У.бр.48/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.48/2025
Скопје, 02.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 14 став 1 алинеја 7 во делот „на“ од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 8/2008, 88/2008, 56/2009, 67/2010, 44/2011, 7/2012, 45/2012, 64/2012, 23/2013, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 31/2020 и 173/2022 и 3/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 14 став 1 алинеја 7 во делот „на“ од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 8/2008, 88/2008, 56/2009, 67/2010, 44/2011, 7/2012, 45/2012, 64/2012, 23/2013, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 31/2020 и 173/2022 и 3/2025).

Подносителот на иницијативата ги цитира оспорениот член 14 став 1 алинеја 7 од Законот за супервизија на осигурувањето и членовите 207 и 208 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и наведува дека во правниот промет треба да постојат одредби коишто се јасни, прецизни и концизни, согласно начелото на владеење на правото и смета дека кога одредбите упатуваат на примена на други одредби или примена на закон, истите треба да се јасни како не би се оставило место за двосмисленост.

Со иницијативата се бара, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 алинеја 7 во делот „на“ од Законот за супервизија на осигурувањето и истиот да го укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 14 став 1 алинеја 7 од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 8/2008, 88/2008, 56/2009, 67/2010, 44/2011, 7/2012, 45/2012, 64/2012, 23/2013, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/ 2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 31/2020 и 173/2022 и 3/2025) е уредено дека „Акционер со квалификувано учество во друштво за осигурување не може да биде лице или правно лице: …7) кое не ги почитува одредбите од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.“

III

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.

Согласно со член 38 став 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува делот „на” од член 14 став 1 алинеја 7 од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 8/2008, 88/2008, 56/2009, 67/2010, 44/2011, 7/2012, 45/2012, 64/2012, 23/2013, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 31/2020 и 173/2022 и 3/2025).

Согласно со член 14 став 1 алинеја 7 од овој закон, акционер со квалификувано учество во друштво за осигурување не може да биде лице или правно лице: … (7) кое не ги почитува одредбите од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Според член 207 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2022), со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија” бр.120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019 и 317/2020).

Во член 208 од Законот, е уредено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2022 од 04.07.2022 година, а стапил на сила на 12.07.2022 година, кога, согласно погоре наведениот член 207 од овој закон, претстанал да важи Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Оттука, произлегува дека Законот за супервизија на осигурувањето упатува на примена на одредба од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, којшто престанал да важи со денот на стапувањето на сила на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Наводите во предметната иницијатива всушност се сведуваат на барање до Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување уставност на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција на оспорениот дел од одредбата од Законот за супервизија на осигурувањето, поради неусогласеност со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, којшто е дел од правниот поредок, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Надлежноста на Уставниот суд за уставно-судска контрола не се однесува на проверка на меѓусебната неусогласеност на законите, туку Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот оцени дека во конкретниот случај, иницијативата треба да се отфрли согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд, што е во надлежност на законодавецот којшто ги креира, изменува и дополнува законите што ги донесува, а преку што се врши меѓусебно усогласување на истите.

III

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски