На 16 октомври 2025 година (четврток), во периодот од 10:00 до 15:00 часот, во Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе се одржи тркалезна маса посветена на темата:
„Примена на Актот на Уставниот суд – постапка за заштита на човековите права и основните слободи (барања)“.
Конференцијата ќе ја отвори претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, заедно со Карстен Манке, тим лидер на ЕУ проектот, и Русудан Табатадзе, шеф на Одделот за владеење на правото и човекови права при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Според Агендата, поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права, Маргарита Џаца Николовска, која е ангажирана како експерт по право во рамки на ЕУ проектот, ќе ги презентира главните наоди од „Аналитичкиот извештај за постојната нормативна состојба на новиот Акт на Уставниот суд”, со акцент на делот што се однесува на заштитата на слободите и правата.
Оваа тркалезна маса претставува трет настан организиран во рамки на ЕУ проектот ИПА 3, кој има за цел да придонесе кон: зајакнување на кадровските капацитети на Уставниот суд, подобрување на законодавните и нормативни компетенции, унапредување на заштитата на основните права, развој на менаџерските и административните капацитети,зголемена транспарентност и подобрено управување со работата на Судот, со што се придонесува кон подобрен квалитет на уставната правда.