УЗ.бр.2/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.2/2025
Скопје, 10.09.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 септември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година, бр. 09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година пречистен текст бр. 09-6676/9 од 26.09.2024 година, донесени од Советот на Општина Карпош, објавени во „Службен гласник на Општина Карпош“ бp.16/2024.

Образложение

I

Државниот инспекторат за локална самоуправа, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива со која се оспорува уставноста и законитоста на актите наведени во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Државниот инспекторат за локална самоуправа, врз основа на член 23 став 1 од Законот за  државниот инспекторат за локална самоуправа, донел Решение бр. 02-199/1 од 11.11.2024 година, со кое ја запрел примената на оспорената програма, и истото е објавено во службено гласило и на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа во делот на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Подносителот наведува дека причините поради кои е запрена примената на прописот што е предмет на оценување на законитоста, се дека Советот на Општина Карпош на 52-ра седница одржана на ден 26.09.2024 година ја донел Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година, бр. 09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година пречистен текст бр. 09- 6676/9 од 26.09.2024 година, меѓутоа Програмата за измена и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година, е донесена по донесување Решение за запирање на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година, бр. 11-28/1 од 03.01.2024 година.

Тоа значи дека оспорената програма претставува измена на програма која е запрена од примена, а со тоа не може да произведе правно дејство и како таква не може да остане во правниот промет.

Врз основа на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија, да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорените акти.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 точка 1 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 84/2020 и 202/2024), член 40 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија број 32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/2024, 40/2025, 101/2025, 101/2025 и 127/2025), како и Решението за запирање на објава на Програма за урбанистичко планирање за 2024 година, број 11-28/1 од 03.01.2024 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.01/24), Советот на Општина Карпош, на педесет и втората седница одржана на 26 септември 2024 година, ја донел Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година и пречистениот текст на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година, број 09-6676/9, објавени во „Службен гласник на Општина Карпош“ бpој16/2024.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3,  од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Како што е наведено во иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година пречистен текст, бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година, донесени од Советот на Општина Карпош, објавени во „Службен гласник на Општина Карпош“ број 16/24.

Согласно со член 40 став 1 од Законот за урбанистичко планирање, за изработување на урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од овој закон, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, задолжително донесуваат годишна програма најдоцна до 31 декември во тековната за наредната година.

Во конкретниот случај, Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година била во важност до 01.01.2025 година, и следствено на оваа фактичка состојба истиот не претставува предмет на уставно-судска оцена.

Имено Програмата е донесена после предвидениот законски рок за донесување и пред да започне да се применува, истата е запрена од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Тргнувајќи од фактот дека оспорената програма е од темпорален карактер и со истекот на календарската година истата повеќе не произведува правно дејство и не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски