Делегација на Уставниот суд предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски и судијата проф. д-р Ана Павловска-Данева ќе учествува на VI Конгрес на Светската Конференција за уставна правда (WCCJ) кој ќе се одржи во Мадрид, Шпанија во периодот од 28-31 октомври 2025 година.
Претседателот ќе земе учество на Состанокот на Бирото на WCCJ кој ќе се одржи со членови на Франкофонската група на уставни судови.
Предвидено е делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија да учествува на отворањето на Конгресот на кое ќе се обратат: Н.Е. Коен Ленеартс – претседател на Судот на правдата на Европската унија, Н.Е. Сако Модибо – претседател на Африканскиот суд за човекови и народни права, Н.Е. Ненси Ернандез Лопез – претседателка на Меѓуамериканскиот суд за човекови права, Н.Е. Матијас Гујомар – претседател на Европскиот суд за човекови права, Н.Е. Феликс Боланос Гарсија – министер за претседателството, правда и парламентарни односи, Н.Е. Џани Букикио – специјален претставник, претседател емеритус на Венецијанската комисија при Советот на Европа, Н.Е. Кандидо Конде-Пумпидо Турон – претседател на Уставниот суд на Шпанија. Ќе присуствуваат судии од повеќе од 30 земји и меѓународни организации, кои во фокус на дискусиите ќе ги стават темите за заштита на природните ресурси и животната средина, заштитата на културното наследство, пристапот до научните знаења и новите технологии, независност на уставните судови. Согласно Агендата, по одржување на Генералното собрание на WCCJ, Конгресот официјално ќе биде затворен под претседателство на Неговото Височество, Кралот на Шпанија Фелипе VI.
Претседателот на Уставниот суд ќе присуствува и на Генералното собрание на Светската конференција за уставна правда, на кое согласно предвидената Агенда ќе се дискутира за избор на членовите на Бирото, преглед на извештаите со активности презентирани од страна на Бирото, ревизија на финансиските извештаи, прием на нови членки, затворање на членство на судови, вклучување на дополнителни групи по препорака на Бирото на WCCJ.
Во рамки на официјалната посета во Мадрид, предвидени се средби со судии и претседатели на уставните судови на Шпанија, Австрија, Египет.