Советниците на Уставниот суд, м-р Магдалена Паункова-Спасова и м-р Марина Пеливанова, учествуваа на 13. издание на Летната школа што се одржа во Република Туркије, по покана на Центарот за обука и развој на човечки ресурси при Здружението на азиските уставни судови и еквивалентни институции (AACC-CTHRD).

Годинашната Летна школа беше посветена на темата „Семејниот живот од уставна перспектива и правото на почитување на семејниот живот“. Во рамките на втората сесија, советничката на Судот, м-р Магдалена Паункова-Спасова, имаше свое обраќање при што презентираше одредби од правната рамка поврзана со правото на почитување и заштита на семејниот живот, опфатени беа историски клучни моменти во правното регулирање на семејниот живот од крајот на Втората светска војна до денес, како и пример од судската пракса на Уставниот суд од 2008 година.
„Во споменатата одлука, Судот утврди дека законската одредба според која правото на финансиска субвенција за живородено дете им се доделува само на мајки кои живеат во општини со природна стапка на наталитет под 2,1 живородени деца по жена, претставува ограничување на правата од здравствено осигурување за мајките кои живеат во други општини. Со тоа, се повредуваат уставните принципи на еднаквост, социјална правда и еднаква заштита на мајчинството и децата, како и темелните вредности на уставниот поредок – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се наведува во презентацијата на Паункова-Спасова.

Летната школа се одржа во периодот од 5-9 октомври 2025 година во Анкара, и традиционално се организира секоја година со цел размена на знаења и добри практики меѓу помошници-судии, советници и правни експерти кои работат во уставни судови или институции со еквивалентна надлежност. На годинашното издание учествуваа претставници од повеќе од 30 земји од целиот свет.

