Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.4/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 4 во делот „без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци“ од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019 oд 5 август 2019).
Образложение
I
Maнчо Манчев од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот дел од одредбата се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот, како и принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, правната сигурност на граѓаните како негов составен дел и уставниот принцип дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место кој произлегува од член 32 став 2 од Уставот. Причина за наведеното е тоа што законодавецот не предвидел оглас што ќе им овозможи на заинтересираните кандидати и граѓани кои ги исполнуваат условите да го остварат правото на вработување утврдено со Уставот. Подносителот смета дека оспорената одредба претставува своевиден облик на дискриминација во остварувањето на правото на вработување, бидејќи со неа се овозможува вработување на арбитрарен начин и се создава правна несигурност што го загрозува принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 од Уставот. Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорената одредба не е во духот на нормативното обезбедување на темелната вредност на нашиот уставен поредок – почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, бидејќи се работи за произволна норма која не го уредува целосно правото на вработување и истото го уредува рестриктивно, дека таа е непрецизна, двосмислена и нејасна што доведува до конфузија и арбитрарност што може да доведе до злоупотреба.
Подносителот смета дека нема оправдување за постоење на оспорената одредба, бидејќи случаите на боледување, пензионирање, отказ, смрт или друго не треба да бидат пречка да се обезбеди законита постапка во која ќе биде обезбедена еднаквост и рамноправност на граѓаните што е обврска на државните органи. Поради наведеното со иницијативата се бара одредбата од член 9 став 4 во делот „без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци“ од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на РСМ“ бр.161/2019) да биде укината.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 9 став 4 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019), лицата од ставот 1 на овој член, кои се вработуваат на постојно работно место испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго, а за кое работно место биле обезбедени финансиски средства, можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци, а по претходно обезбедена согласност од градоначалникот за општинските основни училишта односно министерот за државните основни училишта.
III
Уставни одредби
Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 32 став 1 од Уставот е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Правото на образование е гарантирано со член 44 кој предвидува дека секој има право на образование. Образованието де достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Согласно со член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Одредби од релевантните закони
Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите за вршење на професијата наставник и стручен соработник во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, засновањето на работниот однос, категориите на наставници и стручни соработници, работните задачи, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.
Во делот од Законот, насловен како „Наставници“, во членот 3 се утврдени условите кои треба да ги исполнува едно лице за вршење на работа како наставник, при што во ставот 1 од овој член е утврдено:
„Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое:
– има завршено најмалку четири години соодветно високо образование согласно со нормативот за наставен кадар утврден во наставната програма и се има стекнато со најмалку 240 ЕКТС. Квалификациите со кои се стекнуваат наставниците во основно и средно училиште припаѓаат на VI А ниво во Македонската рамка на квалификации и соодветствуваат на ниво на VI од Европската рамка на високообразовни квалификации.
– има положено стручен испит по истекот на приправничкиот стаж.
– е државјанин на Република Северна Македонија.
– го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата.“
Согласно член 9 став 1 од Законот, наставникот се избира по пат на јавен оглас и заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година. (2) Доколку вработувањето на наставникот е на постојно работно место испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго, а за кое работно место биле обезбедени финансиски средства, јавниот оглас се објавува по претходно обезбедена согласност од Министерството, за вработување на определено време до крајот на учебната година. (3) Вработувањата за нови работни места за кои се јавила потреба заради проширена дејност, зголемен број на ученици или промени во наставниот план, огласот се објавува по претходно обезбедена согласност за вработување на определено време до крајот на учебната година од Министерството за финансии преку Министерството за образование и наука. (4) Лицата од ставот 1 на овој член, кои се вработуваат на постојно работно место испразнето по основ на пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго, а за кое работно место биле обезбедени финансиски средства, можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеца, а по претходно обезбедена согласност од градоначалникот за општинските основни училишта, односно министерот за државните основни училишта.
Член 10 став 1 од Законот предвидува дека јавниот оглас од членот 9 став 1 од овој закон, се објавува во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Училиштето, пред да распише јавен оглас за вработување потребата од наставник на определено време ја обезбедува со наставник со соодветно образование и со неполн фонд на наставни часови од друго јавно училиште во општината, а за Градот Скопје од друго јавно училиште во општините во Градот Скопје, по претходно обезбедена согласност за вработување на определено работно време од Министерството.
Ставови на Судот
Одредбата од член 9 од Уставот го прокламира принципот на еднаквост според кој сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во уживањето и остварувањето на сите права и слободи гарантирани со Уставот, независно од нивното лично својство, потекло, припадност или кој и да било друг статус. Начелото на еднаквост и рамноправност на кој се заснива уживањето на сите слободи и права, во практиката најчесто се изразува како начело на недискриминација, односно забрана на дискриминација. До повреда на принципот на еднаквост и на забраната на дискриминација може да дојде кога лицето поради некое негово лично својство, припадност или статус, не може да оствари некое право или слобода, споредено со други лица во иста или слична правна положба. Оттука, различното постапување со лица кои се наоѓаат во иста или во споредлива правна положба е појдовна основа во анализата за тоа дали определена норма или определено постапување се дискриминаторски. Но, не секој различен третман претставува дискриминација. За дискриминација станува збор само тогаш кога различниот третман нема објективно и разумно оправдување, односно кога таквиот третман нема легитимна цел или кога не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со неа да се постигне.
Од погоре наведените одредби од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, произлегува дека законодавецот генерално ги дефинирал условите за потребното ниво на образование неопходно за вршење на работа како наставник во основно и средно училиште и го уредил начинот и постапката за вработување на наставниците, при што предвидел јавниот оглас да биде правило при вработувањето. Сепак, законодавецот со оспорената одредба од член 9 став 4 од Законот, дал можност, во определени случаи, лица да можат да се вработуваат како наставници и без претходно да се распише јавен оглас, што секако имплицира определено различно постапување во определена иста или слична ситуација помеѓу лицето што ќе се вработи на работно место наставник без оглас и другите лица што би можеле да конкурираат за тоа работно место доколку би бил објавен јавен оглас.
Меѓутоа, според оценката на Судот, ваквото различно постапување не претставува дискриминација од причина што станува збор за ситуации што претставуваат исклучок од правилото за засновање на работен однос врз основа на оглас. Имено, станува збор за вработување на лица на постојно работно место што е упразнето поради точно определени околности (пензионирање, боледување, отказ, смрт, преземање или друго), за кое работно место биле веќе обезбедени финансиски средства, така што не станува збор за ново вработување на ново работно место. Понатаму, работен однос без оглас може да се заснова само на определено време и тоа најмногу до три месеци, за што мора да се обезбеди претходно и согласност од градоначалникот за општинските основни училишта, односно министерот за државните основни училишта.
Вработувањето без јавен оглас во наведените случаи, според мислењето на Судот, е оправдано и не претставува дискриминација, од причина што тоа служи за исполнување на легитимна цел. Имено, на овој начин законодавецот овозможил работното место што останало упразнето поради наведените причини (од кои повеќето се непредвидливи околности), да се пополни релативно брзо, со што ќе се овозможи непрекинато и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес. Спроведувањето на редовна и целосна постапка за вработување (што би вклучила и јавно огласување) во вакви случаи би можела да предизвика прекин во наставата, што од своја страна пак би значело загрозување на правото на образование што, исто така, е гарантирано со Уставот. Фактот што со Законот точно е определено под кои услови и во кои околности може да се спроведе вработување на наставник во основно училиште без оглас, фактот дека тоа е временски ограничено вработување за кое е потребно да се обезбедат и средства и претходна согласност од надлежниот орган, според оценката на Судот, претставуваат доволни гаранции и заштита од злоупотреба на овој начин на вработување, со што се спречува самоволие и арбитрарност при вработувањето. Дополнителен аргумент е и фактот што од анализата на законските одредби во член 9 став 2 и член 10 став 2 од Законот, произлегува дека вработувањето на наставник без оглас на определено време најмногу за три месеци, всушност претставува преодна фаза што претходи на распишување на јавен оглас за пополнување на работно место упразнето поради околности како што се пензионирање, смрт, боледување, отказ итн. со наставници со соодветно образование и со неполн фонд на наставни часови од друго јавно училиште (член 10 став 2 од Законот). Доколку вработувањето на определено време треба да го покрие упразнетото работно место подолго од три месеци, како на пример до крајот на училишната година, во таков случај согласно член 9 став 2 од Законот, задолжително ќе мора да се објави јавен оглас за тоа работно место.
Од наведените законски одредби, според тоа, произлегува дека законодавецот детално го уредил прашањето за вработување на наставници во случај на упразнето место на начин што ќе овозможи пополнување на работното место со лица што се веќе наставници без притоа да се наруши, односно попречи или прекине наставната дејност и процесот на образование.
Дополнително, Уставниот суд во врска со вработувањето без јавен оглас во основното образование веќе има утврдена уставно-судска практика. Имено, Судот со Решение У.бр.256/2009 од 28 април 2010, не повел постапка за оценување на уставноста на член 82 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008 и 33/2010). Оспорената одредба тогаш предвидувала речиси идентичен исклучок од правилото за вработување по пат на јавен оглас, односно дека лицата од ставот 1 на овој член (наставници и стручни соработници) можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци. Судот во тоа решение укажал дека „Со ваквото законско решение Судот оцени дека не се нарушува уставниот принцип определен во членот 9 од Уставот за еднаквоста на граѓаните, ниту се повредува уставната определба во членот 32 став 2 од Уставот според кој секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, бидејќи како основно решение во одредбите од Законот е вработувањето со јавен оглас, а само по исклучок, заради неопходното обезбедување на воспитно образовниот кадар во процесот на основното образование се предвидува вработување на определен рок без постапка на јавен оглас, како времено решавање на кадровскиот дефицит за определен период“ и дека „неоснован е наводот во иницијативата според кој неправилно било законското решение со кое се дозволувало вработување без јавен оглас, со оглед на тоа што објавувањето на јавен оглас за потребата од вработување на соодветниот воспитно-образовен кадар во основните училишта е основно и приоритетно законско решение во Законот за основното образование, со што се обезбедува транспарентност на постапката за вработување како и достапност на работните места на сите под еднакви услови, а предвиденото вработување без јавен оглас е резервирано само по исклучок за определено време најмногу до три месеци, заради функционални причини, односно за обезбедување на неопходен кадар во определен период за непречен континуиран процес во вршењето на дејностите во доменот на основното образование и не постојат уставни пречки за законското регулирање како што е со оспорената одредба од Законот“.
Врз основа на сето наведено Судот одлучи дека со предвидената можност да се заснова работен однос на наставник на определено време до три месеци без распишување јавен оглас, во оспорениот дел на член 9 став 2 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019), не се повредува уставното начело на еднаквост од член 9, ниту пак достапноста на работното место секому, под еднакви услови, од член 32 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски