Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.15/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 ставови 1 и 2 од Законот за вршење на сметководствени работи (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.173/2022 и 47/2025).
О б р а з л о ж е н и е
I
Јовица Јовевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се повредуваат член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, сметководителите и овластените книговодители го вршат книжењето на финансиските и материјалните промени во работата на одреден субјект по систем на т.н. двојно книговодство, што се применува повеќе од петстотини години, сѐ до денес и тоа без некои значајни промени.
Кога одредено лице ќе се стекне со знаење за овој процес, тоа е трајно, за што му се доделува уверение за сметководител или овластен сметководител. Со оспорените одредби се наметнува обврска за надградување на знаењата од областа на сметководството и да се посетува обука за континуирано усовршување, со определен број часови во текот на три години.
Ова таканаречено континуирано професионално усовршување, го спроведуваат консалтинг куќи – приватни субјекти, преку организирање семинари четири до пет пати годишно, за што треба да се плати учество како предуслов за вршење на дејноста. Доколку не се уплати за обука и посета на семинари, коишто патем се од информативен карактер каде не се врши проверка на знаењата, Институтот на сметководители не дозволува на сметководителите да ги потпишат и поднесат годишните пресметки до Централниот регистар.
Според тоа, ако станува збор на примена на систем што постои толку долго време, а овластените сметководители и сметководителите го совладале и применуваат во својата работа, за што имаат и соодветно уверение, нејасно е за какво континуирано професионално усовршување станува збор и како е утврден бројот на часови коишто треба да се поминат во таквата обука.
Од друга страна, факт е дека во својата професија, сметководителите се среќаваат со промени во прописите од даночната област, платите и придонесите, амортизацијата на основни средства и слично, но тоа нема влијание на начинот на книжењето, којшто останува ист. Во однос на тие промени, може да се информираат на повеќе начини, како на пример од интернет-страница на „Службен весник на Република Северна Македонија“, потоа, преку претплата на неговите печатени изданија или на билтените кои ги издаваат приватните консалтинг куќи.
Претходно наведеното е потврда дека обврската за задолжително присуство на семинарите организирани од приватни консалтинг куќи, не претставува континуирано професионално усовршување, туку класична изнуда – ако платиш, ќе работиш.
Се наведува и дека овластените сметководители кои завршиле економски факултет, своето образование го стекнале на високообразовна установа, акредитирана од државата, каде има проверка на стекнатото знаење на начин што за секој предмет се полага, а истото се однесува и на звањата на последипломските студии, кои се стекнуваат при акредитирана високообразовна установа, а не преку семинари организирани од приватни консталтинг куќи.
Во прилог на ова, се наведува пример како при поднесувањето годишни сметки за 2023 година, на сметководителите со уверение за овластен сметководител и завршен економски факултет со степен VII/1 до Централниот регистар, не им било дозволено да поднесат и потпишат годишни сметки затоа што не платиле за присуство на семинари, додека на сметководители со завршено средно образование и платено учество на семинари тоа им било дозволено, што е доказ дека се работи за изнуда и нема никаква врска со професионално усовршување.
Обврската на сметководителите и овластените сметководители, задолжително да посетуваат обука за континуирано усовршување преку семинари организирани од приватни консалтинг куќи како обуки од информативен карактер каде не се проверува знаењето на учесниците, наместо пред акредитирани образовни установи е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од друга страна, со оневозможувањето на сметководителот и овластениот сметководител да не може да потпишуваат и доставуваат годишни сметки до Централниот регистар и покрај тоа што поседуваат соодветно уверение, се попречува работењето на субјектот основан од нивна страна, што е спротивно на член 55 став 1 од Уставот.
Со иницијативата се предлага Судот, согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби
II
На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 30 став 1 од Законот за вршење на сметководствени работи (*), заради надградување на знаењето во областа на сметководството, сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 24 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која сметководителот е впишан во регистарот на сметководители.
Исто така, Судот утврди дека оспорениот став 2 на истиот член, предвидува дека заради надградување на знаењето во областа на сметководството, овластените сметководители се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 120 часа за период од три години, при што најмалку 32 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која овластениот сметководител е впишан во регистарот на овластени сметководители.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 55 став 1 од Уставот, ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е утврдено дека Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно со член 1 од Законот за вршење на сметководствени работи (*), со истиот се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.
Во член 2 точки 1-29 од овој закон, се содржани дефиниции на одделни поими употребени во Законот.
„Сметководствени работи“ се идентификување, сортирање и обработка на податоци врз основа на сметководствени документи и водење на трговски/деловни книги за финансиските трансакции на обврзник за водење на сметководство, нивно анализирање, евидентирање и составување на годишна сметка и/или финансиски извештаи во согласност со закон (точка 1 на овој член).
„Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија“ е професионално здружение на сметководители и овластени сметководители основано согласно со овој закон (точка 3).
„Вршител на сметководствени работи“ е вработено лице кое може да биде со статус на сметководител или овластен сметководител (точка 5);
„Сметководител“ е физичко лице кое има најмалку две години работно искуство во вршење сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител и има положено испит за стекнување на статус на сметководител односно има уверение за сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и кое е запишано во Регистарот на сметководители согласно со овој закон (точка 7).
„Овластен сметководител“ е физичко лице кое има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител и има положено испит за стекнување на статус на овластен сметководител односно има уверение за овластен сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и кое е запишано во Регистарот на овластени сметководители согласно со овој закон (точка 8).
„Испит за стекнување статус на сметководител и/или овластен сметководител“ е испит што го организира и спроведува Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија согласно со одредбите од овој закон (точка 9).
„Трговец поединец – сметководител“ е физичко лице регистрирано за вршење на сметководствени работи согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, регистрирано во Регистарот на трговци поединци – сметководители согласно со овој закон (точка 10).
„Трговец поединец – овластен сметководител“ е физичко лице регистрирано за вршење на сметководствени работи согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и е регистрирано во Регистарот на трговци поединци – овластени сметководители согласно со овој закон (точка 11).
„Друштво за вршење сметководствени работи“ е трговско друштво за вршење на сметководствени работи регистрирано согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и е регистрирано во Регистарот на друштва за вршење на сметководствени работи согласно со овој закон (точка 12).
„Уверение за сметководител односно за овластен сметководител“ е документ издаден од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител (точка 23).
„Континуирано професионално усовршување“ е постојано стручно усовршување со цел за надградување на теоретските и практичните знаења и вештини заради професионално и ефикасно вршење на сметководствените работи (точка 25).
Заради унапредување и надзор на сметководствената професија, Владата на Република Северна Македонија основа Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон (во натамошниот текст: Советот), согласно член 3 став 1 од Законот.
Сметководителите и овластените сметководители на територијата на Република Северна Македонија се организираат во Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Институтот), според член 14 став 1 од Законот.
Институтот има својство на правно лице со јавни овластувања. Статусот на правно лице го стекнува со упис во Регистарот на други правни лица кој се води во Централниот регистар (став 2 на член 14).
Според член 17 став 1 од Законот, Собранието на Институтот го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители претставени преку избрани претставници од подружниците на Институтот.
Согласно со став 12 точки 7 и 18 на истиот член, Собранието на Институтот, меѓу другото, ја утврдува висината на надоместоците за издавање лиценци за работа, односно ја утврдува висината на надоместокот за континуирано професионално усовршување.
Член 25 од истиот закон предвидува дека со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за стекнување статус на сметководител или овластен сметководител и има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител.
Во член 27 став 1 од истиот закон е уредено дека лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот на пропишан образец, согласно со ставот 9 на овој член.
Во став 3 на член 30 од Законот е предвидено дека континуираното професионално усовршување од ставовите 1 и 2 на овој член се врши согласно со правилник и годишна програма за континуирано професионално усовршување донесена од Собранието на Институтот, која е усогласена со програмите за континуирано професионално усовршување на други професионални тела од областа на сметководството, ревизијата, финансиите, даноците и работните односи.
Континуираното професионално усовршување од ставовите 1 и 2 на овој член особено се спроведува преку: 1) обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи; 2) присуство на меѓународни семинари, работилници, симпозиуми и други видови организирана едукација, претходно одобрени од Институтот; 3) учество како предавач на настаните од точките 1) и 2) на овој став; 4) објавување статии во домашни публикации со каталогизација во Национална и универзитетска библиотека и меѓународни стручни публикации, претходно одобрени од Институтот; 5) менторство при практична обука од областа на сметководството на студенти со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметководител, трговец поединец – сметководител; 6) менторство на магистранти и докторанти од областа на сметководството и ревизијата со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметководител и трговец поединец – сметководител; 7) менторство при практична обука од областа на сметководството и ревизија на сметководствен приправник кое е вработено или има статус на практикант согласно со овој закон; и 8) други облици на континуирано професионално усовршување утврдени со акт на Институтот согласно со овој закон (став 4 точки 1-8 на овој член).
Според став 5 на член 30 од Законот, обуките од ставот 4 точка 1 на овој член ги спроведуваат Институтот и правни лица кои даваат услуги за советување и едукација од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи, а кои имаат одобрение за спроведување обуки за континуирано професионално усовршување издадено од Институтот и се запишани во Регистарот на правни лица кои спроведуваат обуки за континуирано професионално усовршување.
На правните лица кои даваат услуги за советување и едукација од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи им се издава одобрение за спроведување обука за континуирано професионално усовршување по претходно поднесено барање до Институтот доколку имаат вработено најмалку двајца овластени сметководители со најмалку пет години работно искуство во областа на сметководството и искуство од три години во организирање и спроведување обуки од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи (став 6 на истиот член).
Според став 8 на истиот член, сметководителот, односно овластениот сметководител е должен најмалку 60% од часовите за период од три години согласно со ставовите 1 и 2 на овој член да ги оствари преку докажани обуки кои би можеле да се потврдат и проверат, а минимум 20 часа во годината преку посета на обуките од ставот 4 точка 1 на овој член.
Обуката од ставот 4 точка 1 на овој член се одржува со физичко присуство во простории кои исполнуваат просторни и технички услови со соодветен дидактички пристап за одржување настава адаптиран на профилот и бројноста на аудиториумот или онлајн настава на основа на професионална платформа која го овозможува истото, со точна регистрација за присуство на обуката (став 9).
Просторните и техничките услови од ставот 9 на овој член кои треба да ги исполнат Институтот и правните лица кои спроведуваат обука за континуирано професионално усовршување, како и начинот за спроведување на обуките за континуирано професионално усовршување ги утврдува Управниот одбор на Институтот (став 10).
Правилникот и годишната програма за континуирано професионално усовршување, начинот на спроведување на обуките, начинот на вреднување, признавање и докажување континуирано професионално усовршување, оправданите причини за отсуство од континуирано професионално усовршување, другите облици на континуираното професионално усовршување, водењето евиденција за континуираното професионално усовршување и други работи во врска со организирањето и спроведувањето на континуирано професионално усовршување, ги утврдува Управниот одбор на Институтот по претходна согласност на комисијата за образование, обука и публикации при Институтот (став 11).
Правилникот и годишната програма за континуирано професионално усовршување се усогласуваат со Стандардот за едукација, најмалку еднаш годишно (став 12).
Согласно член 35 став 1 точки 1 до 7 од Законот, Институтот, ги води регистрите на: сметководствени приправници; сметководители; овластени сметководители; трговци поединци – сметководители; трговци поединци-овластени сметководители; друштва за вршење сметководствени работи; и правни лица кои спроведуваат обуки за континуирано професионално усовршување.
Во член 38 точка 7 од Законот е предвидено дека дисциплинската мерка – јавна опомена се изрекува на физичко лице, вршител на сметководствени работи, меѓу другото, ако не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон.
Со член 39 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи е предвидено дека дисциплинската мерка – парична казна во висина од една просечна месечна нето-плата исплатена по вработен во Република Северна Македонија за месецот во кој е изречена дисциплинската мерка му се изрекува на физичко лице, вршител на сметководствени работи, кој ќе ја повтори повредата од член 38 став 1 точка 7 од овој закон, а за која претходно му била изречена дисциплинска мерка – јавна опомена.
Според член 40 став 1 точка 1 од овој закон, дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, му се изрекува на физичко лице вршител на сметководствени работи, меѓу другото, ако продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон и покрај изречената мерка од член 39 став 2 од овој закон.
И на крајот, во член 64 став 7 (глава XII „Преодни и завршни одредби“) е предвидено дека третиот циклус на обуки започнува на 1 јануари 2025 година со примена на одредбите од членот 30 ставови 1 и 2 од овој закон.
IV
Од анализата на одредбите на Законот за вршење на сметководствени работи (*), произлегува дека сметководствените работи се дејност која се врши под услови предвидени со закон.
Правните субјекти кои може да ја вршат дејноста, се определени со Законот (трговец поединец – сметководител и трговец поединец – овластен сметководител како физички лица и друштво за вршење сметководствени работи како правно лице).
Истите мора да бидат регистрирани за вршење сметководствени работи согласно со закон, да имаат лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (во натамошниот текст од анализата: Институт) и да се регистрирани во соодветен регистар, исто така предвидени со овој закон.
Покрај вршењето на дејноста од страна на определените правни субјекти, Законот уредува и прашања кои се однесуваат на вработените кои ги вршат сметководствените работи кај истите тие субјекти.
Имено, тие лица ги вршат овие работи како професија која се остварува преку две категории-сметководител или овластен сметководител, при што за да се стекнат овие статуси, треба да се исполнат услови предвидени со истиот закон.
Сметководителите и овластените сметководители се физички лица кои треба да имаат најмалку две години работно искуство во вршење сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител и положено испит за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, односно имаат соодветно уверение од Институтот. Покрај наведеното, истите треба да се упишани во соодветниот регистар предвиден со Законот.
Во делот на унапредување и надзор на сметководствената професија, Законот предвидува основање на самостојно и независно регулаторно тело од страна на Владата на Република Северна Македонија – Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија.
Покрај регулаторно тело, во законските одредби е содржан правен основ за организирање во професионално здружение на сметководителите и овластените сметководители на територијата на Република Северна Македонија – Институт, којшто е правно лице со јавни овластувања, а кој статус го стекнува со упис во соодветниот регистар при Централниот регистар кое има надлежности пропишани со истиот закон.
Континуираното професионално усовршување на сметководителите и овластените сметководители е утврдено како нивна законска должност, при што е дефинирано како постојано стручно усовршување со цел за надградување на теоретските и практичните знаења и вештини заради професионално и ефикасно вршење на сметководствените работи за кое се плаќа соодветен надоместок кој го утврдува Собранието на Институтот.
Конкретно, со оспорените одредби предвидени се различен број часови на траење на обука за период од три години (90 часа за сметководителите, односно 120 часа за овластените сметководители) и различен минимум на број на часови на обука во текот на една година (24 часа, односно 32 часа, соодветно). Притоа и за двете категории е определен ист момент од кој почнува да тече првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска – годината која следи по годината во која истите се впишани во соодветниот регистар.
Законот, предвидува различни облици обука преку која се остварува континуираното професионално усовршување на сметководителите и овластените сметководители.
Тоа се обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи; присуство на меѓународни семинари, работилници, симпозиуми и други видови организирана едукација, претходно одобрени од Институтот; учество како предавач на првите два облици на обука; објавување статии во домашни публикации со каталогизација во Национална и универзитетска библиотека и меѓународни стручни публикации, претходно одобрени од Институтот; менторство при практична обука од областа на сметководството на студенти со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец-овластен сметководител, трговец поединец – сметководител; менторство на магистранти и докторанти од областа на сметководството и ревизијата со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметководител и трговец поединец – сметководител; менторство при практична обука од областа на сметководството и ревизија на сметководствен приправник кое е вработено или има статус на практикант согласно со овој закон.
Освен наведените, овој закон дава овластување на Институтот со свој акт, да предвиди и други облици на континуирано професионално усовршување согласно истиот закон.
За сметководителите и овластените сметководители е предвиден минимум од 20 часа во годината да посетат обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи (во проценти од вкупниот минимум часови на сите предвидени обуки со Законот, тој е 83,3% за сметководителите и 60,6% за овластените сметководители).
Исто така, утврдена е и нивна обврска, најмалку 60% од часовите за период од три години да ги остварат преку докажани обуки кои би можеле да се потврдат и проверат.
Во однос на непочитувањето на законската должност за континуирано стручно усовршување, со Законот е предвидена дисциплинска одговорност за вршителите на сметководствените работи и изрекување дисциплинска мерка – јавна опомена. Доколку се повтори оваа повреда за која претходно била изречена ваква мерка, предвидена е дисциплинска мерка – парична казна во висина од една просечна месечна нето-плата исплатена по вработен во Република Северна Македонија за месецот во кој е изречена дисциплинската мерка
И на крајот, ако физичкото лице вршител на сметководствени работи, продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон и покрај изречената мерка – парична казна, може да му се изрече дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година.
Понатаму, Законот, утврдува услови за субјектите кои, освен Институтот, може да спроведуваат обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи, како еден од облиците на обука.
Тоа се правни лица кои даваат услуги за советување и едукација од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи, кои имаат вработено најмалку двајца овластени сметководители со најмалку пет години работно искуство во областа на сметководството и искуство од три години во организирање и спроведување обуки од областа на сметководството, финансиите, даноците, корпоративното право и работните односи, на кои им е издадено одобрение за спроведување обуки за континуирано професионално усовршување од Институтот и се упишани во Регистарот на правни лица кои спроведуваат обуки за континуирано професионално усовршување.
Одобрението за спроведување обука за континуирано професионално усовршување од страна на овие субјекти се издава по претходно поднесено барање до Институтот.
Во делот на начинот и условите во кои се спроведува обуката од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи, според Законот, истата се одржува со физичко присуство во простории кои исполнуваат просторни и технички услови со соодветен дидактички пристап за одржување настава адаптиран на профилот и бројноста на аудиториумот или онлајн настава на основа на професионална платформа која го овозможува истото, со точна регистрација за присуство на обуката.
Во врска со ова, предвидено е законско овластување на Управниот одбор на Институтот, да ги утврди прашањата во однос на овие просторни и технички услови, како и начинот за спроведување на обуките за континуирано професионално усовршување.
Воедно, утврдени се овластувања за ова тело, по претходна согласност на Комисијата за образование, обука и публикации при Институтот, да ги утврди Правилникот и годишната програма за континуирано професионално усовршување, начинот на спроведување на обуките, начинот на вреднување, признавање и докажување континуирано професионално усовршување, оправданите причини за отсуство од континуирано професионално усовршување, другите облици на континуирано професионално усовршување, водењето евиденција за континуирано професионално усовршување и други работи во врска со организирањето и спроведувањето на континуирано професионално усовршување.
И на крајот, предвидена е законска обврска, Правилникот и годишната програма за континуирано професионално усовршување да се усогласуваат со Стандардот за едукација, најмалку еднаш годишно.
Едно од основните прашања кои се покренуваат со иницијативата е тоа дали пропишувањето законска должност за стручно усовршување на сметководителите и овластените сметководители е повреда на темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото.
Според Судот, воопшто пропишување должност со закон или друг пропис не може да значи повреда на владеењето на правото. Имено, тоа е еден од начините на кој се уредуваат општествените односи, при што преку општозадолжителни правила во облик на правни норми, може да се предвидат права, обврски, односно должности, но и да се предвиди одговорност и санкција за субјектите, доколку ги прекршат нормите.
Незамислив е правен поредок каде не е можно да се пропишуваат обврски и должности за правните субјекти за чие непочитување ќе бидат санкционирани и истиот да се сведе само на норми со кои се декларира, дефинира, овластува и предвидуваат права. Впрочем, стекнувањето правен статус на сметководител и овластен сметководител, подразбира овие субјекти да бидат носители на права, но и на обврски и должности.
За владеењето на правото во овој дел е единствено релевантно дали постои овластување за донесување норма. Во случајот, станува збор за оспорени одредби од закон донесен од Собранието на Република Северна Македонија, врз основа на неговото уставно овластување да донесува вакви општествени правила и поради тоа, од гледна точка на овие наводи во иницијативата, не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби.
Се разбира, ако самото пропишување законска должност не може уставноправно да се проблематизира, тоа не значи дека не може да биде проблематизиран начинот на којшто тоа е сторено или поточно, начинот на којшто тоа е нормирано од гледна точка на другите принципи на владеењето на правото или други уставни одредби.
Меѓутоа, оцена на Судот е дека оспорените одредби, се јасни и прецизни и подеднакво се однесуваат на сите сметководители, односно овластени сметководители, каде преку оценка на законодавецот, се определени број на часови на обука соодветно за секоја од двете категории и тоа за точно определен период, чие започнување е точно утврдено, при што истите се дел од закон кој е донесен и објавен на уставно пропишан начин, со што на оние на кои се однесува, им се достапни на увид условите под кои може да ја вршат својата професија.
Притоа, со други одредби од Законот, а во насока на понатамошна разработка на оспорените одредби, предвидена е можност за подзаконско уредување на исполнувањето на оваа должност, утврдени се условите за субјектите кои можат да ги организираат, обуките и други прашања од значење на исполнувањето на законската должност.
Од тие причини, не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби и по однос на другите аспекти на темелната вредност-владеењето на правото.
Понатаму, во иницијативата се содржани и наводи со кои се оспорува потребата за континуирано професионално усовршување, потоа критериумот за утврдување број на часови за обуката, можноста обуката да ја вршат приватни консалтинг куќи, наместо образовни установи и како во пракса се применуваат истите тие одредби.
Овие наводи се однесуваат на целисходноста на законското пропишување и примената на одредбите во пракса, што не може да биде основ за нивно уставноправно проблематизирање и се прашања за кои Судот нема надлежност да одлучува.
Законодавецот несомнено има право да утврдува определена политика, во случајот во областа на вршењето на сметководствени работи, да ги утврдува условите и целите на оваа дејност и условите за вршење на професијата сметководител, односно овластен сметководител.
Во таа смисла, негова оцена е да се предвиди должност за професионално усовршување и има слобода во проценката на утврдување на начинот на којшто таа ќе се врши, а особено во делот на бројот на часови кои треба да се поминат во обука.
Истото се однесува и на субјектите кои треба да ги спроведуваат обуките за професионално усовршување, за кои во Законот се утврдени условите под кои може да работат и начинот на кои може да се остварува обуката од нивна страна, што повторно е препуштено на проценка на законодавецот.
Притоа, мора да се укаже дека условите под кои овие субјекти може да ги спроведуваат обуките воопшто не се предмет на уредување на оспорените одредби, туку тие уредуваат сосема друго прашање – должноста за континуирано професионално усовршување и тоа на начин детално опишан погоре.
По однос на тоа дали со оспорените одредби се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, согласно анализата, Судот смета дека е нужно првин да се посочи и разграничи дека сметководствените работи како дејност ги вршат правни субјекти определени со Законот, трговец поединец – сметководител и трговец поединец – овластен сметководител како физички лица и друштво за вршење сметководствени работи како правно лице.
Од друга страна, сметководителите и овластените сметководители се физички лица кои ги вршат овие работи како професија и се вработени во претходно наведените субјекти.
Како второ, потребно е да се утврди предметот на уредување на оспорените одредби и на кои субјекти истите се однесуваат. Имено, со нив се пропишува должност во рамки на вршење на една професија, односно не се уредуваат прашања кои се однесуваат на условите за вршењето на дејноста од страна на трговците поединци-сметководители, трговците поединци-овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи кои се посебен вид и самостојни правни субјекти.
Според тоа, оспорените одредби не се однесуваат на наводите за пазарот и претприемништвото и не може да се разгледува нивната несогласност во однос на член 55 став 1 од Уставот.
Поради сето погоре наведено, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 30 ставови 1 и 2 од Законот за вршење на сметководствени работи (*), со член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имајќи предвид дека Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, не се исполнети условите за донесување решение, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски