БЗСП.бр.1/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.1/2025
Скопје, 09.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав од судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА барањето на Ангелчо Бузлиев од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

Образложение

I

Ангелчо Бузлиев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата кое смета дека му е повредено со Пресудата XXXVI П4-749/22 од 25.03.2022 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ бр.3173/22 од 15.10.2024 година на Апелациониот суд Скопје.

Подносителот на барањето е тужител во постапката во која со пресудата на Основниот граѓански суд Скопје во целост му е одбиено тужбеното барање против тужениот ГЛА Холдинг ГмбХ Виена, Австрија. Во барањето ги појаснува решавачките факти кои судот ги зел предвид при одлучувањето и причините на кои судот ја засновал првостепената пресуда, ја појаснува постапката пред првостепениот суд, постапката која претходела и врз основа на која е склучен Договорот за пренос на удел со надомест помеѓу тужителот и тужениот. Појаснува дека по занимање е дипломиран инженер по агрономија, вработен во ДПТУ „Соларни македонски системи“ ДООЕЛ Валандово, кое во 2010 година го основал како единствен основач, но кое преминало во сопственост на тужениот, спротивно на договорните норми.

Според подносителот, дискриминацијата произлегува од причините поради кои се донесени двете пресуди и образложението за решавачките факти кои судовите ги зеле предвид при одлучувањето, поконкретно од материјалните докази, исказите на сведоците и застапниците дадени во корист на тужениот, за кои смета дека  се неточни и недокажани. Дискриминаторскиот однос произлегува од прифаќањето на неоснованото образложение на адвокатот на тужениот, како и исказите на сведоците и материјалните докази изнесени во корист на тужениот, наспроти сведоците и материјалните докази со кои ги побива истите, а кои судовите не ги усвоиле, дискриминирајќи го барателот поради лошата имотна состојба, за разлика од тужениот странски холдинг и неговиот финансиски моќен законски застапник. Истакнува дека иако не доставил докази во текот на постапката, сметките не му се блокирани од извршители, а компанијата ја продал на својот поранешен деловен партнер поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации.

Во барањето наведува дека тужбата требало да му биде усвоена поради ненавремен писмен одговор на тужба од тужениот, па така, одлуките на судовите се спротивни на член 9 од Уставот, со што смета дека како тужител е ставен во нерамноправна и дискриминирана положба спрема сите други лица, во други законито спроведени постапки во државата. Поради дискриминацијата, врз основа на неговата социјална припадност од член 9 од Уставот, на тужителот му е ускратено правото на уживање во придобивките од сопственоста, односно над правото на уделите во друштвото и располагањето со правото на сопственост, која неоправдано му била одземена со одлуките на судовите, а на тужениот му е овозможено да се стекне со сите права и погодности кои произлегуваат од сопственоста врз трговското друштво.

Од пресудите на судовите, за кои смета дека се неправилни и незаконити, произлегува дискриминаторскиот однос на судовите кон тужителот, бидејќи претрпел штета со загуба на сопственост над фирмата која поседува голем недвижен имот, изградена фото-напонска централа која остварува високи парични приходи, а воедно се стекнал и со обврска за надомест на трошоци.

Врз основа на наведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд да му го усвои барањето за заштита на слободи и права и да утврди дека од страна на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје е дискриминиран по основ на социјална припадност, врз основа на член 9 од Уставот и поради штетата која ја трпи, бара да му се досуди паричен надомест во висина на вредноста на спорот од  307.500,00 денари, како и надомест на сите трошоци кои ги направил во првостепената и жалбената постапка, или вкупен надомест од 633.101,00 денари.

II

На седницата Судот утврди дека Основниот граѓански суд Скопје постапувајќи по тужбата на Ангелчо Бузлиев од Скопје, против ГЛА Холдинг ГмбХ Виена, Австрија, на ден 25.03.2022 година донел Пресуда XXXVI -П4-749/22 со која тужбеното барање на тужителот против тужениот, вредност на спорот 307.500,00 денари, во целост го одбил.

Со наведената пресуда се одбива како неосновано тужбеното барање на тужителот да се поништи договорот за пренос на удел со надомест склучен помеѓу тужителот и тужениот и сопственоста над целиот удел во друштвото ДПТУ „Соларни македонски системи” ДООЕЛ Валандово, да се врати во сопственост на тужителот и да му се наложи на Централниот регистар на Република Северна Македонија да изврши бришење на сопственоста на тужениот над целосниот удел на друштвото како и да изврши упис на целиот удел во сопственост над друштвото на име на тужителот, како и да се задолжи тужениот да му ги надомести на тужителот трошоците во постапката.

Воедно, со пресудата се одбива како неосновано супсидијарното тужбено барање на тужителот за раскинување на Договорот за пренос на удел со надомест, склучен помеѓу тужителот и тужениот, заверен кај нотар и сопственоста над целиот удел во друштвото да се врати во сопственост на тужителот и да му се наложи на Централниот регистар на РСМ да изврши бришење на сопственоста на тужениот над целосниот удел на друштвото како и да изврши упис на целиот удел во сопственост над друштвото на име на тужителот, како и да се задолжи тужениот да му ги надомести на тужителот трошоците во постапката. Истовремено, со пресудата, се одбива како неоснован предлогот на тужителот за издавање на привремена мерка, да се забрани располагање и отуѓување на имотот и правата на ДПТУ „Соларни македонски системи” ДООЕЛ Валандово, за времетраење на постапката и 15 дена по правосилноста на пресудата, а тужителот, Ангелчо Бузлиев, е задолжен да му ги надомести на тужениот трошоците во постапката во вкупен износ од 106.108,00 денари во рок од 15 дена по приемот на пресудата. Поголемото барање на тужениот за надомест на трошоците во постапката за разликата од побараните до досудените, судот го одбил како неоснован.

Апелациониот суд Скопје, со Пресудата ГЖ.бр.-3173/22 од 15.10.2024 година, ја одбил како неоснована жалбата на тужителот Ангелчо Бузлиев од Скопје и пресудата на првостепениот суд ја потврдил и го задолжил тужителот да му ги надомести на тужениот трошоците во жалбена постапка во вкупен износ од 36.294,00 денари, а го одбил барањето на тужителот за надомест на трошоци по поднесената жалба.

III

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно со член 53 од Актот на Уставниот суд, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд, откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт, во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето. Во барањето, меѓу другото, потребно е да се означат слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот кои подносителот смета дека му се повредени и наводи во што се состои повредата. Со барањето се поднесува оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.

Според член 54 од Актот на Уставниот суд, барањето за заштита на слободи и права се достави на одговор до Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје, како доносители на поединечните акти.

Со одговорот од Основниот граѓански суд се достави копија од доставницата според која подносителот на барањето, Ангелчо Бузлиев, Пресудата на Апелациониот суд Скопје ја примил на 08.11.2024 година, од каде Судот утврди дека барањето за заштита на слободи и права поднесено на 08.01.2025 година од подносителот е навремено, во предвидениот рок од 60 дена, согласно со член 53 од Актот на Судот.

Имајќи ја предвид фактичката состојба по поднесеното барање за заштита на слободи и права, во смисла на член 53 од Актот на Уставниот суд, произлезе дека се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Со донесување на пресудите подносителот смета дека е дискриминиран по основ на неговата социјална припадност од страна на првостепениот и второстепениот суд, а која заштита е во рамки на надлежностите од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Дискриминација се употребува за означување на недозволено разликување, односно кога спрема лицето или група лица кои се наоѓаат во иста или слична ситуација со други лица се постапува понеповолно и тоа заради некое нивно лично својство, односно за сметка на заштитениот основ на кој лицето се повикува, поради што лицето не може да оствари некое право или слобода, како што тоа го можат другите. „Основа за дискриминација” се дефинира како лична карактеристика (статус) според која лицата се разликуваат едни од други. „Социјалното потекло” како основа за дискриминација го опфаќа наследениот општествен статус на едно лице, позицијата стекната при раѓање во одредена општествена заедница (како што се на пример, заедниците засновани на етничко потекло, религија или идеологија) или произлегува од општествената ситуација на лицето, како што е сиромаштија или бездомништво.

За остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредени слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите на чија основа се заснова барањето за заштита и за конкретната дискриминација на лицето во постапувањето на судовите. За да може Уставниот суд да се впушти во мериторно одлучување по барање за заштита на слободи и права, не е доволно само да се тврди или да се приложи конечен или правосилен поединечен акт, туку во барањето потребно е да се наведе во што се состои повредата, поради која се бара заштита, односно личната карактеристика, својство, статус или припадност на лицето кое бара заштита, како и факти и докази дека тие основи се причина за неможност да оствари право или да практикува слобода, споредбено, како што тоа го може друго лице или лица, кои се во иста или слична правна положба со барателот, поточно да се идентификува компараторот.

Oд уставно-судската практика на Уставниот суд, а и практика на Европскиот суд за човекови права, се забележува дека за мериторно впуштање по барање за заштита на одредено право, за кое се смета дека е спречено или ограничено, потребно е тоа ограничување или спречување да произлегува од актот на јавната власт, за што потребно е да се покаже prima facie (релевантни факти) за да понатаму се пристапи кон впуштање по прашањето за бараната заштита, дали органите кога одлучувале за ограничување или одземање на слобода или права, го повредиле принципот на недискриминација или не.

Тргнувајќи од елементите кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права во смисла на член 53 од Актот на Уставниот суд, Судот утврди дека во барањето на подносителот отсуствуваат наводи за неможност од остварување на слобода и право заради припадност на некоја од заштитените основи која евентуално би била причина за негова дискриминација од страна на судовите што постапувале во предметот, односно нееднаков третман со друго лице кој произлегува од неговите лични својства, односно социјалното потекло како заштитена карактеристика на кои укажува во конкретниот случај, и дали заради тој статус имал нееднаков третман наспрема фаворизираната положба на спротивната странка во постапката.

Во конкретниот случај, барањето на подносителот отсуствува со релевантни факти и докази со елементи на дискриминација, како појдовна основа од каде би можел овој суд да се впушти во одлучување по барање за заштита од дискриминација и од кои би можело да се утврди дека барателот пред надлежните судови бил нееднакво третиран во однос на тужениот, единствено и исклучиво заради различниот статус по основ на социјална припадност.

Од содржината на барањето, произлегува дека дискриминацијата му била сторена со неправилна оцена на доказите и примена на одредби од Законот за парничната постапка, поради што подносителот е незадоволен од тоа како надлежните судови ја ценеле основаноста на тужбата и доказите, па на тоа го темели своето тврдење за сторена дискриминација. Незадоволството од одлуките на надлежните судови, всушност претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционо повисок суд за права и интереси во конкретен предмет. Изнесените аспекти не се аргументи за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната судска постапка и не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на евентуална повреда на слобода и права. Имено, околноста дали одреден доказ бил ценет на начин како што судовите сметале за потребно и правилно, како и постапувањето на првостепениот суд во обезбедување на доказите и управување со постапката не се прашања од уставна надлежност.

Имајќи ги предвид изнесените наводи во барањето, Судот утврди дека во конкретниот случај причините на кои се повикува подносителот на барањето не можат да бидат доволен основ за мериторно впуштање во оцена на основаноста на поднесеното барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност, поради што, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски