УЗ.бр.17/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.17/2025
Скопје, 17.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за  оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2008, 55/2013 и 218/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 41/2019, 250/2019, 103/2024 и 51/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2008, 55/2013 и 218/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 41/2019, 250/2019, 103/2024 и 51/2025) е спротивен на член 83 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019 и 103/2021).

Имено, според наводите во иницијативата, согласно со член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови, пензиското друштво и чуварот на имот ја определуваат вредноста на средствата на пензискиот фонд, користејќи ја методологијата утврдена во членовите 5, 6, 7 и 8 од овој правилник.

Исто така, во иницијативата се наведува дека Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови е донесен врз основа на член 83 став 3, член 84 ставови 1 и 2 и член 87 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување осигурување.

Подносителот наведува дека согласно член 83 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, вредноста на средствата на пензискиот фонд се утврдува врз основа на пазарната вредност на секое поединечно средство, а според ставот 3 од истиот член, начинот на процена на средствата на пензиските фондови и пресметување на вредноста на нивните нето средства поблиску го пропишува Агенцијата.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба, се дозволува на пензиското друштво и чуварот на имот да ја определуваат вредноста на средствата на пензискиот фонд, користејќи ја методологијата утврдена во членовите 5, 6, 7 и 8 од Правилникот. Од содржината на цитираната одредба од член 83 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во ниту еден момент не се пропишува можноста Советот на експерти или Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување или кој било друг орган кој врши или би требало да врши супервизија над пензиските друштва, да може врз основа на подзаконски акт да го овласти самото пензиско друштво да ја определи вредноста на средствата на пензискиот фонд.

Во таа насока се наведува дека со оспорената одредба, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување излегол надвор од она што е со Устав и закон дозволено кога ја пропишал одредбата којашто е оспорена, што не е во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со Уставот, а истото не наоѓа основа во цитираната одредба од член 83 став 3 од Законот или од кој било друг член од Законот.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, по што истата ќе ја укине како спротивна на Уставот и законот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2008, 55/2013 и 218/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 41/2019, 250/2019, 103/2024 и 51/2025), пензиското друштво и чуварот на имот ја определуваат вредноста на средствата на пензискиот фонд, користејќи ја методологијата утврдена во членовите 5, 6, 7 и 8 од овој правилник.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови во кој е содржана оспорената одредба, е донесен врз основа на член 83 став 3, член 84 ставови 1 и 2 и член 87 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015, 30/2016, 21/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019 и 103/2021).

Согласно со член 83 став 1 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, вредноста на средствата на задолжителниот пензиски фонд се утврдува врз основа на пазарната вредност на секое поединечно средство. Во став 2 од истиот член е пропишано дека вредноста на нето средствата на задолжителниот пензиски фонд се утврдува со намалување на обврските на задолжителниот пензиски фонд, освен обврските кон членовите и пензионираните членови на задолжителниот пензиски фонд, од вредноста на средствата на задолжителниот пензиски фонд. Став 3 предвидува дека начинот на процена на средствата на пензиските фондови и пресметување на вредноста на нивните нето средства поблиску го пропишува Агенцијата.

Според член 84 став 1 од истиот закон, претворањето на средствата од придонесите во сметководствени единици се врши на претходно утврдени датуми (датуми на процена), врз основа на вредноста на сметководствените единици на тој датум. Датумот на процена секогаш е во последниот работен ден секој месец. Агенцијата пропишува пократки рокови на датум на процена, доколку капитално финансираното пензиско осигурување и финансискиот пазар наметнуваат потреба. Во став 2 се предвидува дека вредноста на една сметководствена единица на првиот датум на процена по првата уплата на придонеси во задолжителен пензиски фонд поблиску ја пропишува Агенцијата. Став 3 од истиот член пропишува дека сè до претворањето на придонесите во сметководствени единици истите се чуваат на посебна сметка на задолжителниот пензиски фонд. Каматата на тие средства претставува приход на задолжителниот пензиски фонд.

Согласно со член 87 од истиот закон, Агенцијата поблиску ги уредува: Методологијата на пресметување на приносот на пензиските фондови и методите за заокружување на тие вредности и датумот на кој друштвото или друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови е должно да ја извести Агенцијата за вредноста на нето средствата на задолжителниот пензиски фонд, прецизната методологија за утврдување на датумите на крајот на јуни и декември со чија состојба ќе се прават пресметките, методологијата за процената, вредноста на сметководствената единица, приносот на односниот задолжителен пензиски фонд и за начинот на таквото известување.

Во однос на оценувањето на уставноста и законитоста на основаноста на оспорената одредба релевантни се и одредбите од член 85 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Согласно со член 85 став 1 од Законот, вредноста на нето средствата на задолжителниот пензиски фонд се пресметува на секој датум на процена, за што веднаш се известува Агенцијата. Во став 2 од истиот член е наведено дека нa секој датум на процена се пресметува и вредноста на сметководствената единица на тој задолжителен пензиски фонд, за што друштвото или друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови веднаш ја известува Агенцијата. Став 3 од истиот член пропишува дека пресметките од ставовите 1 и 2 на овој член ги врши друштвото или друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови, а ги потврдува чуварот на имот и тие се предмет на контрола на Агенцијата. Во став 4 е утврдено дека друштвото или друштвото за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови е должно да ја промени проценетата вредност за одредена хартија од вредност по барање на Агенцијата доколку таа при контролата утврди дека тоа друштво при процената користело несоодветно пресметана цена за хартијата од вредност или објективната вредност не одговара на вистинската состојба на пазарот, како и кога се загрозени интересите на членовите и пензионираните членови.

Во оспорената одредба од член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови е уредено дека пензиското друштво и чуварот на имот ја определуваат вредноста на средствата на пензискиот фонд, користејќи ја методологијата утврдена во член 5, 6, 7 и 8 од овој правилник.

Согласно со горенаведените законски одредби, пресметките ги врши друштвото за управување со пензиски фондови, додека Агенцијата го утврдува начинот на пресметка. Во Правилникот, Агенцијата ја пропишала соодветната методологија, врз основа на која друштвата вршат пресметки, како што е утврдено и во оспорената одредба.

Правилникот, донесен од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, има правен основ во законската регулатива со што Агенцијата не ги пречекорила своите законски надлежности, туку напротив го имплементирала она што е утврдено со закон поради што наводот во иницијативата дека пресметката треба директно да ја врши Агенцијата, не е основан.

Од утврдената фактичка состојба и правната анализа на оспорените одредби, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 83 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски