У.бр.238/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.238/2024
Скопје, 17.07.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеја 1 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година).

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по иницијативата на Бранислав Стефановски од Тетово, со Решението У.бр.238/2024 од 16 април 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 од Одлуката наведена во диспозитивот од ова решение затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 став 1 од Одлуката со член 52 став 4 од Уставот.

II

Во текот на постапката, доносителот на оспорениот акт, до Уставниот суд достави допис број 03-7291/2 од 19.06.2025 година, со кој го известува Судот дека Советот на Општина Тетово на 19.06.2025 година, донел Одлука за измена и дополнување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт и отпад на територија на Општина Тетово бр.08-4692/2 од 05.04.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.11/2025), со бр.08-8521/2 од 19.06.2025 година, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.11/2025 од 19.06.2025 година.

Од увидот во наведената одлука, Судот утврди дека оваа одлука е донесена согласно со член 22 став 1 точка 4 и член 36 став 1 точки 10 и 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македојнија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), член 9 од Законот за комуналните дејности и член 105 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021 и 3/2025), како и врз основа на Одлуката на Советот бр.08-16725/б од 14.12.2023 година и бр.08-14772/24 од 29.12.2022 година, a врз основа на прифатена понуда од понудувачот Саубермахер Словенија, услуги за заштита на животна средина, трговија и транспорт ДОО, согласно огласот објавен на е-набавки бр.0002/2023 во Општина Тетово и договорот за ЈПП арх.бр. 09-10224/13.

Според член 1 од оваа одлука, со оваа одлука се врши измена и дополнување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територијата на Општина Тетово, бр.08-4692/2 од 05.04.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година).

Со членот 2 од Одлуката, се менува оспорениот член 3 став 1 од Одлуката и истиот гласи „Овој ценовник ќе се применува за услугите вршени по 01.05.2024 година.“

Согласно со членот 3, се задолжува Сауермахер ДОО Тетово, по барање на граѓаните, а во врска со направените измени, финансиската разлика за фактурите од 3 и 4 месец за 2024 година, да им ја компензира на граѓаните, корисници на комуналните услуги.

Во членот 4 е уредено дека врз основа на член 109 од Деловникот на Советот на Општина Тетово се задолжува општинската администрација да изготви пречистен текст на актот.

Оваа одлука, согласно со член 5, влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Тетово“.

Во Решението за поведување постапка У.бр.238/2024 од 16.04.2025 година, Уставниот суд укажа на сторен пропуст од формално-правен аспект во воведниот дел на оспорената одлука поради тоа што како правен основ за нејзино донесување, беа наведени само одредбите од Законот за локалната самоуправа, но не и релевантните одредби од Законот за комуналните дејности и Законот за управување со отпадот.

Од увидот во воведниот дел на новодонесената одлука за измена и дополнување на оспорената одлука, Судот утврди дека Советот на Општина Тетово постапил согласно укажувањето на Уставниот суд и го отстранил формалниот пропуст, така што во воведниот дел на оваа одлука како правен основ за нејзино донесување, меѓу другото, се наведени член 22 став 1 точка 4 и член 36 став 1 точки 10 и 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), член 9 од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.95/12, 163/13, 42/14, 44/15, 147/15, 31/16 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020, 255/2024, 3/2025 и 17/2025) и член 105 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021 и 3/2025).

Од погоре изнесеното произлегува дека по донесувањето на Решението У.бр.238/2024 од 16.04.2025 година, односно по поведува­њето постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година, Советот на Општина Тетово на 19.06.2025 година донел Одлука за измена и дополнување на оспорената одлука („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.11/2025 од 19.06.2025 година), каде со член 2 се менува оспорениот член 3 став 1 за кој е поведена постапка за оценување на неговата уставност.

Според член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката, законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.

Имајќи предвид дека содржината на оспорената одредба од член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година, во текот на постапката за оценување на нејзината уставност е изменета и повеќе не е во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите за запирање на постапката според горенаведената одредба од Актот на Уставниот суд.

III

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски