Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.21/2025
Скопје, 17.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 септември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Решението У.бр.197/2024 на Уставниот суд, донесено на седницата одржана на 9 април 2024 година.
Образложение
I
Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за преиспитување на актот наведен во диспозитивот на ова решение. Во барањето се наведува дека оспорениот член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторски права предизвикал правни последици за време на неговото важење и истите продолжуваат да влијаат врз правата на авторите. Со примената на оспорениот член и во распределбата за надоместоци за 2024 година предизвикана била финансиска штета за авторите, вклучително и загуба од 30% до 50% од приходите за дела емитувани во ноќните часови.
Понатаму, во барањето се наведува дека отфрлањето на иницијативата за член 46 став 7 може да се смета за правна грешка од причини што член 144 став 7 од ЗАПСП и член 49 од Статутот на ЗАМП потврдуваат дека распределбата за 2024 година е извршена до крајот на март 2025 година, според оспорениот член 46 став 7 од Правилникот, што резултирало со намалени надоместоци за одредени автори (чии дела се емитувале во ноќните часови) и нееднаквост помеѓу авторите.
Според подносителот на барањето, со оспорениот член се повредуваат членовите 8, 9 и 30 од Уставот, поради нетранспарентни критериуми коишто ја нарушуваат сигурноста, дискриминација врз основа на времето на емитувањето и медиумската популарност и ограничување на имотните права на авторите преку неправедни надоместоци, како и член 159 од Законот за авторското право и сродните права, според кој распределбата мора да се врши врз основа на јасни и правични критериуми.
Поради горенаведените причини, подносителот бара да се преиспита Решението за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот, да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на истиот член, да се поништат последиците настанати поради неговата примена и да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на наведената одредба од Правилникот, до донесување на конечна одлука.
II
На седницата Судот утврди дека со Решението У.бр.197/2024 од 9 април 2024 година е отфрлена иницијативата во делот за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024 и 275/2024).
III
Согласно со член 112 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 81 од Актот на Судот е уредено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти.
Од наводите во барањето произлегува дека подносителот бара преиспитување на Решението У.бр.197/2024 од 9 април 2024 година, со кое Судот, меѓу другото, одлучил да ја отфрли иницијативата во делот за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот.
Имајќи предвид дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти, како и фактот дека ниту Уставниот суд, ниту кој било друг орган има надлежност да ги преиспитува донесените одлуки на Судот, Уставниот суд на Република Северна Македонија оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на предметното барање со кое се бара преиспитување на Решението У.бр.197/2024 од 9 април 2024 година.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски