое е засновано на самото користење на делото.
Притоа, користењето се вреднува според неговото времетраење што е општо правило кое се однесува на сите авторски музички дела подеднакво и има свој основ во законското начело за право на авторот на правичен надомест за секој вид користење на неговото дело.
Наспроти ова, предвидувањето на периодот на користење го дерогира ова правило и суштински му противречи, каде самиот факт на користење на делото се минимизира, а се вреднува периодот кога е користено самото дело. Дополнително, не само што нема основ, ниту разумна оправданост за ваквото уредување, туку истото авторите чии дела се емитувани во тој период, ги става во нееднаква положба.
Впрочем, ако се има предвид историјатот на регулирање на ова прашање, во основниот текст на Правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен во 2014 година, нема разликување во однос на периодот кога е користено делото, туку тоа за првпат е воведено со неговите измени и дополнувања од јуни 2024 година.
Во одговорот на полномошникот на доносителот на Правилникот, се посочува на член 137 став 3 од Законот за авторското и сродните права, како основ за ваквото уредување што е оспорено пред Судот.
Меѓутоа, треба да се нагласи дека овој став е дел од член кој не се однесува на правното уредување на распределбата на авторските надоместоци, туку на надоместоците за користење на авторско дело, односно предмет на сродните права (кои ги прибира организацијата од корисниците), што е сосема различно и се уредува со други одредби од Законот и други подзаконски акти.
Така, согласно со член 139 став 1 точки 1 до 3 од Законот за авторското право и сродните права, висината на тие надоместоци се уредува со: општ договор меѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници (општ договор); поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник (поединечен договор); и општ акт на организацијата за определување за висината на надоместоци за користење (во натамошниот текст: тарифата).
Притоа, во член 138 точка 2 од истиот закон, бројноста на корисниците е предвидена како еден од критериумите при определувањето на висината на овие надоместоци и тоа не се однесува на критериумите за распределба на авторските надоместоци.
Исто така, во својот одговор, полномошникот на доносителот на Правилникот, наведува дека на ваков начин се задоволува правичноста во соодносот – број на потенцијални корисници на емитуваното музичко дело и авторскиот надоместок којшто следува за емитуваното музичко дело.
Неспорно, принципот на правичност е еден од основите за определување на авторскиот надоместок предвиден со закон. Како принцип, тој е коректив на правдата која значи еднаквост за сите, додека правичноста има за цел да ја индивидуализира на начин на субјектот да му се даде она што го заслужува или она што му припаѓа.
Во конкретниот случај, овој принцип на подзаконско ниво е разработен преку основното правило предвидено во член 46 ставови 1 и 2 од Правилникот, за определување на авторскиот надоместок согласно ефективното траење на користењето на самото дело.
За ова правило, ирелевантен е соодносот на кој се укажува во одговорот на полномошникот, туку определувањето е исклучиво само врз основа на фактот на користење и колку тоа траело.
Уште повеќе, според Судот, таквиот сооднос не може ниту да се земе предвид при уредувањето на определувањето на авторскиот надоместок, туку тој е единствено релевантен во утврдувањето на обврските на корисниците кон организацијата за колективно управување.
Според тоа, во случајот со оспорената одредба од член 46 став 7 од Правилникот за распределба за авторските надоместоци, не само што не се разработуваат законските одредби, туку надвор од Законот се воведува нов основ за определување на авторскиот надоместок.
Последното, значи дека доносителот на овој акт не е неограничен во разработката на законските одредби, туку треба да ги уредува прашањата за кои му е дадено овластување во рамки предвидени со Законот и да го почитува принципот на еднаквост, а во спротивно се повредуваат владеењето на правото и уставноста и законитоста.
Со ставањето пак во понеповолна положба, авторите чии музички дела се емитуваат во периодот опфатен со оспорениот став 7 од член 46 од Правилникот, не можат да ги остварат материјалните права од нивното авторско музичко дел во ист обем како другите автори чии дела се емитуваат во другиот период, што претставува повреда на уставните норми со кои се штити сопственоста.
Поради ова, Судот оцени дека оспорениот член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Што се однесува на наводите во одговорот на полномошникот, дека Уставниот суд претходно одлучувал за уставноста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци во предметот У.бр.197/2024 на начин што ја отфрлил иницијативата, се неосновани.
Имено, во овој предмет Судот ја отфрли иницијативата поради постоење процесни пречки, бидејќи истата се однесуваше на старата содржина на оваа одредба, која во моментот на одлучување веќе беше изменета на начин како што е утврдено во точка II на оваа одлука и овие причини се јасно образложени на крајот од посоченото решение.
Исто, Судот при одлучувањето имаше предвид дека од страна на Собранието на ЗАМП на 10 октомври 2025 година е донесен Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2025 од 20 октомври 2025 година.
Со член 3 од овој правилник е предвидено дека се брише член 46 став 7 од Правилникот.
Меѓутоа, согласно член 5 од истиот правилник, примената на овој правилник ќе започне со распределбата на авторските надоместоци за 2026 година, што ќе биде утврдено со општата пресметка во 2027 година.
Ова значи дека членот 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци е сеуште во примена, поради што се исполнети условите за мериторно одлучување во овој предмет.
На крајот, согласно член 74 од Актот на Судот, при одлучувањето дали да се поништи или укине одредбата, Судот ги зема предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значењето за остварување на слободите и правата на граѓаните, односите што се воспоставени врз основа на оваа одредба, како и поради почитувањето на принципот на правна сигурност.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски