Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.6/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Оливер Милошевски, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, повредени со Пресудата донесена од Основниот суд во Тетово, бр. 296/23 од 23.01.2023 година и пресудите донесени од Апелациониот суд во Гостивар бр. 132/24 од 29.02.2024 година и бр.219/24 од 17.09.2024 година.
Образложение
I
Оливер Милошевски од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот со која се оспорува законитоста на Пресудата донесена од Основниот суд во Тетово, бр. 296/23 од 23.01.2023 година и пресудите донесени од Апелациониот суд во Гостивар бр. 132/24 од 29.02.2024 година и бр.219/24 од 17.09.2024 година.
Како што е наведено во барањето, подносителот всушност, бара преиспитување на оспорените пресуди, повикувајќи се на правото на правично судење.
Имено, во барањето подносителот наведува дека врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 51 од Деловникот на Судот, се обраќа до Уставниот суд бидејќи неговите уставно загарантирани права се повредени во кривична постапка во која е неправедно осуден на 6 месеци затвор.
Подносителот на барањето дава краток опис на случајот кој бил предмет во постапката во која е осуден за обид за силување за настан од 26.08.2020 година. Притоа наведува дека во наведената постапка судот погрешно ја оценил фактичката состојба и доказите изведени во постапката.
Против првостепената пресуда подносителот на барањето поднел жалба, а Апелациониот суд во Гостивар донел пресуда со која жалбата била одбиена како неоснована.
Против Пресудата на Апелациониот суд, јавниот обвинител поднел иницијатива за повреда на законитоста на постапката од причина што иако обвинетиот побарал да биде сослушан пред судот во постапката по жалба, Апелациониот суд донел пресуда без негово сослушување.
Апелациониот суд Гостивар ја повторил постапката при што била одржана јавна седница, но повторно донел пресуда со која ја одбил жалбата.
Подносителот поднел барање за повторување на постапката со нов сведок, но барањето било одбиено.
Врз основа на горенаведеното, подносителот на барањето бара Уставниот суд да го разгледа неговото барање и да утврди повреда на неговите права загарантирани со членовите 6 и 13 од Европската конвенција за човекови права, односно правото на правично судење и ефективен правен лек, членови 16, 18, 51 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија и членови 6, 14, 270 и 271 од Законот за кривична постапка, односно право на одбрана, доказна постапка, повторување на постапка, слободно оценување на докази.
Исто така подносителот бара Уставниот суд да преземе мерки за заштита на повредените права, согласно Уставот и ЕКЧП и да наложи укинување или повторување на пресудата, со цел фер и правичен процес.
II
На седницата Судот утврди дека Основниот суд во Тетово, на ден 23.01.2023 година донел Пресуда К-296/22 со која обвинетиот Оливер Милошевски од Тетово бил прогласен за виновен и осуден на 6 месеци казна затвор.
Апелациониот суд во Гостивар постапувајќи по жалбата на Оливер Милошевски од Тетово, против Пресудата на Основниот суд во Тетово од 23.01.2023 година, на ден 29.02.2024 година донел Пресуда КЖ.бр.132/23 со која ја одбил жалбата како неоснована, и Пресудата на Основниот суд Тетово, освен за делот на Одлуката за трошоци на постапката, ја потврдил. За делот на Одлуката кој се однесува на трошоците на постапката, жалба изјавила и оштетената Николина Јанчевска од Тетово при што Апелациониот суд ја уважил и го укинал тој дел од Одлуката и предметот го вратил на повторно судење.
Против Пресудата на Апелациониот суд Гостивар, јавниот обвинител поднел барање на заштита на законитоста пред Врховниот суд на Република Северна Македонија, бидејќи Апелациониот суд донел Пресуда на нејавна седница, иако изречно било побарано од страна на бранителот на обвинетиот, истиот да биде известен и повикан на седницата пред второстепениот суд. Барањето било уважено како основано и Пресудата на Апелациониот суд била укината, а предметот вратен на второстепениот суд на повторно судење.
Апелациониот суд во Гостивар на повторното судење на јавна седница одржана на 17.09.2024 година донел Пресуда КЖ.бр.219/24 со која ја одбил жалбата на обвинетиот како неоснована и првостепената пресуда ја потврдил.
Против Пресудата на Апелациониот суд во Гостивар од 17.09.2024 година, било поднесено барање за повторување на постапката и истото од страна на Основниот суд Тетово со Решението од 08.11.2024 година било одбиено како неосновано.
Против Решението на Основниот суд Тетово било поднесена жалба и истата со Решението од 16.12.2024 година од страна на Апелациониот суд била одбиена како неоснована.
Против ова решение било поднесено барање за заштита на законитоста, меѓутоа од страна на јавното обвинителство било доставено писмено известување на ден 27.03.2025 дека барањето не е прифатено.
III
Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата на граѓанинот, бара од Уставниот суд заштита на неговото право на правично судење пред редовните судови во поведена кривична постапка против него, бидејќи истото му било повредено со донесените пресуди од страна на првостепениот и второстепениот суд со кои бил осуден за кривично дело.
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локална самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Согласно со став 3 од истиот член, барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Во однос на процесните претпоставки предвидени во член 53 став 3 од Aктот на Уставниот суд, од приложената документација и фактичката состојба произлегува дека Пресудата на Апелациониот суд Гостивар е донесена на ден 17.09.2024 година. Подносителот на барањето, незадоволен од истата, поднел барање за повторување на постапката, кое на ден 04.11.2024 година со Решение од страна на Основниот суд Тетово било одбиено како неосновано, а исто така на ден 16.12.2024 година, од страна на Апелациониот суд Гостивар била одбиена и жалбата против тоа решение.
Понатаму, подносителот се обратил до Јавното обвинителство со барање за заштита на законитоста против Решението од 16.12.2024 година, при што писмено бил известен дека неговото барање не се прифаќа. Со оглед на тоа дека овој акт се смета за последен во постапката, а истиот е донесен на ден 27.03.2025 година, Судот оцени дека барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот е поднесено благовремено, односно во рокот утврден со член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд.
Од содржината на член 110 алинеја 3 од Уставот, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот, правото на правична судска постапка не претставува право коешто Судот е надлежен да го штити.
Поради наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на барањето.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски