На 10 септември (среда) 2025 година во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 18. седница со Дневен ред на кој е предвидено да се дискутира за десет иницијативи во кои е оспорена уставност или законитост.
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.177/2020
Оспорен: Член 81 став 7 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.28/2021, 122/2021 и 60/2023).
Подносител на иницијативата: Иван Колевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, односно според наводите се повредува слободата на пазарот и претприемништвото. Се тврди дека Законодавачот предвидел дека за населени места за кои густината на населението е помало од 4500 жители на метар квадратен одобрение за аптека може да се издаде само ако најблиската друга аптека е најмалку 100 метри воздушно растојание. Според подносителот, со одредбата се прави монопол на пазарот и се врши непосредно влијание на застапеноста на аптеките.
2. Реферат У.бр. 199/2023
Оспорен: Член 46 став 1 и член 62 став 1 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Подносител: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба се прави забуна при примената и се нарушува правната сигурност на граѓаните.
3. Реферат У.бр. 103/2024
Оспорен: Член 78 став 1 алинеја 3 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 25/2018 и 233/2018)
Подносител: ИЛКОМ ПСС ДОО преку законски застапник Симеон Петров
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата ја оспорува правната поука уредена во оспорената одредба, во која не пишува дека приговорот задолжително треба да го состави адвокат, бидејќи граѓанинот може да згреши и приговорот да го даде без адвокатски печат, спорот да го изгуби без да се разгледа оправданоста на наводите. Со ова уредување според наводите, во Законот не се гарантира правната заштита на сопственоста бидејќи без да се разгледа основаноста на доверителовото побарување, должникот е треба да му плати на доверителот доколку приговорот го даде без адвокатски печат. Според подносителот, законодавачот обезбедил повеќе права на доверителот во споредба со оние на должникот со што доверителот и должникот не се еднакви пред законот.
4. Реферат У.бр. 152/2024
Оспорени: Член 2, член 4 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Подносител: Комора на извршители на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека во оспорените одредби започнатите постапки за наплата на побарувања ќе завршат во согласност со новите одредби за застареност од истиот закон, што според подносителот недвосмислено станува збор за повратно дејство на законот. Се тврди дека ова е спротивно на член 52 став 4 од Уставот. Подносителот смета дека Законот преку член 4 има повратно дејство, бидејќи тој се применува на „незавршени односи“, коишто всушност се конечно утврдени со правосилна судска одлука. Понатаму, се наведува дека оспорените законски одредби се спротивни на правото на сопственост загарантирано со членот 30 од Уставот, бидејќи според него побарувањето коешто е утврдено со правосилна судска одлука се смета дека е сопственост на доверителот, а донесувањето на оспорените законски одредби воопшто не се заснова на легитимна цел и не е во согласност со принципот на пропорционалност. Подносителот, смета дека одредбата од членот 2 од Законот е нејасна, конфузна и остава простор за различно толкување при нејзината практична имплементација, а членот 5 е спротивен на член 52 став 4 од Уставот бидејќи со оспорената законска одредба се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на РСМ“ без притоа да биде наведена ниту една причина или образложение зошто Законот треба итно да влезе во сила со денот на објавувањето на законот.
5. Реферат У.бр.241/2024
Оспорен акт: Членовите 1, 2, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/2024).
Подносител на иницијативата: Тони Јакимовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените членови се во спротивност со членовите 8 став 1 алинеја 3,51,52 став 4 и 54 став 1 од Уставот и укажува дека разрешувањето на претседателот и членовите на РСБСП пред истекот на мандатот од 4 години, без аргументи и без претходно утврден основ за тоа како што би бил одреден вид на одговорност, не е во согласност со уставните одредби за владеењето на правото и правната сигурност.
6. Реферат У.бр. 28/2025
Оспорен: Член 77 став 4 во делот „целост“ од Законот за акцизите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019, 143/2019, 225/2019, 275/2019, 77/2021, 57/2022, 209/2023 и 265/2024) .
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Содржина на оспорениот акт: Производите кои во целост или делумно содржат материи кои не се од тутун, но ги исполнуваат критериумите од член 78 став 1 или член 80 став 1 од овој закон се сметаат за цигари или тутун за пуштење.
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот спорен е делот „целост” бидејќи овозможува при прераспоредување на едно добро кое не е евидентирано или определено како акцизно добро, да се определи како такво и да му се додели таква тарифна ознака и со тоа да стане акцизно добро и на така „новоопределеното акцизно добро” да се пресметува акциза која вообичаено не би се пресметувала, а е всушност оправдано доколку има позитивни имликации за граѓаните.
7. Реферат У.бр. 31/2025
У.бр.31/2025
Оспорен акт: Член 172 став 3 во делот „500.000“ од Законот за јавните набавки (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 87/2021 и 14/2025)
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека не е доволно јасно, зошто од административната проверка се исклучени јавните набавки до 500 000 евра во денарска противвредност, а се однесуваат на стоки и услуги. Според подносителот, на тој начин се ствара нееднаквост на пазарот и правна несигурност, што е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
8. Реферат У.бр.46/2025
У.бр.46/2025
Оспорен акт: Член 160 став 6 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 76/2020, 178/2021 и 58/2024).
Содржина на одредбата: На иста единица на универзитет не можат да бидат избрани во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања, лица кои се родени по крв во прва линија до кој и да е степен.
Подносител на иницијативата: Кристина Димитријевиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорениот член е противуставен бидејќи секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Се тврди дека оспорената одредба е дискриминирачка, со што и ги загрозува уставните права и е попречена да направи избор во професијата, како и да напредува во кариерата и во научното и интелектуално творештво, од причини што нејзин роднина од прва линија е редовен професор на Медицинскиот факултет и член на наставно-научен совет кој брои 147 членови.
9.Реферат У.бр.217/2024
Оспорен акт: Уредба за националната рамка на високообразовните квалификации („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2010).
Подносител на иницијативата: Васе Андриевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот во иницијативата наведува дека Владата со оспорената Уредба, конкретно во членот 13 не го вклучила поранешното вишо образование (VI степен прв циклус), додипломски студии-целата завршена студиска програма три години (31 испит), поради што во правниот промет се изедначува со VI степен, кратки циклуси-делумно завршени студиски програми во рамките на првиот циклус, една до две години (10 до 20 испити), што е спротивно на член 9, член 44 и член 51 од Уставот. Се наведува и дека е спротивен на Законот за високото образование и Законот за националната рамка на квалификациите, со што се врши повреда на правата на граѓаните кои се засегнати.
10.Реферат УЗ.бр.2/2025
Оспорен акт: Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програма за урбанистичко планирање за 2024 година пречистен текст бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година, донесени од Советот на Општина Карпош, објавена во „Службен гласник“ бр.16/2024 година.
Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа, в.д. директор Хаќим Рамадани
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Програмата не е во согласност со законот. Се тврди дека Советот на Општина Карпош, донел Програма која претходно е запрена со Решение за запирање од страна на градоначалникот на Општина Карпош.