Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија во студиска посета на Уставниот суд на Република Хрватска

Четиричлена делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија предводена од генералниот секретар, м-р Виолета Ѓорѓиевска, на 4 септември 2025 година оствари студиска посета на Уставниот суд на Република Хрватска во рамките на веќе воспоставената билатерална соработка на двата суда со цел запознавање и размена на најдобрите искуства од уставно-судската пракса на Уставниот суд на Република Хрватска.

Во текот на посетата се организираше работилница предводена од генералниот секретар на Уставниот суд на Република Хрватска, Сања Трговац и виши правни советници, на која беа презентирани надлежностите на Уставниот суд на Република Хрватска, со посебен осврт на индивидуалната контрола – уставна тужба и апстрактната контрола во однос на оценката на уставноста и законитоста на закони и други прописи.

         

Воедно, на работилницата беше презентиран и програмот Лотус Нотес, категоризацијата на уставно-судската пракса на Судот и работата на Центарот за евиденција и документација. Беа разменети искуства во однос на организациската поставеност на Уставниот суд на Република Хрватска во однос на Службата на уставно-судските службеници.

Во неколкудневната посета, делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија оствари и работна средба со застапникот на Република Хрватска пред Европскиот суд за човекови права, Штефица Стажниќ, на која беше презентиран начинот на функционирањето на Кабинетот за застапување на Република Хрватска пред Европскиот суд за човекови права.