Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски денеска(25.09.2025) се обрати на 12 Меѓународна научна конференција која се одржа на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип. Костадиновски како еден од главните говорници на Конференцијата зборуваше на темата „Општествените промени во глобалниот свет и живиот конституционализам”. Во прилог целосниот говор од неговото обраќање:
Почитуван Ректор,
Почитувани колеги, драги гости,
Учеството на оваа меѓународно научна конференција за мене претставува посебна привилегија.
Нашето, македонското општество и тоа како е гладно за наука. Игнорирањето и недоволната посветеност на науката во услови на континуирани глобални промени за мене претставува “смртоносен грев” на оние кои се најповикани, на оние кои се одговорни! Во Македонија, држава која стреми да ги споделува европските стандарди и вредности, недозволиво е издвојувањата за науката дабидат и под “афричко ниво”. И да, треба силно да го кренеме гласот! Особено ние денес тука, присутните. Оттука, сакам на организаторите да им честитам, и да им посакам уште многу вакви научни конференции, и научни успеси и достигнувања.
Почитувани колеги,
Уставот е ’рбетот на правниот и политичкиот систем на една држава и основниот извор на правото. Општо е познато дека со Устав се поставуваат темелите врз кои се гради и функционира еден правен систем, во кој се содржани правилата за општественото уредување, правилата за управување, со основна цел заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Но, факт е дека Уставот е жив организам чија цел е да опстојува низ различни историски и општествени фази. Природно, уставното судство, исто така не може да ги игнорира промените.
“The world as we have created it is a process of our thinking. It canot be changed without changing our thinking ”, се зборови на големиот Ајнштајн. Ако е тоа така, а така е, тогаш се разбира дека промените во глобалниот свет кои се резултат на промената во размислувањата, налагаат прифаќање и прилагодување кон промените. Во уставното судство тоа е можно преку теоријата на “жив или реален конституционализам”!
Историски гледано, дебатата за тоа како треба да се толкува Уставот е стара колку и самите устави. Теоријата на „живиот конституционализам” се појави како реакција на ограничените толкувања на оригиналистите. Идејата беше едноставна: Уставот не е музејски експонат, туку документ кој мора да живее и да дише заедно со народот и времето.
Имено, според ова теорија, Уставот, односно уставните одредби треба да се толкуваат во зависност од времето, односно од аспект на ново настанатите општествени околности, спротивно на теоријата на оригиналистите според која Уставот треба да остане фиксиран и да се толкува онака како што бил разбран во времето кога бил напишан.
Живиот конституционализам е судска филозофија односно „динамичен толкувачки пристап“ кој го гледа уставот како „жив документ“. Таа смета дека, иако текстот останува ист, неговото толкување мора да ги одразува современите вредности, општествените развои и технолошкиот напредок. Но, важно е да се потенцира фактот кој е клучен за ова теорија, а тоа е дека, можноста за толкување на Уставот согласно со новонастанатите општествени околности, не значи целосна слобода на судиите да измислуваат ново право, туку единствено примена на основните темелни уставни вредности на новите фактички состојби кои не постоеле во моментот на донесувањето на Уставот.
Судијата Оливер Вендел Холмс Џуниор, судија на Врховниот суд на САД, во предметот Missouri v. Holland (1920), наведе дека: „Случајот пред нас мора да се разгледа во светлина на целото наше искуство, а не само во светлина на она што било кажано пред сто години“.
Уставниот суд нужно мора да ги толкува темелните вредности (кои се рамковни, широко поставени во нивната формулација) на начин што ќе им даде смисла, содржина во нивните манифестации во реалноста, генерално, но и во конкретни случаи. За да ги пронајде овие одговори, Уставниот суд во толкувањето на Уставот мора активно да дејствува применувајќи го покрај сите познати теории и методи, и еволутивниот принцип, односно теоријата на живиот конституционализам. Живиот конституционализам е неопходен и моќен метод бидејќи Судот и судиите без овој метод би се соочиле со големи тешкотии при толкување на одредбите од Уставот.
Како и сите теории и теоријата на “живиот конституционализам” се соочува со многу критики, а најчесто критиките доаѓаат од поддржувачите на „теоријата на оргинализмот”, а тука најгласен е судијата Антонин Скалија, според кој, теоријата на „живиот конституционализам” им дава премногу дискреција на судиите да постапуваат според нивните лични ставови и предиспозиции. Имено, ова теорија ја поткопува демократската легитимност на системот бидејќи им се овозможува на судии да го „ажурираат и креираат“ правото, а тоа е надлежност на друг орган. Покрај ова, судијата Скалија наведува дека ако значењето на уставните одредби, односно поими се менува премногу лесно тогаш Уставот ризикува да ја изгуби стабилноста и релевантноста, при што може да се создаде правна непревидливост и затоа предупредува на “судократијата” односно ако се прифати теоријата на „живиот конституционализам” тогаш „Устав ќе значи она што мнозинството судии ќе каже дека значи.“
Лично, како противник на теоријата на оргинализмот, a свесен за ризикот од судократија, сепак сум голем приврзаник на теоријата на „живиот оргинализам”, но не во неговата оригинална и екстремна варијанта, туку на еден вид хибрид кој го нарекувам “умерен жив конституционализам”, во кој сепак постојат ограничувања на опасноста од ”неограничена моќ на судиите”! Судиите се обврзани да дејствуваат во рамките на „оригинализмот како рамка“, каде основните уставни принципи остануваат непроменети, додека нивната примена се прилагодува. Ако пак Уставот се толкува “слепо” на начин на кој бил пишуван од страна на уставотворците, тогаш ќе стане Устав кој ја игнорира реалноста во која живеат граѓаните, и ризикува да стане ирелевантен, документ во која граѓаните би ја изгубиле довербата.
Затоа „живиот конституционализам” е баланс помеѓу стабилноста на уставниот текст и неговата способност да се прилагоди на новите времиња. Ако Уставот е темелот на државата, тогаш „живиот конституционализам” е алатката што му овозможува да се движи со времето, без да ја изгуби својата суштина.
Дискрепанцата меѓу пишаните устави и она што и науката, но и практиката го нарекува „жив или реален Устав“ неминовно налага креативност, иновативност, визионерство во толкувачката мисија на судиите на уставните вредности и норми vis a vis општествените промени и реалности кои пак го конципираат она што се нарекува „жив конституционализам”.
Македонскиот Уставен суд, водејќи се од оваа премиса, пред точно една година воведе две значајни новини во уставното судство. Првата, е воведувањето на она што во европското уставно судство се нарекува “интерпретативна одлука”. Суштината на овој тип одлуки е дека Судот направил првична оценка на уставноста, изразил сомнеж и повел постапка, а во Решението ги образложил своите правни стојалишта, но, ја одложува конечната одлука и одредува временски рок на доносителот на прописот за усогласување, под репресивна “закана” за укинувачка или поништувака одлука. Смислата на оваа новина е Судот да го зачува интегритетот на правниот поредок и да му остави уште една (временски ограничена) можност на органот што го донел оспорениот пропис да се корегира и да се врати во сферата на уставноста за не бидат создадени правни празнини кои би можеле да имаат сериозни импликации по поредокот.
Втората новина, претставува воведувањето на можноста, Судот да го следи остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и по свое наоѓање, да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита, кое ќе го достави до надлежниот орган.
Воведувањето на двете суштински новини во уставното судство во РС Македонија е токму резултат на креативноста, иновативноста и визионерство во толкувачката мисија на Уставниот суд, кој настојувајќи:
– да ја открие и конструира „волјата на уставотворците“,
– да го открие и усогласи „словото и духот на Уставот“,
– да ги „адаптира уставните темелни вредности и норми на променетите реалности и потреби“,
го изработи и го донесе новиот Акт на Судот, во кој се уредени таквите новини. Притоа, важно е да се нагласи дека нивното воведување е резултат на искуството и практиката со која се соочуваа судиите, резултат на иновативност ако се знае дека македонското уставно судство има sui generis карактер. Воведувањето на овие новини е резултат на судски активизам, на имплицитна надлежност која произлегува од толкувањето на темелните вредности низ призмата на „живиот конституционализам”, резултат на “саморегулација” на нешто што судиите утврдија дека е нужно и неопходно за правната држава.
Бенефитот од овој тип одлуки на Уставниот суд, веќе е потврден во два конкретни случаи, од кои едниот е успешно окончан, а другиот се уште е во тек.
По стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, 1 септември 2024 година, веќе на 25 септември, Уставниот суд ја донесе првата интерпретативна одлука. Судот со Решението поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 176, 177 и 178 од од Законот за електронските комуникации и му определи рок од 6 месеци на Собранието за измена и/или дополнување на Законот во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на ова Решение.
Во образложението, Судот го наведе следното: “Со оглед на тоа што оспорените одредби се однесуваат на задржувањето на податоци од комуникацискиот сообраќај односно т.н. мета-податоци кои се предмет на уредување и на други закони, при анализата Уставниот суд, Судот изрази сомнеж дека задржувањето на податоците за електронските комуникации на граѓаните претставува сериозно навлегување во уставно загарантираните права на почитување на приватниот живот, непровредливоста на комуникациите и правото на заштита на сигурноста и тајноста на личните податоци со кое се засегнати голем број на граѓани, практично целото население што користи телефонски уреди односно интернет”. Во образложението Судот ја наведува и причината поради која, се определил за интерпретативна одлука: ….Судот е свесен дека задржувањето на податоците за телефонските и интернет комуникациите претставува неопходно средство на органите за прогонот заради откривање и гонење на сторителите на кривични дела и заради заштита на безбедноста на државата и на граѓаните. Токму од тие причини, со цел органите на прогонот да не бидат лишени од оваа алатка за борба против криминалитетот од една страна, а граѓаните да бидат заштитени од прекумерното, непропорционално и неселективно навлегување во нивните уставно заштитени права на приватност и слобода на комуникациите, Уставниот суд одлучи да го примени член 36 став 2 од Актот ….”.
Како што може да се види, оваа одлука ги содржи сите важни елементи кои треба да ги содржи една интерпретативна одлука , а тоа се оценка, толкување и јасни насоки, причини за “привремената уставност” и рок. Она што е значајно е дека следеше интензивна комуникација и дијалог меѓу „негативниот” и „позитивниот” Законодавец, за предметот успешно да биде окончан со запирање на постапката од страна на Уставниот суд во јули 2025 год, од причини што Законодавецот донесе нов Закон кој според Судот во целост е усогласен со правните стојалишта од интерпретативната одлука.
По оваа одлука, на 12.02.2025 година, Уставниот суд поради општествената важност и исклучително високиот јавен интерес, по втор пат донесе интерпретативна одлука, овој пат за измените и дополнувањата на Кривичниот законик. Овој предмет сеуште не е окончан!
Воведувањето на интерпретативните одлуки и на посебните извештаи за уставноста како резултат на судски активизам, на креативно, иновативно, визионерско толкување на уставните вредности и норми согласно со духот на времето, со што се прошируваат на надлежностите на Уставниот суд, претставува еден вид “мека” ревизија на текстот на Уставот. На овој начин судскиот активизам, и промената на судската практика го детерминира реалниот изглед на Уставот, и на поредокот воспоставен со него, можеби и подобро отколку со експлицитните норми кои ги содржи.
Во реалноста и експлицитната и имплицинтната надлежност на Уставниот суд водат кон постојан поголем или помал исчекор надвор од надлежноста на Уставниот суд како негативен и “упад” во областа на дејствување на позитивниот законодавец. Реакциите на ваквите “упади” од страна на позитивниот Законодавец се различни и зависат од случај до случај. Дискусијата за меѓусебниот однос помеѓу позитивните и негативните законодавци е многу интересна, но никако едноставна и лесна. Во тој комплексен однос реалноста се темели на фактот што одбранбената улога на Уставниот суд во заштитата на Уставот, повеќе не е негова единствена улога денес, а во многу земји со стабилни демократии таа повеќе не е ни негова најважна улога. Во многу случаи, Уставните судови почнаа да ја утврдуваат уставната легитимност на законите што ги испитувале, а нивните одлуки во овие случаи имаа и значајни последици. Ова беше резултат на фактот што Уставните судови во втората половина на 20 век не само што го бранеа, туку и почнаа да го толкуваат Уставот. „Толкувачката” улога на уставните судови, за разлика од нивната оригинална „одбранбена” функција, имаше позитивно влијание врз промовирањето на општите стандарди и насоки за дејствување на јавните власти. На овој начин, толкувајќи го Уставот, уставните судови почнаа да им обезбедуваат на државните органи концептуални алатки и стандарди за дејствување. Затоа, Уставните судови денес повеќе немаат само одбранбена задача да го штитат Уставот, туку и важна улога во создавањето на сеопфатен правен поредок.
Ваквата “нова” улога на Уставниот суд претставува значително ограничување на моќта на законодавното тело. Самото постоење, покрај позитивниот и негативниот Законодавец, значи дека антагонизмот меѓу „двата законодавци”, е речиси неизбежен.
Но, овој антагонизам сепак може да се ублажи.
Како и другите уставни судови во Европа, така и македонскиот Уставен суд во услови на современ или т.н “нов конституционализам” напуштајќи го формализмот и приклонувајќи се кон судскиот активизам, усвои и усоврши механизми како што се интерпретативните одлуки и посебните извештаи за заштита на уставноста, кои со цел да се избегне и/или ублажи антагонизмот меѓу позитивниот и негативниот законодавец, иницираат уставна култура, дијалог, соработка, почит! Сметам дека Законодавецот во Уставниот суд треба да гледа како на “близок пријател и соработник”.
Дали вака подадената рака од Уставниот суд ќе биде прифатена од законодавецот останува да видиме!
Да заклучам, многу одамна грчкиот филозоф Хераклит има заклучено “The Only Constant in Life Is Change”. Ако е тоа така, а така е, природно се поставува прашањето како да се победи стравот од промените што исто така претставува единствена константа во животот? Одговорот не е едноставен, но прв чекор би бил да се свртиме кон самите себе и да се менуваме со почит, да ја менуваме политичката, правната, уставната култура. Да градиме општетство во кое ќе владее правото, а не човекот.
Да се одважиме и да бидеме храбри во постапките!
Предолго и во двете мои професионални кариери гледав лажна и деклараторна посветеност кон владеењето на правото, а реалната и вистинската посветенот кон таа цел во современи услови, претставува чин на највисок патриотизам!
Ви благодарам!