На 17 септември 2025 година во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 19. Седница на која е предвидено да се дискутира по осум иницијативи за оценување на уставност и законотост и едно барање за преиспитување на решение на Уставниот суд.
ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.133/2024
Оспорен: Член 17 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007 и 104/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.53/2024).
Подносител: Гордана Аџи-Спирковска
Од наводите во иницијативата:
Според подносителката на иницијативата, со оспорената одредба од Законот, на државниот правобранител му е дадено право да наплаќа трошоци по адвокатска тарифа со што е ставен во поповолна и привилегирана положба во однос на сите останати законски застапници на правни лица и во поглед на граѓани, кои лично истапуваат пред судовите и не можат да истакнат и наплатат трошоци во постапката, само затоа што не се адвокати.
2. Реферат У.бр.157/2024
Оспорен акт: Член 40 став 1 алинеја 9 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023).
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот оспорената законска одредба е нејасна и неразбирлива и остава забуна при примената. Се тврди дека извршителот меѓудругото го презема и следното извршно дејствие односно „врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување на други имотни права во стечајна постапка по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат“.
Се наведува дека оспорената одредба е спротивна на останатите одредби од Законот за извршување, како и на одредбите од Законот за стечај од причина што извршителот нема никакво учество во стечајната постапка, врз имотот на должникот.
3. Реферат У.бр.169/2024
Оспорен акт: Член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2023).
Подносител: Доне Лазаревски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност на Уставот поради повреда на правото на сопственост и повреда на владеењето на правото како темелни вредности на Уставот.
Во иницијативата се тврди дека тие се донесени без да се имаат предвид одредбите од членот 218 од Законот за извршување, што ја прават обврската невозможна и недозволена со што договорите стануваат ништовни. Дополнително, наведено е дека со ваквото уредување должниците се во привилегирана положба поради неисполнување на својот дел од договорот, за разлика од доверителите кои ја исполниле својата обврска и очекуваат поврат на сопственоста.
4.Реферат У.бр.177/2024
Оспорен акт: Терминот „привремен“ во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1996, 26/2002, 51/2003, 88/2008, 17/2011, 192/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020).
Подносител на иницијативата: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот, меѓудругото наведува дека терминот „привремен” е спротивен на членот 2 став 1 членот 4 став 1, членот 8 став 1, членот 27 став 1 од Уставот. Според подносителот терминот „привремен престој” е воведен во 1965 година и по толку години не може да биде усогласен со современите уставни вредности.
5. Реферат У.бр.82/2023
Оспорен: Член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективни договори и нивните измени („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.223/2022).
Подносител на иницијативата: Проф. д-р Ангел Ристов претседател на Синдикат на Сојузот на синдикати на вработените на Унервизитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба предвидува согласност од Министерството за финансии во подзаконски акт, Правилник, со што се ограничува правото на колективни преговори и правото на склучување на колективен догоговор. Сето оваподносителот наведува дека е во спротивност со Уставот и Законот за работните односи.
6.Реферат УЗ.бр.17/2025
Оспорен акт: Член 2 став 1 од Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови („Службен весник на Република Македонија“ бр.138/2008, 55/2013, 218/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.41/2019, 250/2019, 103/2024 и 51/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба, Советот на експерти на Агенцијата за супревизија на капитално финансирано пензиско осигурување излегол надвор од Уставот и законите, бидејќи одредбата не е во согласност со начелото на владеење на правото. Дополнително, во иницијативата е наведено и дека таков основ не постои во членот 83 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или било кој друг член на Законот.
7.Реферат УЗ.бр.18/2025
Оспорен акт: Решението УП бр.03-3232/26 од 22.01.1980 година донесено од Секретаријатот за комунални работи, урбанизам и имотно-правни односи на Собранието на Општина Охрид.
Подносител на иницијативата: Санде Пејоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека му била спроведена незаконита експропријација и злоупотреба на имотот, притоа тврдејќи дека Решение од 1980 година е втемелено на лажен јавен интерес, бидејќи на местото на куќата не е изграден јавен објект, туку приватен деловен простор кој државен правобранител го издава под кирија на обложувалници и кафулиња. Се наведува дека е повредена правната сигурност и правото на сопственост уредено со членот 30 од Уставот, бидејќи според него, му е извршено присилно иселување и рушење на куќата за три дена без да се обезбеди компензација.
II. БАРАЊЕ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА РЕШЕНИЕ НА УСТАВНИОТ СУД
1. УЗ.бр.21/2025
Оспорен акт: Барање за преиспитување на отфрлањето на иницијативата за оценување на уставност и законитост на член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци на ЗАМП (У.бр.179/2024).
Подносител иницијативата: Славко Димитров
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека отфрлањето на иницијативата e правна грешка, бидејќи според него, се занемарени правните последици. Се тврди дека распределбата на средства за 2024 година била извршена до крајот на март 2025 година и резултирала со намалени надоместоци за одредени автори(како оние кои се емитуваат ноќе) и повластување на други (популарни автори), што претставува правна последица. Според наводите, со примената на оспорениот член била предизвикана финансиска штета за авторите, вклучително и загуба од 30 до 50% од приходите за дела емитувани во ноќните часови.
ДОПОЛНУВАЊЕ НА ДНЕВНИОТ РЕД
Предложениот Дневен ред за 19. седница се дополнува со следните точки:
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
Реферат У.бр. 28/2025
Оспорен: Делот „целост” од член 77 став 4 од Законот за акцизите
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Содржина на оспорениот акт: Производите кои во целост или делумно содржат материи кои не се од тутун, но ги исполнуваат критериумите од член 78 став 1 или член 80 став 1 од овој закон се сметаат за цигари или тутун за пуштење.
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот спорен е делот „целост” бидејќи овозможува при прераспоредување на едно добро кое не е евидентирано или определено како акцизно добро, да се определи како такво и да му се додели таква тарифна ознака и со тоа да стане акцизно добро и на така „новоопределеното акцизно добро” да се пресметува акциза која вообичаено не би се пресметувала, а е всушност оправдано доколку има позитивни имликации за граѓаните.
Забелешка: Предметот беше на XVIII-та седница на Судот,одржана на 10 септември 2025 година, но истиот беше одложен поради отсуство на судијата-известител.
2.Реферат УЗ.бр. 57/2025 и УЗ.бр.58/2025
Oспорен акт: Правилникот за регулирање на постапката за собирање на потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи и начинот на определување на нотарите, за локалните избори 2025 година бр.08-1708/1 од 17.08.2025 година донесен од Државната изборна комисија
Подносители: Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов
Од наводите во иницијативите:
Во иницијативата поднесена од Здружението „Светски македонски конгрес”, подносителот наведува дека со донесување на оспорениот Правилник е напревена повреда на Изборниот законик и член 8 став 1 алинеја 3 и 5, членовите 22, 23, 51, 54, 61 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Подносителот тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции. Во иницијативата поднесена од Стевче Стојанов е наведено дека со оспорениот правилник се повредени член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51, 61 и 68 став 1 елинеја 2 од Уставот. Според наведеното во иницијативата, во точка 4 од Правилникот, Државната изборна комисија уредила норма за поддршка на кандидатска листа за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник поднесени од “група избирачи” која треба да биде потпишана од најмалку двајца избирачи и со тоа уредување, ДИК излегла надвор од законските рамки и се ставила во улога на Законодавач.
III.ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА:
У.бр. 148/2023
Оспорен акт: Правилник за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2023)
Подносител на иницијативата: Кренар Лога
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот правилник е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ спротивно на членот 52 од Уставот поради тоа што не е испочитуван уставниот рок за објавување на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
На 25.06.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98 од 10.05.2023 година). https://ustavensud.mk/archives/35314
