Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.177/2020
Скопје, 10.09.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 септември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 81 став 7 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 7/2016, 53/2013, 83/2018, 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 28/2021, 122/2021 и 60/2023).
Образложение
I
М-р Иван Колевски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива со која се оспорува уставноста на одредбата наведена во диспозитивот на ова решение.
Подносителот во иницијативата наведува дека член 81 став 7 од Законот за лековите и медицинските средства е во спротивност на член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, со што се повредува слободата на пазарот и претприемништвото, како една од темелните вредности на уставниот поредок.
Имено, подносителот наведува дека горенаведениот закон, меѓу другото, ја регулира можноста за добивање на одобрение за вршење дејност во аптека за промет на мало со лекови, притоа законодавецот пропишал услови за добивање на ваквото одобрение, а истите се однесуваат на обезбедување соодветни простории, опрема и кадар.
Според наводите во иницијативата со пропишувањето на ваквите услови, законодавецот, во оспорениот член 81 став 7 од Законот, предвидел дека за населените места во кои густината на населението е помала од 4500 жители на километар квадратен, одобрението од ставот 5 на овој член може да се издаде само ако оддалеченоста од една до друга аптека изнесува најмалку 100 метри воздушно растојание.
Ваквиот услов за добивање одобрение за отворање на аптека воопшто не се однесува на трговијата со лекови односно на ниту еден начин не е поврзан со заштита на здравјето на луѓето. Доколку определена аптека ги исполнува сите други услови за вршење на дејноста, односно располага со соодветен простор, опрема и кадар за вршење дејност на трговија со лекови, тогаш раздалеченоста на помалку од 100 метри воздушна линија од друга аптека на ниту еден начин не влијае на безбедното вршење на ваквата дејност, ниту пак за тоа постои друго објективно оправдување.
Во иницијативата е наведено дека Уставниот суд и претходно има одлучувано за одредби кои ја ограничуваат можноста за застапеност на аптеките на пазарот, со тоа што во тој случај ограничувањето се однесува на својството кое определено лице треба да го има за да може да основа компанија за вршење на дејност трговија на мало со лекови. Со Одлуката У.бр.121/2014 од 26.05.2015 година Уставниот суд зазел јасно становиште дека регулирањето на трговијата на мало со лекови не може да биде сторено на начин со кој се дава можност за монопол само на определен број лица, односно дека со тоа не смее да се врши директно влијание по однос на застапеноста на аптеките на пазарот.
Оспорената одредба, според наводите, ги крши погоре наведените принципи на кои се повикува Уставниот суд. Односно, ограничувањето на правото каде може да биде вршена аптекарска дејност, во практика доведува до монополизација на овој пазар и се врши непосредно влијание на застапеноста на аптеките на пазарот. На овој начин се создава можност да има повисоки цени и понеквалитетна услуга за самите потрошувачи.
Подносителот, исто така, наведува дека треба да се има предвид дека и трговијата со лекови на мало е либерализирана, односно секој кој за тоа има интерес може да ја врши, со исполнување на соодветни услови коишто погоре се наведени. Оттаму, основано се поставува дилемата што би било пречка за можноста за секое заинтересирано лице да отвори аптека до веќе постоечка аптека. Во иницијативата се наведува дека доколку секоја од нив ги исполнува просторните и кадровските услови, не би постоела ниту една објективна причина поради која не би можеле да ја вршат својата дејност.
Имајќи ги предвид наведените причини, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорената одредба, и истата да ја укине.
II
На седницата Судот утврди дека во член 81 став 7 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 7/2016, 53/2013, 83/2018 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 28/2021, 122/2021 и 60/2023), е пропишано дека за населените места во кои густината на населението е помала од 4.500 жители на километар квадратен, одобрението од ставот 5 на овој член може да се издаде само ако оддалеченоста од една до друга аптека изнесува најмалку 100 метри воздушно растојание.
III
Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 39 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија се пропишува дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
Согласно со член 55 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со член 81 став 3 од Законот за лековите и медицинските средства, е определено дека аптеката е правно лице. Основањето и дејноста на аптеките се врши во согласност со овој закон и Законот за здравствената заштита.
Согласно со член 81 став 7 од Законот за лековите и медицинските средства, се предвидува дека за населените места во кои густината на населението е помала од 4.500 жители на километар квадратен, одобрението од ставот 5 на овој член може да се издаде само ако оддалеченоста од една до друга аптека изнесува најмалку 100 метри воздушно растојание.
Според член 12 став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” број 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024), здравствената дејност е дејност од јавен интерес.
Со член 15 точка 38 од Законот за здравствената заштита, е дефиниран поимот „фармацевтска дејност“, кој подразбира дејност која е е дел од здравствената дејност, а која опфаќа непрекинато, континуирано снабдување со лекови и медицински помагала, нивна изработка, производство, дистрибуција и контрола, информирање, советување, консултирање и едуцирање на пациентите и здравствените работници за рационална и ефикасна употреба на лековите и медицинските помагала и следење на ефектите од употребата на лековите. Со точка 39 од истиот член се предвидува дека квалитет на здравствената заштита претставува мерки и активности со кои, во согласност со современите достигнувања на медицинската, стоматолошката и фармацевтската наука и пракса, како и знаењата и вештините на здравствените работници, се зголемуваат можностите за најповолен исход на лекување и се намалуваат ризиците од несакани последици по здравјето и здравствената состојба на поединецот и на заедницата во целина.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот, определувајќи се за слобода на пазарот и претприемништвото и заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како темелни вредности на уставниот поредок, а заради поттикнување на економскиот развој и благосостојба на потрошувачите, обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и презема мерки за спречување на ограничување на конкуренцијата.
Имено, од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, која отвора широки можности за стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не подразбира апсолутно право само на субјектите на пазарот туку и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството воопшто.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монoполско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Собранието на Република Северна Македонија, како законодавна власт, е надлежно да ги утврдува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние кои имаат своја специфичност, а се од јавен интерес и во кои се остваруваат одредени уставни права на граѓаните, како што е во случајот правото на здравствена заштита. Според тоа, секој што врши одредена дејност е должен да ги почитува правилата утврдени со закон, кои според оценката на законодавецот обезбедуваат порационално и поуспешно вршење на дејноста битна за остварување на уставните права на граѓаните и задоволување на нивните потреби и интереси, но и на заедницата во целина. Притоа, начинот на уредување на овие односи е прашање од надлежност на Собранието.
Тргнувајќи од уставната гаранција на достапност на здравствената заштита, со Законот за лековите и медицинските средства се регулираат условите според кои една аптека може да функционира, а во таа насока е и просторната оддалеченост на аптеките една од друга. Според оспорениот став 7 од член 81 од Законот, просторната оддалеченост е воведена со цел аптеките да бидат поблиску до пациентите на повеќе локации.
Од анализата на целината на Законот, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека право е на законодавецот да пропишува услови за вршење на одредена дејност согласно спецификите на дејноста, при што во овој случај приоритетни се правата на пациентите и нивното право да можат во што пократок рок, на локација која е поблиска до нив, да им бидат издадени соодветни лекови што им се потребни од здравствени причини, во однос на економските или кои било други интереси на сопствениците на аптеки да отвораат аптеки на иста локација.
Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 55 од Уставот, од причина што со определувањето на оддалеченоста на аптеките, се овозможува граѓаните да имаат полесен пристап до потребните лекови, што е во смисла на член 55 став 3 од Уставот според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради здравјето на луѓето.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и врз основа на уставно-судската анализа на оспорената одредба, Судот оцени дека истата е во согласност со наведените одредби од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски