У.бр.137/2017


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.137/2017
Скопје, 17.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 39 алинеи 1 и 5 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17  јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014, 188/2014, 44/2015, 193/2015, 11/2018 и 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019, 153/2019, 92/2021, 222/2024 и 59/2025).

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од страна на ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии од Скопје, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија од Скопје, Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит од Скопје, Форумот за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС од Битола и проф. д-р Трпе Стојановски од Скопје, со Решението У.бр.137/2017 година од 25.09.2024 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот наведени во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. При поведувањето постапка, Судот го примени член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд и со истото решение му определи рок од 6 месеци на Собранието на Република Северна Македонија за измена и/или дополнување на наведениот закон, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на Решението.

II

На седницата Судот утврди дека Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го усвои новиот Закон за електронските комуникации кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2025 од 4 јули 2025 година.

Согласно со член 226 од новиот Закон за електронски комуникации со наслов „Престанок на важење на постојните одредби за задржување на податоци и заштита и безбедност на податоците“, со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/14, 188/14, 44/15, 193/15, 11/18 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/21, 222/24 и 59/25).

Во член 227 од Законот уредено е прашањето за престанок на важење на постојниот Закон за електронски комуникации, така што е предвидено дека со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/14,188/14, 44/15, 193/15, 11/18 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/21, 222/24 и 59/25).

Според завршната одредба од член 228 на Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јуни 2026 година, освен членовите 205, 206 и 207 од овој закон, кои ќе започнат да се применуваат со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Одредбите од членовите 205, 206 и 207 во новиот Закон за електронските комуникации се однесуваат на прашањето за задржување на податоците. Oвие одредби се пандан на одредбите од членовите 176, 177 и 178 за кои беше поведена постапка со Решението У.бр.137/2017, со дополнувања согласно ставовите на Уставниот суд изразени во Решението У.бр.137/2017 од 25 септември 2024 година.

Така, во член 205 став 3 предвидена е обврска за операторите задржаните податоци по барање да им ги достават на надлежните органи, „под услови и постапка утврдена или со посебен закон или врз основа на барање на надлежен јавен обвинител или судска одлука“. Во член 206 е пропишан рокот од 12 месеци за чување на задржаните податоци, по што истите се уништуваат (став 4), а понатаму, во ставот 5 е пропишана и обврската за уништување на податоците до кои е пристапено и коишто биле зачувани согласно член 205 став 3, „по завршување на судска постапка со правосилна одлука или по истекот на роковите предвидени во Законот на кривичната постапка, за водење на предистражна и истражна постапка.“

Целосната содржина на членовите 205, 206 и 207 е следна:

„Обврска за задржување на податоци
Член 205

(1) Операторите се должни да ги задржат податоците за електронските комуникации од членот 207 од овој закон, што се создадени или обработени од нив при обезбедувањето на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги со цел да се овозможи достапност на овие податоци заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија.
(2) Операторите немаат обврска да ги задржат оние податоци од ставот (1) на овој член кои што тие самите не ги создале или обработиле.
(3) Операторите се должни податоците од ставот (1) на овој член и сите други неопходни информации што се однесуваат на овие податоци, по барање да им ги достават на надлежните органи, под услови и постапка утврдена или со посебен закон или врз основа на барање на надлежен јавен обвинител или судска одлука.
(4) Операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги се должни да ги обезбедат сите неопходни технички средства и организациони мерки за задржување на податоците за електронските комуникации од членот 207 од овој закон, на нивен сопствен трошок.
(5) Сите неопходни технички средства од ставот (4) на овој член не смеат да бидат поставени надвор од територијата на Република Северна Македонија.

Заштита и безбедност на податоците
Член 206

Операторите се должни особено да ги почитуваат следниве начела за безбедност на податоците од членот 207 од овој закон, и тоа:
1) податоците се со ист квалитет и се предмет на иста безбедност и заштита како и податоците во електронската комуникациска мрежа;
2) на податоците се применуваат соодветни технички и организациони мерки за заштита од случајно или незаконско уништување, случајно губење или изменување, или
пак неовластено или незаконско чување обработка, пристап или откривање;
3) на податоците се применуваат соодветни технички и организациони мерки за да се обезбеди дека до нив може да пристапат само овластени лица на операторот;
4) податоците се уништуваат од страна на операторите по истекот на периодот од 12 месеци од датумот на извршената комуникација и/или нивното генерирање и
5) податоците до кои што било пристапено и биле зачувани согласно со член 205 став (3) од овој закон, се уништуваат по завршување на судска постапка со правосилна одлука или по истекот на роковите предвидени во Законот на кривичната постапка, за водење на предистражна и истражна постапка.

Видови на податоци што се задржуваат
Член 207

(1) Операторите се должни да ги задржуваат следниве видови податоци:
а) податоци што се потребни за следење и идентификување на изворот на комуникацијата:
1) при обезбедување телефонски услуги преку фиксна или мобилна јавна електронска комуникациска мрежа:
– повикувачкиот телефонски број и
– името и адресата на корисникот или на регистрираниот корисник;
2) при обезбедување пристап до интернет, електронска пошта и до телефонски услуги преку интернет:
– доделениот кориснички код за идентификација,
– корисничкиот код за идентификација и телефонскиот број доделен за каква било
комуникација при пристап до јавната телефонска мрежа и
– името и адресата на корисникот или на регистрираниот корисник кому му била доделена адреса за интернет-протокол (ИП), кориснички код за идентификација или телефонски број за време на комуникацијата;
б) податоците што се потребни за идентификување на локацијата на комуникацијата:
1) при обезбедување на телефонски услуги преку фиксна или мобилна јавна електронска комуникациска мрежа:
– повиканите телефонски броеви и кога се работи за дополнителни услуги како што се проследување на повик или пренасочување на повик, бројот или броевите каде што се пренасочува повикот и
– името и адресата на корисникот или регистрираниот корисник;
2) при обезбедување на електронска пошта и телефонски услуги преку интернет:
– корисничкиот код за идентификација или телефонскиот број на примателот на телефонскиот повик преку интернет и
– името и адресата на корисникот или регистрираниот корисник и корисничкиот код за идентификација на примателот на телефонскиот повик преку интернет;
в) податоци што се потребни за идентификување на датумот, часот и на времетраењето на комуникацијата:
1) при обезбедување на телефонски услуги преку фиксна или мобилна јавна електронска комуникациска мрежа, датумот и часот на почетокот и на крајот на комуникацијата;
2) при обезбедување на пристап до интернет, електронска пошта и до телефонски услуги преку интернет:
– датумот и времето на пријавување и одјавување на пристапот до интернет врз основа на одредена временска зона, заедно со ИП-адресата, без разлика дали е динамичка или статичка, што е доделена од оператор на јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги што го обезбедува пристапот до интернет и корисничкиот код за идентификација на корисникот или на регистрираниот корисник и
– датумот и часот на пријавување и одјавување од услугата за електронска пошта или од телефонските услуги преку интернет, врз основа на одредена временска зона;
г) податоци што се потребни за идентификување на типот на комуникацијата:
1) при обезбедување на телефонски услуги преку фиксна или мобилна јавна електронска комуникациска мрежа, телефонската услуга што е користена и
2) при обезбедување на електронска пошта и телефонски услуги преку интернет – интернет услугата што е користена;
д) податоци што се потребни за идентификување на комуникациската опрема на корисникот или на онаа за која се смета дека е негова;
1) при обезбедување на телефонски услуги преку фиксна јавна електронска комуникациска  мрежа, повикувачките и повикуваните телефонски броеви;
2) при обезбедување телефонски услуги преку мобилна јавна електронска комуникациска мрежа:
– повикувачките и повикуваните телефонски броеви,
– меѓународниот идентитет на мобилниот корисник (IMSI) на повикувачката страна,
– меѓународниот идентитет на мобилниот уред (IMEI) на повикувачката страна,
– IMSI на повикуваната страна,
– IMEI на повикуваната страна и
– во случај на анонимна припејд-услуга, датумот и часот на почетното активирање на услугата и ознаката на локацијата (код на ќелија) од каде што била активирана услугата;
3) при обезбедување пристап до интернет, електронска пошта и до телефонски услуги
преку интернет:
– повикувачкиот телефонски број за dial-up пристап и
– дигиталната корисничка линија (DSL) или другa крајнa точкa на иницијаторот на комуникацијата и
ѓ) податоци што се потребни за да се идентификува локацијата на мобилната комуникациска опрема:
1) ознаката за локацијата (код на ќелијата) на почетокот на комуникацијата и
2) податоците за идентификување на географската локација на ќелиите со упатување на нивните ознаки за локација (код на ќелијата) за временскиот период за кој се задржуваат податоците за комуникацијата.
(2) Под телефонска услуга од ставот (1) на овој член се сметаат повици (вклучувајќи говор, говорна пошта и конференциски и податочни повици), дополнителни услуги (вклучувајќи проследување на повик и пренасочување на повик) и испраќањето пораки и мултимедијални услуги (вклучувајќи ја услугата на кратки пораки, подобрени медиумски услуги и мултимедијални услуги).
(3) Податоците од ставот (1) на овој член ги вклучуваат и податоците кои се однесуваат на неуспешните обиди за повик. Оператор нема обврска да ги задржува податоците за повици кои не се воспоставени.
(4) Операторите не смеат да ги задржуваат податоците што ја откриваат содржината на комуникацијата.
(5) Операторите се должни да ги задржат податоците од ставовите (1) и (3) на овој член за период од 12 месеци од датумот на извршената комуникација.
(6) Операторите се должни да ги задржуваат податоците за моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите корисници независно од нивната комуникациска активност. Операторите ги задржуваат овие податоци за последните 72 часа.

III

Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 39 алинеи 1 и 5 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката, законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето и ако доносителот на актот постапил во определениот рок во согласност со ставовите на Судот (член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд).

Од наведените завршни одредби на новиот Закон за електронски комуникации произлегува дека тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“ односно на 12 јули 2025 и дека истиот ќе има одложена примена од 1 јуни 2026 година, освен членовите 205, 206 и 207 кои се однесуваат на обврската за задржување на податоците, кои ќе се применуваат со денот на влегувањето во сила на новиот закон.

Од наведените одредби исто така произлегува дека оспорените одредби од членовите 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/14, 188/14, 44/15, 193/15, 11/18 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/21, 222/24 и 59/25)  престанаа да важат на 12 јули 2025 година, кога влезе во сила новиот Закон за електронските комуникации, така што тие веќе не се дел од правниот поредок.

Врз основа на наведеното Судот утврди дека се исполнети условите од член 39 алинеи 1 и 5 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) за запирање на постапката.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Д-р Дарко Костадиновски