У.бр.51/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.51/2025
Скопје, 09.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска,  д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020).

Образложение

I

Ванчо Стојанов од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, бидејќи смета дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 52 став 4 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во наводите од иницијативата подносителот наведува дека законодавецот со оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за градење, во член 6 став 1 направил интервенција во член 68 од Законот за градење на начин што пропишал рок за градба не подолг од десет години, според кој рок инвеститорите се должни да ги изградат градбите од прва и втора категорија, додека со оспорениот член 62 став 1 од Законот пропишал дека овие рокови ќе се применуваат и за одобренијата за градење издадени до денот на влегување во сила на овие законски измени, со што, според подносителот, се повредува принципот за забрана за ретроактивно дејство на законите, предвиден во член 52 став 4 од Уставот.

Подносителот смета дека ваков услов со поставување рок за изградба на градбите претходно не бил предвиден во Законот за градење, односно инвеститорите кои претходно поднеле и добиле барање за одобрение за градба, со овие измени биле обврзани да го почитуваат рокот за градење со што се дозволувала ретроактивна примена на овој услов кој не бил поповолен за граѓаните, односно инвеститорите коишто од какви било причини не успеале да ја завршат градбата за која добиле правосилно одобрение за градење би биле изложени на ненадоместлива штета.

Ваквото ретроактивно дејство ја нарушува правната сигурност на граѓаните и не е во согласност со начелото на владеење на правото и претставува директно кршење на основните и темелните права загарантирани со Уставот.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби и истите да ги поништи како спротивни на Уставот, а до донесување конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.

II

На седницата Судот утврди дека во член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот, е уредено:

Член 6

Членот 68 се менува и гласи „(1) Инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години, од денот на правосилноста на одобрението за градење.

Член 62

(1) Одредбите од членот 6 од овој закон со кои се менува членот 68 од Законот се применуваат и за одобренија за градење издадени до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 82/2008 и 106/2008) и Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 137/13, 163/13, 27/14, 28/14, 42/14, 115/14, 149/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16, 35/18, 64/18, 168/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 244/19).

III

Владеењето на правото, забраната за повратно дејство на законите и другите прописи, освен во случаи поповолни за граѓаните и еднаква  правна положба на субјектите на пазарот се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, на кои одредби се повикува подносителот на иницијативата, а Уставниот суд како заштитник на овие вредности, согласно со член 110 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” бр. 130/2009, 124/2010, 18/2011, 18/2011, 36/2011, 49/2011, 54/2011, 59/2011, 13/2012, 39/2012, 144/2012, 25/2013, 70/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 103/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018, 168/2018 и  „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.244/2019, 18/2020, 89/2020, 279/2020, 96/2021, 227/2022, 111/2023, 115/2023, 72/2024, 224/2024, 224/2024, 255/2024, 3/2025, 17/2025, 87/2025 и 101/2025), претставува посебен закон (lex specialis) со кој се уредува градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.

Со иницијативата се оспоруваат член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020).

Од анализата на содржината на оспорената законска одредба наспрема одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата, според Судот не произлегува повреда на наведените уставни одредби поради следното:

Законодавецот со член 6 став 1 од од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020) пропишал дека се менува член 68 од Законот за градење и се определува рок не подолг од десет години во кој инвеститорот е должен да ги изгради градбите од прва и втора категорија, од денот на правосилноста на одобрението за градење.

Со член 62 став 1 од оспорениот закон, се определува дека одредбите од член 6 од овој закон со кои се менува член 68 од Законот за градење ќе се применуваат и за одобренија за градење издадени до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со Законот за градење, односно определениот рок не подолг од десет години од денот на правосилноста на одобрението за градење ќе важи и за претходните одобренија за градба добиени пред стапување на сила на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за градење.

Законот за градење, покрај тоа што ги уредува прашањата во врска со градењето и други прашања од значење за градењето, го уредува и рокот за изградба којшто важи за новите и претходно добиените одобренија за градење од прва и втора категорија на градби, што е предмет на оспорување со иницијативата.

Согласно со член 57 ставови 1 и 2  од Законот за градење, под „Категоризација на градби“, законодавецот таксативно ги категоризира градбите од прва и втора категорија, додека во член 58 ставови 1 и 2 од Законот дефинира дека градби од прва категорија се градби од значење за Републиката, а градби од втора категорија се градби од локално значење.

Согласно со горенаведеното, при утврдување на јавниот интерес законодавецот ги поделил овие две категории на градби на прва и втора категорија и како такви тие објекти и изведување на работите се од значење за Републиката и од локално значење со таксативното набројување на објектите и изведувањето на дејствијата.

Со сега оспорените член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за  изменување и дополнување на Законот за градење, законодавецот предвидел рокот за градење на овие градби да не биде подолг од десет години од денот на правосилноста на одобрението за градење, правило коешто се однесува и за одобренијата кои биле добиени за градба пред стапување на сила на овие измени, за што подносителот на иницијативата смета дека со ваквото уредување се нарушува принципот на забрана за ретроактивно дејство на законите, со оглед дека ваков услов за определување рок за изградба на градбите претходно не бил предвиден со Законот за градење.

По однос на прашањето за рокот за изградба на градбите од прва и втора категорија, законодавецот во неколку наврати направил измена на основниот текст пропишан во член 68 од Законот. Имено, законодавецот во основниот текст на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/09), во точка 4 под наслов „Рок за изградба“ во член 68 предвидел:

(1) Инвеститорот е должен градбата да ја изгради во определен рок.
(2) Рокот за изградба се определува во зависност од видот на градбата, односно:
1) градбите од прва и втора категорија треба да се изградат во рок не подолг од десет години од денот кога одобрението за градење станало правосилно;
2) градбите од трета категорија треба да се изградат во рок не подолг од шест години од денот кога одобрението за градење станало правосилно и
3) градбите од четврта и петта категорија треба да се изградат во рок не подолг од четири години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/11), законодавецот со член 36 извршил измена во членот 68 став (2) точка 1 така што зборовите “и втора“ се бришат. Во ставот (2) точка 2 зборот “трета“ се заменува со зборот “втора“. Точката 3 се брише.

Со вака направената измена, одредбата гласи:

(1) Инвеститорот е должен градбата да ја изгради во определен рок.
(2) Рокот за изградба се определува во зависност од видот на градбата, односно:

1) градбите од прва категорија треба да се изградат во рок не подолг од десет години од денот кога одобрението за градење станало правосилно,

2) градбите од втора категорија треба да се изградат во рок не подолг од шест години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/13), законодавецот извршил измена на член 68 на начин што во член 12 предвидел:

„Членот 68 се менува и гласи „Инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години.“

Со сега оспорениот член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/20), законодавецот повторно го променил членот 68 кој гласи:

(1) Инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години, од денот на правосилноста на одобрението за градење.

Од анализата на содржината на наведените одредби од Законот за градење, произлегува дека роковите за градбите од прва и втора категорија биле предвидени во член 68 уште со основниот текст на Законот кој во неколку наврати претрпел измени, но измената која се однесува на усогласување на рокот за градбите од прва и втора категорија односно измената со која е пропишан рок не подолг од десет години, законодавецот ја донел уште со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/13), што значи дека со сега оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/20), законодавецот само прецизирал од кога започнува да тече веќе пропишаниот рок, односно уредил дека рокот тече од денот на правосилноста на одобрението за градење.

Ваквата анализа укажува дека рокот за изградба не подолг од десет години за двете категории градби не бил непознат за  инвеститорите како што е наведено во иницијативата и не преставува повреда на принципот за забрана на ретроактивно дејство на законите. Со оспорениот член 62 став 1 од Законот, само се доуредува моментот од кога започнува овој рок да тече, што е во интерес на граѓаните кои треба да бидат запознати со почетокот и крајниот рок на градбата.

Законодавецот има уставно овластување со закон да ги уредува прашањата кои произлегуваат од областите утврдени со Уставот, вклучително и прашањето по однос на оспореното законско решение од член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење.

Судот цени дека оспореното законско решение, не имплицира повреди на горецитираните одредби на Уставот. Законодавецот, врз основа на своето уставно овластување со закон, само прецизирал од кога започнуваат да течат веќе утврдените рокови за градба од прва и втора категорија, дотолку повеќе што станува збор за утврдено постоење на јавен интерес за градење на објекти за потребите како на државните, така и на општинските јавни служби од наведените области.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски