У.бр.242/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.242/2024
Скопје, 09.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р  Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичка геодетска управа и сл.)“ од Уредбата за спроведување на постапката за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2000).

Образложение

I

Александар Наумовски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавната установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичката геодетска управа и сл.).” од Уредбата за спроведување на постапката за денационализација („Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000).

Подносителот наведува дека оспорената одредба со нејзината правна нејасност, непрецизност и нестандардна форма за посредно докажување, е во спротивност со членовите 1 и 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2000 од 30.05.2000 година пречистен текст).

Според подносителот, оспорената одредба е во спротивност со постоењето на прописите врз основа на кои бил одземен имотот во корист на државата. Имено, подносителот наведува дека „Решението на Президиумот на АСНОМ, со кое е пропишано „Не се признават никакви склучени продажби на недвижини имоти од 1941 година па навамо. “, донесено на заседанието одржано во Скопје, на 3 декември 1944 година („Службен Весник на Федерална Македонија бр.1“) и Решението за забрануење продавачка, купујачка и задолжување пољоделските земјишта, шуми, пољоделските згради и објекти, со обзир на престојекјата аграрна реформа на Сојузниот Министер за внатрешните работи („Службен весник на Демократска Федеративна Југославија бр. 48, 1945“) се со Законска сила со апсолутно правно дејствие.“

Во таа насока, според подносителот, постоењето на оспорената одредба значи негирање на правната сила на горенаведените решенија.

Подносителот наведува дека оспорената одредба е во директна спротивност со членовите 1 и 2 од Законот за денационализација и на самата Уредба за спроведување на постапката за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2000), и со одредбите од членовите 1, 2 и 3 од Законот за аграрната реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија, („Службен Весник на Федеративна Република Македонија” бр.25/1945 од 5 декември 1945),  и со одредбите содржани во член 8 став 1, член 11 и член 17, член 23 став 1 точка 3 и член 34 од Правилникот за извршуење на Законот за аграрна реформа и внатрешна колонизација на територијата на Федеративна Македонија, („Службен весник на Народна Република Македонија“ бр.3/1946 од 09 февруари 1946).

Имено, според подносителот, оспорената одредба поставува услов „особено доказот дека имотот го има државата и другите државни ентитети“ кој допушта основаност само на барањата за денационализација за имотите кои државата на основа на цитираните одредби ги одземала, разделувала и ги доделувала на државни ентитети и потоа по 2 години, по други основи, правно неповрзани со цитираните одредби за присилно одземање, по основ на точка III од Наредбата за ревизија 8/1948, ги запишала во идниот Катастар на име на државните ентитети со правен имотен статус од 01.01.1948. На таков начин не овозможува основаност на барањата за денационализација изразени за имотите кои државата на основа на истите одредби ги одземала, разделувала и ги доделувала на физички лица и веднаш ги запишувала на име на физичките лица во тапијските книги. За потоа, по 2 години, по други основи, правно неповрзани со цитираните одредби за присилно одземање, ги запише во идниот Катастар со правен имотен статус од 01.01.1948 на име на истите физички лица на кои претходно им биле доделени имотите и впишани во тапијските книги.

Според подносителот, оспорената одредба е во спротивност со член 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Подносителот наведува дека со оспорената одредба, законите различно се применуваат спрема граѓаните. За едни граѓани на кои со цитираните одредби присилно им биле одземени нивните имоти, а подоцна независно од нив и нивната волја, врз основа на одредби од истиот закон, државата правото на сопственост над истите имоти го пренела и доделила на државни правни ентитети, според оспорената одредба им се признава основаноста на нивните барања за денационализација и им се враќа правото на сопственост над нивните имоти. За други граѓани на кои со истите цитирани одредби исто така и на ист начин присилно им биле одземени нивните имоти, а подоцна независно од нив и нивната волја, врз основа на одредби од истиот закон, државата правото на сопственост над истите имоти го пренела и доделила на физички лица со правен статус аграрни интересенти, според оспорената одредба, не им се признава основаноста на нивните барања за денационализација и не им се враќаат правата над нивните имоти.

Според подносителот, оспорената одредба е во спротивност и со член 54 став 3 од Уставот, според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Подносителот наведува дека со оспорената одредба и со наведените законски одредби на суштествен начин се прави повреда и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој се однесува на забраната на дискриминација. Уживањето на правата и слободите, признаени со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Подносителот во иницијативата смета дека оспорената одредба е во спротивност и со членови 8, 9, 30, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, одредбите од членови 6, 14, 17 и 18 од Европската конвенција за заштита на човековите права, член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата, одредбите од членовите 1, 2, 4 и 49 од Законот за денационализација.

Во иницијативата подносителот се повикува на одлуки на Уставниот суд кои смета дека се основа за поведување постапка во однос на оспорената одредба во оваа иницијатива, и ги наведува одлуките У.бр.120/1998 и У.бр.72/2006,

Подносителот наведува дека Уставниот суд во наведените одлуки искажал став со однос на Законот за денационализација и неговата основна цел, односно дека таа цел е враќање на имотот на поранешните сопственици на кои со присилни прописи им бил одземен тој имот. Од ова јасно произлегува дека Законот е донесен во корист на поранешните сопственици и нивните наследници. Притоа, особено треба да се има предвид дека правото на сопственост на поранешните сопственици и нивните наследници врз одземените имоти е признато со донесување на Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата подносителот исто така се повикува на различна судска пракса на Управниот суд, која е невоедначена во однос на ова правно прашање.

Подносителот во иницијативата наведува дека има повеќе случаи, каде Управниот суд во однос на исто прашање го менувал ставот иако се работело за ист состав на судии при одлучувањето.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот бара Уставниот суд  да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорената одредба и до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на овде оспорениот пропис бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи, поточно непоправливи трајни последици. Според подносителот, оспорената одредба од член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавната установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичката геодетска управа и сл.).”, предизвикува „посредна правна спротивност“ на основните одредби од членовите 1 и 2 од Законот за денационализација.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 3 став 6 од Уредбата за спроведување на постапката за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2000), кога барање за денационализација е поднесено за имот одземен без правна основа, како и кога одземањето на имотот е извршено врз основа на пропис, а притоа на поранешниот сопственик не бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање, како доказ за идентификација на одземениот имот, покрај доказите наведени во член 47 став 3 точка 3 од Законот може да се приложи секој доказ од кој на непосреден и посреден начин се утврдува дека имотот бил одземен, особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичка геодетска управа и сл.).

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 од Уставот, предвидено е дека граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од истиот член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата.  Според став 3 на овој член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон.

Врз основа на член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 1 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/98, 31/00, 42/03, 44/07, 72/10, 171/10, 55/13, 33/15 и 104/15), со овој закон се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Член 47 став 3 од Законот за денационализација пропишува кои докази се поднесуваат кон барањето за денационализација и тоа актот за одземање на имотот, доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на влегување во сила на овој закон, доказ за сопственост на имотот ако од актот за одземање на имотот не може да се идентификува одземениот имот односно неговиот сопственик и тоа: за недвижности правото на сопственост се докажува со тапија, договор, пресуда и решение и за движни предмети писмени докази (договори за прибавување, фактури и пресуди).

Со член 3 од Уредбата се уредува начинот на доставување на барање за денационализација како и потребните прилози кон барањето кои барателите треба да ги достават за да може да се утврди основаноста на истото при постапувањето од страна на органот на денационализација.

Во став 1 од член 3 пропишува дека барањето за денационализација се поднесува во два примероци. Ставовите 2, 3 и 4 пропишуваат кои докази се приложуваат кон барањето и во каква форма.

Став 5 од истиот член се однесува на потребни докази што треба да се приложат при поднесување на барање за денационализација кога се работи за имот одземен во корист на државата без правна основа и на имот отстапен на државата со изјава на волја дадена под закана и присилба.

Со став 6 од истиот член се уредува кои потребни докази треба да се приложат кога се работи за имот одземен без правна основа, како и кога одземањето на имотот е извршено врз основа на пропис, а притоа на поранешниот сопственик бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање, при што е пропишано дека во тие случаи покрај доказите од член 47 став 3 од Законот за денационализација може да се приложи секој доказ од кој на непосреден или посреден начин се утврдува дека имотот бил одземен, особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавната установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичката геодетска управа и сл.).

Од анализата на горенаведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека според член 1 од Законот за денационализација, имотот кој може да биде предмет во постапка за денационализација треба да биде одземен од страна на државата, при што во натамошниот текст на Законот се уредуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест.

Член 3 став 6 од Уредбата само го уредува спроведувањето на член 47 од Законот за денационализација, при што во истиот се уредува постапувањето во ситуации кога се работи за имот одземен без правна основа (пропишано со член 1-а став (1) точка 3 од Законот за денационализација), како и кога одземањето на имотот е извршено врз основа на пропишаното со член 1-а став (1) точка 1 и точка 2 од Законот за денационализација), а притоа и на поранешниот сопственик не бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање.

Имено, во тие ситуации каде што поранешниот сопственик или барателот не по своја вина или волја не располага со имотот, Уредбата, пропишува дека може да се приложи секој доказ од кој на непосреден или посреден начин може да се докаже дека имотот е одземен и не се бара да докаже кому е доделен или кај кого се наоѓа имотот кога се работи за физички или правни лица. Законодавецот единствено одвојува и вели особено доколку имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавната установа, јавното претпријатие и друга јавна институција, доволно е да се приложи доказ за тоа.

Судот оцени дека одредбата од член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција (исправа издадена од Републичка геодетска управа и сл.)“, нема за цел да ги стави во различна положба оние чии имоти се одземени и што сега ги има државата, од оние чии имоти се во сопственост на физички или правни лица.

Потребно е да се чита целиот член кој се однесува на ситуацијата кога барањето за денационализација е поднесено за имот одземен без правна основа, како и кога одземањето на имот е извршено врз основа на пропис, а притоа на поранешниот сопственик не бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање како доказ за идентификација на одземениот имот, тогаш за сите и тие чии имоти се кај физички или правни лица и тие чии имоти се кај државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција имаат можност да го приложат секој доказ од кој на непосреден или посреден начин се утврдува дека имотот им бил одземен.

Во таа насока Судот оцени дека за имот што станал имот на друго физичко или правно лице треба да се приложат овие непосредни или посредни докази, додека за имотот што го има државата покрај овие посредни или непосредни докази се приложува особено и доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција.

Ова претставува олеснување, но не и создавање на нерамноправна положба, во случај кога може да се докаже дека имотот не е кај физичко или правно лице, туку кај државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција.

Наведеното е со цел практично спроведување на член 47 од Законот за денационализација и во насока на заштита на правата на поранешните сопственици или барателите во постапката за денационализација, бидејќи во спротивно за секоја состојба каде што на поранешниот сопственик не бил доставен акт за одземање, или барателот нема акт за одземање не би можело да се докажува дали имало преминување на имотот на име на државата или кај друго физичко или правно лице, што би довело до негативно постапување по барањата за денационализација само заради тоа што барателот не може да приложи кон барањето акт за одземање на имотот иако истиот можеби и правно и фактички бил одземен од него или од поранешниот сопственик (правен претходник на барателот).

Оттука, сосема јасно произлегува дека оспорената одредба е во согласност со Законот за денационализација и само го овозможува спроведувањето на Законот, при што во ниту еден момент не е спротивна со Уставот или другите законски прописи, ниту пак задира во правата на сопственост на други лица ниту пак ги намалува или ограничува истите во постапката за денационализација, туку напротив дава можност да се докаже дека имотот го има државата. Ова затоа што лицето со барањето не може да достави доказ од надлежната институција дека имотот е кај друго физичко или правно лице, но има можност да достави доказ ако имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавната установа, јавното претпријатие и друга јавна институција. Кон барањето за денационализација може да се достави секој  непосреден и посреден доказ за одземениот имот, а што се наоѓа кај друго физичко или правно лице.

Согласно горенаведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со одредбите од членовите 8, 9, 30, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија и одредбите од член 47 од Законот за денационализација.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски