У.бр.28/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.28/2025
Скопје, 17.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на  17 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 77 став 4 во делот „целост” од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2019, 143/2019, 225/2019, 275/2019, 77/2021, 57/2022, 209/2023 и 265/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел „целост” содржан во член 77 став 4 од Законот, не е доволно јасен и прецизен, а како таков ја доведува во прашање правната сигурност и извесноста во односите, што не е во согласност со начелото на владеење на правото коешто подразбира дека во правниот промет треба да постојат доволно прецизни и јасни одредби коишто нема да дозволат арбитрарно да се толкуваат. Во иницијативата се наведува дека согласно со Царинската номенклатура, производите коишто не се означени како тутун или тутунски производ, носат посебни тарифни броеви, како и дека оспорениот дел „целост” од законската одредба овозможува едно добро коешто не е евидентирано или определено како акцизно добро, да се определи како такво, и на така новоопределеното акцизно добро да се пресметува акциза којашто вообичаено не би се пресметувала.

Од наведените причини подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел на членот од Законот, и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 77 став 4 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2019, 143/2019, 225/2019, 275/2019, 77/2021, 57/2022, 209/2023 и 265/2024) уредува дека производите кои во целост или делумно содржат материи кои не се тутун, но ги исполнуваат критериумите:

–  од член 78 став (1) од овој закон се сметаат за цигари,
–  од член 80 став (1) од овој закон се сметаат за тутун за пушење и
– од член 80 став (8) од овој закон се сметаат за несогорлив тутунски производ.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 1 став 1 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија” број 108/2019, 143/2019, 225/2019, 275/2019, 77/2021, 57/2022, 209/2023 и 265/2024) е предвидено дека со овој закон се уредуваат акцизите за добрата подлежни на акциза (во понатамошниот текст: акцизни добра), во поглед на начинот на настанување, пресметување и плаќање на акцизите на акцизното подрачје на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: акцизно подрачје), правата и обврските на акцизните обврзници и надлежниот царински орган во врска со акцизните добра, вклучувајќи ја постапката за надзор и следење на движењето на акцизните добра. Според став 2 од истиот член, одредбите од овој закон со кои се уредуваат постапките на производство, преработка, складирање и движење на акцизните добра во услови на акцизно одложување, не се применуваат за акцизните добра кои во согласност со царинските прописи се ставени во посебни постапки.

Според член 77 став 1 од Законот, тутунски производи коишто се предмет на оданочување со акциза се: 1) цигари, 2) пури и цигарилоси и 3) тутун за пушење, и тоа: фино сецкан тутун за виткање цигари и друг тутун за пушење.

Согласно со став 2 од истиот член, на акциза подлежни се и следните тутунски производи: 1) тутун за водено луле (тутун за наргиле); 2) тутун за џвакање; 3) тутун за шмркање и 4) несогорлив тутунски производ.

Според став 3 од истиот член, на акциза подлежи и течноста за полнење на електронска цигара, независно дали содржи или не содржи никотин.

Став 4 од погоре наведениот член 77 од Законот, уредува дека производите кои во целост или делумно содржат материи кои не се тутун, но ги исполнуваат критериумите:

– од член 78 став (1) од овој закон се сметаат за цигари,
– од член 80 став (1) од овој закон се сметаат за тутун за пушење и
– од член 80 став (8) од овој закон се сметаат за несогорлив тутунски производ.

Според став 5 од истиот член, по исклучок од став 1 точка 1) на овој член, производите кои не содржат тутун, а се користат исклучиво за медицински цели и се дефинирани како лекови, не се сметаат за тутунски производи.

Во член 78 став 1 од Законот е наведено дека, под цигари подлежни на акциза се подразбираат: 1) свитоци од тутун, соодветни за пушење, а не се пури или цигарилоси согласно одредбите од овој закон; 2) свитоци од тутун кои во едноставен неиндустриски процес се вметнуваат во хартиена обвивка за цигари и 3) свитоци од тутун кои во едноставен неиндустриски процес се виткаат во листови хартија за цигари.

Според член 79 став 1 од Законот, под пури и цигарилоси подлежни на акциза се подразбираат свитоци од тутун наменети за пушење кои, според нивните својства и нормалните очекувања на потрошувачите, се исклучително наменети за пушење ако се: 1) со надворешна обвивка од природен тутун и 2) со полнење од мешавина на парчиња и со надворешна обвивка во природна боја на пура, од реконструиран тутун, која целосно го покрива производот, вклучувајќи го и филтерот но не и врвот во случај на пури со заострен врв, каде што тежината по парче, не вклучувајќи го филтерот и додатокот за уста, не е полесна од 2,3 грама и потешка од 10 грама, а обемот на најмалку една третина од должината не е помал од 34 мм. Според став 2 од истиот член, нето тежина по парче на цигарилосите од став (1) на овој член не надминува 3 грама. Според став 3 од истиот член, производите кои делумно содржат материи кои не се тутун, и ги исполнуваат критериумите од ставовите 1 и 2 на овој член се сметаат за пури или цигарилоси.

Согласно со член 80 став 1 од Законот, под тутун за пушење подлежен на акциза се подразбира: 1) тутун кој е сецкан или на друг начин иситнет, ткаен (развлакнет) или пресуван во плочи кој може да се пуши без натамошна индустриска обработка, кога е наменет за пушење и малопродажба, а не спаѓа во пури и цигарилоси или во цигари; 2) тутунски отпадоци кои можат да се пушат и пуштат во малопродажба, а не спаѓаат во производите цигари, пури и цигарилоси од овој закон. За тутунски отпадок ќе се сметаат остатоците од тутунски лисја и споредни производи добиени од обработката на тутун или производството или обработката на тутунски производи и 3) тутун за водено луле (наргиле) што претставува производ од тутун кој може да се конзумира преку водено луле (наргиле). Се состои од мешавина на тутун и глицерол, со или без содржина на ароматични масла и екстракти, меласа или шеќер, ароматизирана или неароматизирана со овошје.

Став 2 од наведениот член уредува дека, тутунот за пушење се смета за фино сецкан тутун за виткање на цигари ако повеќе од 25% од тежината на тутунските парчиња имаат ширина помала од 1,5 мм. Според став 3 од истиот член, тутун за пушење како друг тутун за пушење, се смета тутунот за пушење од овој член, освен фино сецканиот тутун за виткање цигари од став (2) на овој член.

Според став 4 од наведениот член, тутун за шмркање подлежен на акциза е тутун во форма на прав или во форма на зрнца кој не е соодветен за пушење туку е за шмркање.

Според став 5 од истиот член, тутун за џвакање подлежен на акциза е тутун во форма на стапчиња, коцки, крукчиња или фолии кои се така подготвени да не се соодветни за пушење туку за џвакање.

Во став 6 од наведениот член е наведено дека, несогорлив тутунски производ подлежен на акциза е производ наменет за инхалација на аеросол кој се добива како резултат на греење на тутунот електронски или на друг начин без согорување на тутунот.

Според став 7 од истиот член, течност наменета за полнење на електронска цигара подлежен на акциза независно дали содржи или не содржи никотин претставува течен производ пакуван во резервоар или слично полнење, кој не содржи тутун, но содржи никотин и/или други ароматични материи во растворена состојба, кои испаруваат по пат на загревање со помош на мал електричен уред и во вид на аеросол се инхалираат од страна на консументот.

Согласно со став 8 на погоре наведениот член 80 од Законот, растителен (билен) производ за пушење по пат на постапка на загревање подлежен на акциза сe смета производ кој е изработен од исушени делови на растенија или овошја коишто не содржат тутун, а може да се консумираат по пат на постапка на загревање, независно дали содржи или не содржи никотин.

Според подносителот на иницијативата зборот „целост” содржан во член 77 став 1 од Законот, е нејасен, што би можело да доведе до тоа некој производ да стане акцизно добро и да биде предмет на акцизно оданочување.

Постапувајќи по иницијативата, Судот утврди дека во член 77 од Законот за акцизите, се наведени тутунските производи коишто подлежат на акцизно оданочување како што се цигари, пури, цигарилоси, тутун за пушење, тутун за водено луле – наргиле, тутун за џвакање, тутун за шмркање и несогорлив тутунски производ, вклучително и течноста за полнење на електронска цигара независно дали содржи или не содржи никотин, а согласно со член 77 став 4 од Законот, вклучително и производите коишто во целост или делумно содржат материи кои не се тутун, но согласно критериумите пропишани во погоре наведените законски одредби се сметаат за цигари, за тутун за пушење и за несогорлив тутунски производ.

Според Судот, оспорениот дел „целост” содржан во член 77 став 4 од Законот, не создава правна нејаснотија бидејќи во Законот е предвидено во кои случаи и кои производи коишто во целост содржат материи што не се тутун, се подлежни на акциза. Имено, видно од содржината на погоре наведениот член 80 став 8 од Законот за акцизите, на којшто упатува член 77 став 4 од овој закон, е дека и растителен (билен) производ за пушење изработен од исушени делови на растенија или овошја коишто не содржат тутун, а може да се консумираат по пат на постапка на загревање, е подлежен на акциза независно дали содржи или не содржи никотин. Воедно, член 3 став 1 точка 2 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019, 27/2020, 56/2021 и 154/2025) јасно определува дека сродни производи се оние што се поврзани со производите од тутун, со електронските цигари, контејнерите за многукратно полнење, течностите што содржат никотин и производите слични на производите од тутун, а кои се изработени од растителни (билни) материјали.

Со актуелниот Закон за акцизите во кој е содржан оспорениот член 77 став 4, се врши усогласување со законодавството на Европската Унија како и најдобрите практики од земјите – членки на Европската Унија.

Усогласувањето е извршено со повеќе директиви на Европската Унија, меѓу кои и со Директивата на Советот 2011/64/ЕУ од 21 јуни 2011 година за структурата и износот на акциза за тутунски производи.

Со одредбите од Директивата се врши усвојување на заеднички дефиниции за производи, односно хармонизирање на структурата на акциза за различни производи и воспоставување на минимални стапки на акциза. Суштината на постоење на заеднички правила е со цел воспоставување конзистентен третман и правна јасност во класификацијата за целите на оданочување со акциза, следствено и да се обезбеди сигурност дека акцизите се применуваат на ист начин и на исти производи насекаде, како и со цел да се обезбеди и високо ниво на здравствена заштита, зајакнување на борбата против даночната измама, даночното затајување и нелегалното прекугранично купување. Токму овој дел од Законот, односно одредбите на член 77 став 4 и неговиот оспорен дел, е во целост усогласен со член 2 став 2 од погоре наведената Директива на Европската Унија.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 77 став 4 во делот „целост” од Законот за акцизите, е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот согласно кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски