Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.157/2024
Скопје, 17.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 став 1 алинеја 9 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023).
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба означена во диспозитивот од ова решение, како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека со актуелниот Закон за извршување се уредуваат правилата според кои постапува извршителот заради присилно извршување. Притоа цитира одредби од Законот за извршување што ја утврдуваат основата за извршување, како започнува извршувањето и ги наведува извршните дејствија кои може да ги презема извршителот заради целосно извршување на извршната исправа.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба е нејасна и неразбирлива и истата остава простор за недоумица во практикувањето на правото, што има за последица повреда на правната сигурност и владеењето на правото. Подносителот ги цитира член 30 став 4 и член 93 став 2 од Законот за извршување каде се предвидени прекинот и запирањето на извршувањето кога за странката правно лице настапуваат последиците од отворањето на стечајната постапка, односно се заклучува стечајната постапка и се определува бришење од трговскиот регистар. Исто така, цитирани се и член 136 и член 146 став 1 од Законот за стечај каде е предвидено дека со отворањето на стечајната постапка настапуваат правните последици од стечајната постапка односно одделните стечајни доверители не можат против должникот да бараат обезбедување на побарувањата или извршување на делови од имотот што влегува во стечајна маса, ниту на друг имот на должникот.
Подносителот потенцира дека стечајниот управник го застапува и претставува должникот само за оние работи коишто се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса, а ако должникот -правно лице продолжи да работи во текот на стечајот, работењето го води стечаен управник со овластување на законски застапник, а контрола над неговата работа вршат стечаен судија, одборот на доверителите, односно собранието на доверителите.
Согласно со одредбите од Законот за стечај, стечајниот управник е тој кој ја води целата постапка за претворање на имотот на стечајниот должник кој влегува во стечајна маса во пари, па истиот објавува оглас за продажба на недвижниот имот, прибира понуди, одржува електронска продажба со јавно наддавање сè до целосно завршување на продажбата, па врши и продажба на акции кои се дел од стечајната маса, преку берза согласно правилата за берза, продажба на удели кои се дел од стечајната маса и кои се продаваат согласно со Законот за трговските друштва и слично.
Во однос на Законот за извршување, подносителот наведува дека нема никакви одредби по кои постапува извршителот во стечајни постапки, па останува нејасно како извршителот согласно со оспорената одредба ќе врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, нешто што не го познава ниту Законот за извршување, ниту Законот за стечај.
Поради сето наведено, подносителот смета дека оспорената законска одредба е нејасна, неразбирлива и неконзистентна, поради што може да создаде недоумица и различно толкување во постапувањето и бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да донесе одлука со која ќе ја укине истата.
II
На седницата Судот утврди дека во член 40 став 1 алинеја 9 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023), како извршно дејствие е предвидено дека извршителот врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во член 1 став 1 од Законот за извршување е предвидено дека со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, согласно со став 2 од истиот член. Во ставот 3 од истиот член е утврдено дека одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.
Основа за извршување претставува извршната исправа, според член 2 став 1 од истиот закон. Според став 2 од истиот член извршувањето започнува по барање од доверителот.
Извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон, именуван согласно со одредбите од Законот за извршување и директно одлучува за извршните дејствија што треба да се преземат во рамки на неговите овластувања, за да се спроведе извршната исправа.
Извршните дејствија што ги презема извршителот заради спроведување на извршувањето се таксативно наведени во член 40 од Законот за извршување, каде во став 1 алинеја 9 е пропишано дека извршителот врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат.
Со член 1 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.
Целите на стечајната постапка се уредени со член 3 од истиот закон, па во ставот 1 е предвидено дека стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник (во натамошниот текст: должник) со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат (во натамошниот текст: претпријатието).
Органи на стечајната постапка, според член 18 од истиот закон, се: стечаен судија, стечаен управник, одбор на доверители и собрание на доверители.
Стечајниот судија го именува стечајниот управник со решението за отворање на стечајната постапка, согласно со член 31 став 1 од ситиот закон. Според член 33 став 1 од истиот закон, стечајниот управник го застапува и претставува должникот само за оние работи кои се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса. Во ставот 2 од истиот член е определено дека ако должникот – правно лице продолжува да работи во текот на стечајната постапка, работењето го води стечајниот управник. Според член 26 од Законот за стечај, стечајниот управник, трговец – поединец, односно друштвото стечаен управник (во натамошниот текст: стечаен управник), кое со вршење на работи на стечаен управник ќе му направи штета на стечајниот должник, на доверителите или на друга заинтересирана страна, е должен да ја надомести. Според член 34 став 1 точка 7 од истиот закон, стечајниот управник е должен како уреден и совесен трговец да се грижи за завршување на започнатите, незавршени работи на должникот и за работите што се потребни за зачувување и заштита на имотот на должникот за да се спречи настапување на штета над средствата на должникот. Стечајниот управник е должен да преземе мерки за наплата на побарувањата на должникот и да ги впаричи со внимание на добар трговец предметите и правата што влегуваат во стечајната маса, според член 34 став 1 точка 8 од истиот закон.
Во член 19 став 1 точка 7 од истиот закон е определено дека стечајниот судија врши контрола над законитоста на работата на стечајниот управник. Контрола над работата на стечајниот управник вршат стечајниот судија, одборот на доверителите, односно собранието на доверителите во рамките на своите надлежности определени со овој закон, согласно со член 35 став 1 од истиот закон.
Со отворањето на стечајната постапка престануваат правата на членовите на органите на управување, управителот, односно директорот или друг орган на управување, застапниците и полномошниците, како и на членови на органите за надзор. Правата на членовите на органите на управување, управителот, односно директорот или друг орган на управување, застапниците и полномошниците во поглед на располагањето со имотот на стечајниот должник и на другите права кои соодветно се остваруваат заради спроведување на стечајната постапка преминуваат на стечајниот управник и тоа на начин, во обем и според условите утврдени во овој закон, согласно со член 137 од Законот за стечај.
Во Законот за извршување прекинот на извршувањето е уреден со член 30 став 4, каде е предвидено дека извршувањето се прекинува, кога за странката која е правно лице ќе настапат правни последици од отворањето на стечајната постапка. Запирањето на извршувањето е регулирано со член 93 од истиот закон и во случај кога странката е правно лице и кога е донесено решение за заклучување на стечајната постапка и определено бришење од трговскиот односно друг регистар, во кој е запишан стечајниот должник, со што странката престанала да постои, извршителот со заклучок го запира извршувањето.
Забраната на извршување и обезбедување е уредена со член 146 од Законот за стечај. Во став 1 од истиот член е уредено дека по отворањето на стечајната постапка одделните стечајни доверители не можат против должникот да бараат обезбедување на побарувањата или извршување на делови од имотот што влегува во стечајната маса, ниту на друг имот на должникот. Со став 2 од истиот член е пропишано дека доверителите кои не се стечајни доверители во текот на стечајната постапка не се овластени да бараат присилно извршување или обезбедување на идните побарувања на должникот – поединец по основ на договор за работа, или други слични правни работи, освен присилно извршување или обезбедување заради наплата на барање за издршка и на други побарувања што можат да се намират од оној дел на приходот на должникот од работниот однос од кој не може да се намират побарувањата на другите доверители. Ваквите постапки на извршување и обезбедување што се во тек во времето на отворањето на стечајната постапка се прекинуваат согласно со ставот 3 од истиот член. По отворањето на стечајната постапка излачните, односно разлачните доверители, можат заради остварување на своите права да поведат против должникот постапки на извршување и обезбедување според правилата за извршување и обезбедување. Прекинатите постапки на извршување и обезбедување што тие доверители ги повеле пред отворањето на стечајната постапка, ќе продолжат и ќе се спроведат според правилата за извршување и обезбедување, според став 4 од истиот член.
Неспорно е дека со отворањето на стечајната постапка, односно по настанувањето на правните последици од отворање на стечајна постапка, постапките на извршување и обезбедување што се во тек во времето на отворањето на стечајната постапка се прекинуваат, но законодавецот остава можност на излачните, односно разлачните доверители да можат да поведат против должникот постапки на извршување и обезбедување според правилата за извршување и обезбедување, постапки коишто се водат пред надлежен извршител.
Во Законот за стечај во член 107 со наслов „Располагање со недвижности“ во став 3 е предвидено дека доверителот со право на одвоено намирување кој повел постапка за извршување на недвижност за присилно намирување на своето побарување пред отворање на стечајната постапка, недвижноста ќе се продаде според постапката за извршување што ја покренал доверителот со право на одвоено намирување. Со став 4 од истиот член е пропишано дека по впаричување на имотот или правото над кое постои право на одвоено намирување запишано во јавна книга, надлежниот извршител прво ќе ги намири трошоците од спроведеното извршување и остатокот од средствата ќе ги предаде на стечајната сметка. Од средствата остварени на овој начин, стечајниот управник најпрво ќе ги намири побарувањата на доверителите со право на одвоено намирување според редоследот предвиден со правилата на извршната постапка, според став 5 од истиот член.
Имајќи ги предвид ваквите овластувања на извршителот во стечајната постапка, произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека стечајниот управник кој е под контрола на другите органи на стечајната постапка ја спроведува целата постапка за претворање во пари на имотот на стечајниот должник. Имено, согласно со член 107 ставови 3, 4 и 5 од Законот за стечај, извршителот е овластен да ја продаде недвижноста според постапката за извршување, односно да ја спроведе постапката за впаричување на имотот или правото над кое постои право на одвоено намирување.
Оспорената одредба од член 40 став 1 алинеја 9 од Законот за извршување, која е предмет на уставно-судска анализа, предвидува можност извршителот да врши продажба на подвижни и недвижни предмети и да спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка исклучиво ако тоа го побара стечајниот управник. Со алинеите 16 и 17 од ставот 1 од истиот член, е предвидено дека извршителот презема други дејствија во врска со доверени работи од судот, како и дејствија за обезбедување на материјални докази како доверена работа од судот.
Стечајниот управник како орган на стечајната постапка кој го застапува и претставува должникот само за оние работи кои се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса, според член 77 од Законот за стечај е должен веднаш по отворањето на стечајната постапка, да го преземе во владение и управување целиот имот што влегува во стечајната маса.
За постапувањето на извршителот во стечајната постапка, односно за преземање на извршни дејствија од страна на извршителот по барање на стечајниот управник, од особено значење во оваа смисла е одредбата содржана во член 77 став 2 од Законот за стечај, каде е определено доколку стечајниот должник, односно трето лице кое го има во владение имотот без правен основ, одбие да го предаде владението и управувањето на подвижниот и недвижниот имот, стечајниот судија со решение ќе определи предавање на имотот со присилно извршување, а по предлог на стечајниот управник. Со оваа одредба, стечајниот управник е овластен да побара присилно извршување во случај кога одредено трето лице кое го има во владение имотот без правен основ, одбие да го предаде владението и управувањето на подвижниот и недвижниот имот односно трето лице треба да исполни одредена обврска спрема стечајниот должник.
Имено, според член 2 став 1 од Законот за извршување, основа за извршување претставува извршната исправа. Според став 2 од истиот член, извршувањето започнува по барање од доверителот. Странки во извршувањето се доверител и должник согласно со член 11 став 1 точка 4 од истиот закон. Стечајниот управник го застапува и претставува должникот само за оние работи кои се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса. Основа за извршување претставува извршната исправа и истата за да биде подобна за извршување треба да содржи одредено задолжување односно исполнување на некоја обврска што должникот треба да ја исполни спрема доверителот.
Заради преземање на имотот што влегува во стечајната маса во случај кога трето лице го има во владение имотот без правен основ и одбие да го предаде владението и управувањето на подвижниот и недвижниот имот, стечајниот судија ќе донесе решение со кое ќе определи предавање на имотот со присилно извршување. Откако ова решение ќе стане правосилно и извршно, добива карактер на извршна исправа. Стечајниот управник како застапник на стечајниот должник, има овластување да поднесе барање за извршување пред надлежен извршител, со кое барање се поведува постапка за присилно извршување, а заради присилно исполнување на обврската од страна на третото лице во корист на стечајниот должник.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата за нејасност и неразбирливост на оспорената одредба, дека истата остава простор за погрешно толкување и практикување на правото односно дека извршителот не смее да го презема извршното дејствие кое е опишано во оспорената одредба.
Законодавецот, има уставно овластување да креира норми со кои ќе обезбеди заштита на спроведувањето на доверените јавни овластувања. Имено, од анализата на одредбите од Законот за стечај и Законот за извршување, Судот оцени дека законодавецот прецизно ги навел случаите кога извршителот може да постапува, односно да врши продажба на подвижни и недвижни предмети и да спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка по барање на стечајниот управник.
Согласно со сето погоре наведено, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски