Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението УЗ.бр.57/2025 и УЗ.бр.58/2025 од 17 септември 2025 година со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за регулирање на постапката за собирање на потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, за локалните избори 2025 година бр.08-1708/1 од 17.08.2025 година, донесен од Државната изборна комисија, го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со почит кон различните ставови на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а во врска со наведеното решение, со ова издвоено мислење го изразувам моето несогласување од следните причини:
1. Оспорениот правилник е од темпорален карактер, односно истиот е веќе исцрпен од употреба во правниот поредок заклучно со 13 септември 2025 година, до кога истече рокот за доставување на листи на кандидати за членови на советите и листите на кандидати за градоначалници на општините. Поради ова нецелисходно е да се одлучува мериторно и согласно со член 38 став 1 алинеја 3, а во врска со член 73 алинеја 3 од Актот на Судот.
2. Со предметниот правилник се уредува materia legis, материја за која е недопуштено да се уредува со подзаконски акт, како што е во конкретниот случај со оспорениот правилник.
Морам да потсетам на основните правни принципи, содржани во одредбата на член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, коишто се однесуваат на хиерархиската подреденост на правните акти, според која подзаконските правни акти се пониско рангирани од законите и истите мора да се во согласност со законите, а со тоа и со Уставот.
Со подзаконските правни акти, како што се правилниците МОЖЕ само да се доуреди, допрецизира и да се доразработи конкретна материја заради нејзино реализирање во правниот поредок, конкретно само во случаите кога со закон е дадено овластување за донесување подзаконски акти за уредување на истата материја. Со други зборови кажано, не може со правилник да се уредува материја КОЈА ПРЕТХОДНО НЕ Е УРЕДЕНА СО ЗАКОН, а притоа во истиот тој закон да не е предвидено носење на други подзаконски акти.
Според мое мислење, во конкретниот случај, неспорно е дека Државната изборна комисија има право и обврска, согласно со член 31 став 2 точка 2, а во врска со член 63 став 2 од Изборниот законик, да донесува правилник. Државната изборна комисија според истиот законик нема право ниту обврска, да утврдува услови за поддршка на иницијативата за листа на советници и градоначалник да бидат потпишани најмалку два избирачи, како што тоа е пропишано во точка 4 од оспорениот правилник. Овој услов како прашање е законска материја и истото не може да биде регулирано со правилник.
3. Како трета и најважна причина е прашањето за објавување на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“, нешто за што сум силен приврзаник и секогаш повикувам да се почитува уставното начело vacatio legis, односно да се внимава дали прописот е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ или друго соодветно гласило определено со закон и особено дали тоа е навремено направено, за да може истиот да произведува правно дејство. На јавната расправа се утврди дека Правилникот не е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Оттука, јасно произлегува дека не е испочитуван член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Исто така, пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, којшто може да подлежи на уставно-судска контрола, претставува општ правен акт со кој се регулираат односи на поголема група лица односно има дејство erga omnes и истиот треба да биде јавно објавен, согласно со одредбите содржани во член 52 од Уставот.
Во контекст на горенаведеното, повторно напоменувам дека Судот требаше да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на предметнот правилник, согласно со претходно наведените одредби од Актот на Судот поради постоење процесни пречки за одлучување.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер