Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.43/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2023 и 75/2025).
Образложение
I
Мирослав Трлин од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите означени во диспозитивот на ова решение, како спротивни на член 20 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на Законот за здруженија и фондации.
Подносителот смета дека со вака предвидените одредби се губи граѓанскиот карактер на Здружението на пензионери обединети во Сојуз на пензионери и истите стануваат дел од владин орган, а со тоа се крши Законот за здруженија и фондации според кој организациите треба да бидат независни во управувањето, определувањето и остварувањето на своите цели и дејноста според Статутот во согласност со Уставот и закон.
Членовите, кои би влегле во здружението по сопствена определба, одлучуваат слободно и доброволно со давање изјава во самото здружение каде што сакаат да членуваат, а со тоа и активно да учествуваат во организирањето и работењето на истото здружение во правец на остварување на статутарните определби и реализација на усвоените програми и планови, согласно со Законот за здруженија и фондации.
Подносителот смета дека посебно треба да се нагласи дека висината на членарината и начинот на нејзината распределба не може да биде предмет на регулирање на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, туку на Законот за здруженија и фондации.
Сето тоа што е предвидено со оспорените членови не спаѓа во дејноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Имено, на пензионерите кои се членови на Здружението на пензионери, обединети во Сојуз на пензионери, им се укинуваат правата да располагаат со нивните примања по основ на пензија.
Според подносителот, вистински сопственици на паричните средства од солидарниот фонд – посмртна помош, се пензионерите кои се членови на Здружението за пензионери, на кои им се запираат паричните средства од пензијата.
Имено, пензионерите се условени да станат членови на здружението на пензионери за да учествуваат во солидарниот фонд, а тоа може да се смета за индиректна присилба бидејќи со ваквата одредба ги принудуваат пензионерите да се согласат со двете точки одеднаш иако можеби не сакаат. Со ова законско решение средствата по основ на членарината, Фондот ги дозначува на регистрираната организација составена од сојузите на здруженија на пензионери, а исплатата на посмртната помош од средствата на солидарниот фонд ја врши стручната служба на Фондот преку подрачни единици.
Понатаму според подносителот, паричните средства за солидарен фонд – посмртна помош, не треба да се уплаќаат на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка како што е предвидено во член 115 став 2, бидејќи тоа не се пари од давачки, туку тоа се средства кои се користат исклучиво за намените на Здружението на пензионерите и тие средства, според подносителот, имаат карактер на приватни средства на здружението, а не на јавни средства.
По однос на член 116, наведува дека со овој член им се одзема правото на пензионерите да располагаат со собраните средства, бидејќи законодавецот вештачки формирал „Регистрирана организација на Сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија“, која не е регистририрана во Централниот регистар на Република Северна Македонија и нема своја жиро-сметка преку која законски ќе функционира.
Со оспорениот член 117, законодавецот им ги одзел правата на пензионерите и ги пренел на регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија. Според подносителот на иницијативата, членовите на Здружението на пензионери на Македонија, можеле сами да ја вршат исплатата на посмртната помош од средствата за солидарен фонд, а не тоа да го прави стручната служба на Фондот преку подрачните единици, како што предвидел законодавецот.
Согласно со наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117, и истите да ги поништи, со што би се овозможило на пензионерите – членови на солидарниот фонд и на здруженија на пензионерите да им се даде можност со директно изјаснување во определен временски рок да се произнесат дали сакаат да се членови на солидарниот фонд или и на здружението и на солидарниот фонд, или на ниедно од напред понуденото.
II
На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2023 и 75/2025) е пропишан начинот на запирање и уплата на средства од пензијата на корисниците на пензија, за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош и членарина. Со оспорениот член 116 се уредени начинот на издвојување на посмртната помош и членарината од пензијата на корисниците на пензија, како и тоа дека висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината и начинот на исплатата на посмртната помош се уредуваат со акт на регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионери. Со оспорениот член 117 е пропишано дека стручната служба на Фондот преку подрачните единици ја врши исплатата на посмртната помош, начинот на поднесување на барањето заради исплата, како и тоа дека барањето се поднесува на образец кој го пропишува министерот за социјална политика, демографија и млади.
III
Согласно со член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд, во повеќе наврати одлучувал за уставноста на одредбите од член 115, член 116 и член 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (Решение У.бр.15/2013 од 25.09.2013 година, Решение У.бр.157/2017 од 17.10.2018 година, Решение У.бр.5/2022 од 11.05.2022 година, Решение У.бр.182/2023 од 20.12.2023 година и Решение У.бр.196/2024 од 28.05.2025 година) и утврдил дека оспорените членови од Законот, не се во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, член 20, член 30 и член 51 од Уставот.
Врз основа на наведеното, произлегува дека содржината на оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (во целина) во неколку наврати била предмет на оценување на Уставниот суд од различни уставни аспекти, вклучително и од аспект на член 20 од Уставот на којшто се повикува подносителот во предметната иницијатива, како што е претходно наведено. Оттука, имајќи предвид дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
По однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби се во спротивност со Законот за здруженија и фондации, според Судот, истите не може да бидат предмет на уставно-судска оцена, од причина што Уставниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната усогласеност на законски одредби со одредби од друг закон.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски